Прогресивна папазјанија, вторпат

1678

СДСМ покажа истрајност во воведувањето на прогресивниот данок, и покрај иритацијата на важни сегменти на популацијата, што укажува на три можни причини: управување со перцепции, економски или идеолошки

Кога во април годинава се отвори дебатата за прогресивниот данок, како замена на рамниот персонален данок, ретко кој очекуваше дека даночните измени ќе бидат актуелни во истата година. Најверојатно бидејќи предлогот се чинеше недоволно обмислен, поткрепен, конфузен и наиде на голем отпор кај голем дел од бизнис-заедницата, но и од многу поддржувачи на СДСМ. Тогаш, како што пишував во „Прогресивна папазјанија 1 и 2“, беше потребна дебата од идеолошка до методолошка. Почетниот проблем за кој е наменета мерката прогресивен данок не е спорен, не е спорно дека во земјата има голема социјална нееднаквост и дека се потребни мерки за социјална правда. Спорни се дефинициите за богат, нееднаквоста во даночниот третман и намената на собраните средства.

За дефинициите за богат. Додека за сиромаштијата има дефиниран праг (околу 250 евра за четиричлено семејство), за тоа што значи богат немаме прифатена дефиниција. Дали е богатство плата што е надомест на труд, без разлика на висината? Или богатство се приходи од капитал, како изнајмување имот или дивиденди? Дали е богат некој што има 1.000 евра плата, а е единствениот што работи во семејството? Се чини дека дистанцата од еден спроти шест меѓу сиромаштија (250 евра) и богатство (1.500 евра) е многу мала. Тоа што се промени од април до ноември е дека се подигна прагот од 1.000 на 1.500 евра, а со тоа се намали бројот на опфатени лица на 1 процент. Повеќето од овие граѓани се на раководни позиции, концентрирани во сектори како финансии, ИТ, енергетика, накратко тоа се луѓето што ја водат оваа економија, па и политиката. Тие веќе го плаќаат својот дел. Често за возврат добиваат помалку, бидејќи користат приватни услуги наместо државни услуги. Точно е дека и доколку ја напуштат земјата, ќе заминат во земја каде што се плаќа повеќе данок. Да, тоа се земји каде што не само што се плаќа повеќе данок туку и се добиваат повеќе и подобри државни услуги отколку во Македонија. Е, тука, во дилемата од типот на кокошката и јајцето, што е прво данокот или услугите, многу простор има за подобрување на услугите.

Дали првиот чекор за праведност е повеќе данок за тие што веќе плаќаат најмногу (во апсолутни износи)? Дали не треба да биде првиот чекор да почнат да плаќаат данок тие што воопшто не плаќаат – учесниците во неформалната економија? Најмалку една четвртина од македонската економија е неформална, има неформална вработеност од 18,5 проценти во 2016 година, има скриени плати, исплати во кеш, за кои не се плаќаат придонеси, има даночни дупки итн. Дали е логично и праведно Владата да постигне сите да плаќаат данок, а потоа тие што имаат повисоки примања? Да. Кога Владата ќе ги сузбие неформалната економија и вработеност и скриените плати, може да се дебатира за прогресивен персонален данок. И уште една дилема, дали е Владата подготвена и за прогресивен данок на добивка? Големите корпорации, како „Телеком“, да плаќаат повисок данок на добивка од микро и малите претпријатија? Дали и тоа е праведно? Или друга дилема, дали социјална праведност може да се постигне со намалување на даноците на социјално ранливи лица?

Доколку се воведе прогресивен персонален данок, дебата заслужува и намената на собраните средства. Нашата држава и буџет се оптоварени со социјални трансфери и веројатно здраворазумски е да се очекува новите приходи да се наменат за развојни проекти. И доколку бидат наменети за социјални проекти, исто така здраворазумски е тоа да биде за работно неспособно население. Целосно неразумно е да се изедначи нивото на социјалната помош (приматели се работоспособни лица) со нивото на минимална плата, бидејќи со тоа ќе се поттикнува неработење. И да, ќе се поттикнуваат неформалната економија и вработеност, бидејќи дел социјални случаи се неформално вработени во сектори како земјоделство, градежништво, угостителство и други услужни дејности. И од тоа најголема корист ќе имаат сопствениците на фирми што ангажираат неформални вработени, бидејќи имаат поевтини работници. И тука е таа негативна спирала, ќе се земат повеќе пари од тие што веќе плаќаат данок, за да се субвенционира неформалната економија и тие што секако не плаќаат данок.

СДСМ покажа истрајност во воведување на прогресивниот данок, и покрај иритацијата на важни сегменти на популацијата. Навистина, со подигнување на прагот на приходите и намалување на опфатот на лица засегнати од мерката, се намалува и отпорот, но, и покрај тоа, малкумина очекуваа дека во сегашната политичка ситуација Владата ќе инсистира на прогресивниот данок. Тоа укажува на три можни причини: управување со перцепции, економски или идеолошки. Од страна на управување со перцепции. Прогресивниот данок се врати на сцената речиси по половина година, во која единствена точка на политичка дебата е договорот за името. Во основа, ова е прва дебата за економски прашања што го стави договорот за името во втор план. И ова е мој прв текст надвор од договорот за името, по многу текстови посветени на таа тема. И, секако, ѝ претходеше неколку дена на презентацијата на Планот 18 за реформската агенда, што би означило враќање на земјата на другите приоритети.

Пократкорочно можеби се оттргна вниманието од други мерки, како зголемување на придонесите. Од економска страна, Владата го отвори неизбежниот процес на намалување на растечкиот долг, со зголемување на приходите и на буџетот и на фондовите, што е, секако, за поздравување. И од идеолошка страна, изборот на прогресивниот данок укажува на левичарско јадро, особено во Министерството за финансии, што инсистира на идеолошки пристап. И тоа не може да биде лошо, бидејќи ќе направи разлика меѓу десницата, која е за рамен данок, и левицата, која е за прогресивен данок, а ние граѓаните ќе имаме избор.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek