Продолжува ловот на ѓуленисти

98

Властите во Анкара во изминативе три години спроведоа обемни дипломатско-безбедносни операции во кои се приведуваа и се бараа со потерници од странство стотици лица, за кои се верува дека тесно соработувале со организацијата на верскиот лидер во егзил Фетулах Ѓулен. Неделава барањето директно ѝ беше испорачано и на Македонија

Точно три години од обидот за државен удар во јули 2016 г. во Турција, во домашната, регионалната и во светската јавност сѐ уште се актуелни голем број дилеми и отворени прашања поврзани со немилите настани во кои загинаа повеќе од 300 лица, а околу 2.100 беа повредени, како и со сето она што потоа следуваше.
Оттогаш властите во Анкара спроведоа обемни дипломатско-безбедносни операции во кои се приведуваа луѓе и се бараа со потерници лица за кои се верува дека тесно соработувале со организацијата на верскиот лидер во егзил Фетулах Ѓулен, која, според турските власти, го организирала неуспешниот пуч.

Во меѓувреме, токму ваквите дипломатски дејствувања на Турција, која се обидува да ги врати ѓуленистите што се надвор од нејзините граници на судење во земјата, неделава беа актуализирани и во Македонија. Имено, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ги искористи неделава посетата на Скопје и средбата со неговиот колега Никола Димитров за дипломатски да ја притисне нашата држава да ги екстрадира турските државјани, за кои во Анкара веруваат дека се дел од она што Реџеп Таип Ердоган го нарекува Фетулахистичката терористичка организација (ФЕТО).
Според Чавушоглу, ФЕТО е терористичка организација со мрежа во држави во светот, која претставува закана и за Македонија, и во таа насока, тој очекува конкретни чекори од македонските власти.

Димитров истакна дека Македонија сака да ѝ помогне на пријателска Турција.
– Имаме политичка волја да помогнеме, но немаме докрај одврзани раце поради домашниот и меѓународниот правен систем – рече тој.
Во април, пак, на темава свое излагање за медиумите имаше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој изјави дека во земјава имало 15 припадници на организацијата ФЕТО.
– Моите информации говорат дека станува збор за 15 лица, од кои двајца веќе не се на територијата на нашата држава – кажа тогаш министерот Спасовски.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски истакнува дека е нормална работа политичките процеси што се активни во Турција да допрат до Македонија, па и оние поврзани со приведувањето на ѓуленистите.

Тоа е така бидејќи станува збор за Турција, која е најмоќната држава во широкото опкружување и која има силно влијание на Балканот и во светот.
– Јас верувам дека Македонија и покрај блиските политички и традиционални врски, кои ги има со Турција, нема да ги испорача нашите граѓани што Анкара ги сомничи за ѓуленисти, ако тие не направиле некакво кривично дело во државата. Овој процес сам по себе е комплициран бидејќи во него е инволвиран и вториот наш стратегиски партнер во НАТО – вели аналитичарот.

Инаку, веднаш по обидот за воен преврат во Турција, македонското издание на државната турска новинска агенција „Анадолија“, без никаква ограда, во Македонија како упориште на ФЕТО ги обележа училиштето „Јахја Кемал“, агенцијата „Башак турс“, неделникот „Заман Македонија“, организациите „Седеф“, „Шафак“ и „Толеранс“, синџирот маркети ЕВАР и транспортната компанија „Реинбоу“. Лани весникот „Заман“, како и другите печатени изданија во земјава, доби субвенции од Владата во износ од 15.000 евра, за веднаш потоа да ги врати откако турската амбасада реагираше дека македонската држава „финансирала терористичка организација“.

Министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски во интервју за БИРН уверуваше дека „Заман“ самоиницијативно се откажал од парите. Поповски беше дециден дека Владата не побарала медиумот да се повлече во име на добрите односи со Турција, но набргу потоа весникот го згасна своето печатено издание и опстојува само на интернет.

[email protected]