Проблемот „малцинство“

1409

Волшебна работа е демократијата, онака како што ја сфаќаме денес, фабрикувана на Запад: секому му дава права. Но таа е и најконтрадикторно нешто: нејзиниот дискурс, главно структуриран под влијание на западната прагматска световна филозофска мисла и невообичаено прагматичното католичко сфаќање на Бога (во кое со индулгенција и гревовите се откупуваат со пари), постојано мултиплицира страшни антономии. Тоа е дискурс што, како и Уроборос, си ја брка опашката за да се голтне себеси. Она што од логичка гледна точка во тој дискурс на демократијата изгледа беспрекорно точно и кохерентно, од морална гледна точка се покажува – неодржливо. И обратно: она што е „морално“ е скарано со логиката.

Појдовната премиса на денешнава демократија е: секому треба да му се дадат исти права. Во таа премиса, која стана шлагер на демократијата во последниве децении, посебно место има одредницата „малцинства“. Без никаква праксеолошка основа, без емпириски аргументи, автоматски и глобално, се пласира тезата дека малцинствата со години биле запоставувани, секаде по планетава. Се разбира, тоа е генерализација, а генерализацијата, како најбрз и најлесен начин на мислење и решавање проблеми, често стои спроти вистината.

„Малцинското прашање“ е дел од денес омиленото „демократско“ израмнување на различните идентитети, што е пак изум на постмодерната филозофија, која доведе до тоа не само ѓулето и пердувот да имаат иста тежина туку и зборовите со кои ги означуваме. Тоа „демократско израмнување“ на идентитетите, во случајот на малцинствата, оди вака. Порано, во добата на логичкото мислење, мнозинството си беше ИДЕНТИТЕТСКО мнозинство: А = А, при што под второто А се подразбираше „повеќето од сите луѓе“. Малцинството беше Б = Б, при што под второто Б се подразбираше „помал број од сите луѓе“. Тоа беше доба на идентитетите, во која секое нешто си беше рамно на самото себеси, за да може воопшто да постои. Но западното „демократско мислење“, кое на постмодерен деридијански начин стана против здравата логика (нарекувајќи ја логоцентрична, па дури и фал(ус)огоцентрична, алудирајќи на „владеењето на мажите“), се сети дека Б може да биде А. Б=А. Малцинството треба да ги има сите права како и мнозинството, особено затоа што во одредниците „повеќето луѓе“ и „помал број луѓе“ заедничка класема е „луѓе“. И тука нема ништо спорно. Секој човек мора да има исти права како и друг човек, без разлика дали припаѓа на голема или мала заедница. Последица на тоа би било, во една колективна смисла, дека нема „мали“ и големи „народи“ ниту „мали“ и „големи“ социјални групи. И дека нема привилегиран човек.

Но проблемот е подлабок: ако Б стане исто што и А (Б=А), тогаш веќе нема причина да постои „посебно Б“ и „посебно А“, зашто Б станува А и А станува Б. Малцинството станува мнозинство, што значи дека, логички погледнато, се укинува значењето на „малцинство“. Тоа значи: сите сме граѓани (луѓе), а не мнозинство или малцинство. Но погледнете: во практиката се инсистира дека Б (малцинството) сепак се разликува од А (мнозинството) и дека НЕ САКА ДА СЕ СТОПИ СО НЕГО. Значи, Б сака да стане А, ама сака и да си остане Б (станува мнозинство, ама сака да остане И малцинство).

Односно, да ги задржи своите специфики. Па дури и да добие нови: Б = А (+ В + Г + Д). Така, Б кое сакало да стане А и станало А, логички ја оправдува својата различност од А, ама станува и ПОШИРОК ПОИМ од малцинството, зашто ги вклучува и оние карактеристики (повластици: В, Г, Д) што мнозинството може и да ги нема. Така, иако Б станало А (на пример, хомосексуалците ги добиле истите права како и хетеросексуалците да склучуваат брак), Б посакува, и го добива и правото В (да посвои или „роди“ дете) и Г (да го воспитува и одгледува, односно да биде родител-старател). Тоа што развојната психологија на детето предупредува дека животот со два „родитела“ од ист пол може да доведе до сериозни деформации на личноста, се премолчува. Тој „луксуз“, таа привилегија да воспитува дете експериментирајќи со неговата психа, ја нема, на пример, хетеросексуалниот брак, во кој, ако само еден од родителите е зависник (од алкохол или комар, во најмала мера), детето се одзема и се распределува на воспитување во институција, или се дава на посвојување. Така, Б станува А, ама и повеќе од А. Им се извинувам на припадниците на ЛГБТ-заедницата што нив ги земам за пример, затоа што не сакам да политизирам и да земам пример за национални, верски и други малцинства. Изјавувам дека не сум против ЛГБТ, дури имам и одлични пријатели меѓу нив со кои сум дискутирал на оваа тема, но едноставно не можам да се откажам од моите ставови, како што не барам и од нив да се откажат од своите; само се трудам да ги разберам.

Оттука, како последица на ова „демократско“ уривање на основниот закон, законот на идентитетот (А=А и Б=Б, зашто не може во исто време некој да биде и А и Б, како што не може во исто време крушата да биде и круша и банана), малцинствата од страна на мнозинствата денес се доживуваат многу често како закана. Се јавува чувство дека малцинствата раководат со мнозинствата и дека управуваат со нивните постапки. Не треба многу докази за тоа: поради демократската можност што им се дава на истополовите бракови да раѓаат по вештачки пат деца или да ги посвојуваат, постои можност и во формуларите што се однесуваат на мнозинството (хетеросексуалци), за новородените деца да не стои веќе „Татко“ и „Мајка“, туку „Родител 1“ и „Родител 2“. Мнозинството ќе треба да се навикне на јазикот на малцинството.
Прашањето дотука е во бенигна форма. Но прашањето изгледа страшно ако, наместо малцинство, се помисли на „зло“: ако и злото е малцинство (а мислиме дека е), тогаш дали и тоа треба да има свои права? Тероризмот, кој секогаш бил во малцинство (среќа што е така), сите овие децении си ги бара своите права (најчесто од политичка природа), или барем го казнува светот на најсурови начини, затоа што не му ги дава тие права: не треба да се оди подалеку од смртоносниот 11 септември, светски валпургиски пир на злото. Или, педофилите: зар не се и тие малцинство? Или наркоманите? Или… За да им го оспорите човековото право на сите овие малцинства законски да бидат она што се (под услов да го побараат тоа „свое право“), ќе мора да докажете дека не се луѓе, зашто и за нив важи: „помал број од сите ЛУЃЕ“.

Ќе сопрам тука, зашто се гледа огромна логичка и морална пукнатина во западниот поим на демократијата. Ќе наведам една ужасна неправда. Да не заборавиме дека и талентите и гениите се исто така малцинство. Но не сум чул дека имаат своја организација преку која ги бараат своите малцински права. Тие се тивки, како и Сенека, кога во расправата за гневот вели: „Да не ја следиме како добиток толпата, која се упатува таму каде што не треба да се оди; да не одиме таму каде што мноштвото оди“. Толку.