Програмата „Шер“ на „Танц-фест“

864

Во рамките на „Танц-фест“, а во соработка со универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, од денеска до 21 април, ќе се одржи програмата насловена „Шер“ на која ќе учествуваат девет европски академии и танцови универзитети: „Антон Брукнер“ од Линц и Универзитетот за музика и уметност на градот Виена од Австрија, Академијата за култура од Латвија, Академијата за музика и театар од Литванија, Национална академија за театарска уметност во Краков, конзерваториумскиот центар „Данкан“ од Прага, Академија за современ танц од Будимпешта, Академијата за изведувачки уметности од Братислава и Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Над сто млади уметници, студенти и професори од денес пристигнуваат во Скопје каде што ќе се одржуваат и работилниците за современ танц, кои ги водат професори од академиите и универзитетите од програмата. На сцената на центарот за култура „Ацо Шопов“ во три последователни вечери на 19, 20 и 21 април, со почеток во 20 часот ќе бидат изведени девет современи танцови претстави.
„Шер“ првпат се одржа минатата година во Братислава, Словачка за да се постави платформа за соработка на млади современи танчари. Во Братислава фестивалот ќе се одржува секоја втора година, а во меѓувреме ќе патува низ земјите-учеснички. Прво гостување на фестивалот е во Македонија.