Продолжува општата француска ракометна доминација

95

Женската репрезентација на Франција стана и европски првак, што за француските ракометни селекции и тимови беше шесто злато од последните 16 големи натпреварување во машка и во женска конкуренција во три возрасни категории (ЛШ, ЕП, СП и ЛОИ) од 2016 година

По рецептот на машката француска сениорска репрезентација, своја ракометна доминација покажува и женската селекција на Франција, која со победата над Русија со 24-21 во финалето на Европското првенство (ЕП) стигна до својата прва европска титула. Победата на Французинките дојде како реванш за поразот од Русија во финалето на Олимписките игри во Рио 2016 година. Но, со овој триумф Французинките ги обединија светската и европската круна по примерот на Норвешка, а следен предизвик за тимот на селекторот Оливие Кромбхолз ќе биде олимписката круна од игрите во Токио 2020 година.

Во моментов Французите се светски прваци за сениори, сениорки и за кадети, европски шампиони за сениорки и за јуниорки и сениорски клупски прваци, како и двојни олимписки вицешампиони и сребрени во Европа за јуниори.

За француските ракометни селекции ова беше шести златен медал од последните 16 големи натпреварување во машка и во женска конкуренција во три возрасни категории (ЛШ, ЕП, СП и ЛОИ). Франција годинава доминира и во машкиот клупски европски ракомет. Монпелје е актуелен европски првак, Нант е вицепрвак, а ПСЖ заврши на третата позиција во ЛШ.

Французите имаат и три сребрени и два бронзени медали од континенталните натпреварувања. Златна беше машката сениорска селекција на СП 2017, а со златен медал се закити и машката кадетска селекција на СП истата година. Три злата се во сопственост на женските селекции на Франција, сениорки на СП 2017 и на ЕП 2018, и јуниорките на ЕП 2017. Вицешампионската титула ја имаат и сениорите и сениорките на Франција од последните ЛОИ во Рио во 2016-та, а на второ место заврши машката јуниорска селекција на годинашното ЕП во Словенија. Трето место и бронзен медал освоија машката селекција на последното ЕП во Хрватска и машката јуниорска репрезентација на СП 2017 во Алжир.

Второто место и сребрениот медал се најголемиот успех за Русија на ЕП по пауза од 12 години. Русинките последен пат беа сребрени на ЕП во Шведска во 2006 година. Во малото финале, во мечот за бронзениот медал, Холандија славеше над Романија со 24-20.