Принцот Бин Салман сакал преку новинарот Кашоги да испрати порака

768
Саудиска Арабија неколкупати го менувашеобјаснувањето за смртта на Кашоги

ИНТЕРВЈУ СО АЛИ СУФАН, БИВШ АГЕНТ НА ФБИ

Смртта на саудискиот новинар Џамал Кашоги не изненадува, бидејќи тој беше голема закана за кралското семејство и за принцот Мохамед Бин Салман, вели бившиот агент на ФБИ, Али Суфан, кој спровел голем број истраги против Ал каеда и за кого магазинот „Њујоркер“ своевремено напиша дека можеби ќе успеел да ги спречи и нападите против САД на 11 септември 2001 година ако ЦИА навремено му ги предадела разузнавачките податоци за терористите

Како ги објаснувате обвинувањата дека саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман, наводно издал наредба да се убие и потоа да се искасапи еден од неговите најжестоки критичари?
– Сè уште се истражува случајот и не ги знаеме сите факти за тоа што точно се случило со новинарот Џамал Кашоги. Сепак, врз основа на медиумските извештаи и според изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, тој очигледно бил ликвидиран. Зошто саудискиот принц Мохамед бин Салман наредил тој да се убие? За да дадеме одговор треба да влеземе во психата на диктаторите и на апсолутистите. Што го натера рускиот претседател Владимир Путин да реши да убива критичари среде Лондон? Бин Салман сакаше да испрати порака. Пораката гласеше: кој и да си, каде и да си, ако ми се спротивставиш, ќе те најдам. Тој сакаше пораката да биде што побрутална и мислеше дека ќе може да се извлече со неа.

Зошто Џамал Кашоги претставуваше закана за него?
– За разлика од другите саудиски опозиционери во странство, Кашоги е производ на режимот. Тој не е опозициски лидер. Тој работеше за саудиското раководство, па дури и за принцот Туки ал Фајсал, кој во еден период беше на чело на саудиската разузнавачка служба. Тој беше лицето за односи со јавноста на кралското семејство и на самото кралство. Тој навистина ја сакаше Саудиска Арабија. Многу добро знаеше како функционира системот однатре. Имаше голема доверба во Саудиска Арабија и во Западот. Беше почитуван од западните медиуми, како и од многумина во кралското семејство. Но не веруваше во неодговорното однесување на Бин Салман и гласно го критикуваше лично, но и индиректно преку колумните во „Вашингтон пост“. Замислете, некој како Џамал да му се заканува на некој како Бин Салман.

Исто така се смета дека Кашоги располагал со одредени информации за наводната вмешаност на Саудијците во терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година.
– Не мислам дека ова е поврзано со терористичките напади. Вакви информации веќе беа објавени за наводната вмешаност на Саудиска Арабија, покрај комисискиот извештај за нападите, како што се 28-те страници заедно со предлог-одлуките и писмените изјави поднесени во тужбите против кралството од страна на семејствата на жртвите. Ова не е причина за да убиете некого.

Какви ќе бидат долгорочните политички последици?
– Ако се докаже дека Бин Салман го нарачал убиството, штетата ќе биде голема. Ќе го загуби кредибилитетот во светот. Бин Салман прокоцка милиони долари што ги потроши на фирмите за односи со јавноста и на лоби-групите за да ја креираат неговата слика на реформатор. Како што изјави сенаторот Линдзи Греам, додека Бин Салман е актуелен во политиката, врската меѓу САД и Саудиска Арабија никогаш повеќе нема да биде иста. Ние имаме структурни врски со Саудиска Арабија, така што колку кралството е важно за нашата национална безбедност толку ние сме важни за неговата. Сепак, ако е точно дека Џамал бил убиен и потоа телото му било распарчено, а за тоа дал наредба саудискиот принц, тогаш таа врска никогаш повеќе нема да биде иста.

Тоа значи дека кралот мора да се дистанцира од својот син?
– Кралот треба да одлучи дали сака да ја обезбеди стабилноста на кралското семејство и на самото кралството или, пак, сака да ја обезбеди иднината на својот син. За жал, мислам дека кралот не може да ги добие двете нешта. Повторно ќе нагласам, сето ова важи само ако Бин Салман навистина издал наредба за убиство на Кашоги.

Ако се докаже дека принцот го нарачал убиството тогаш тој го сторил тоа за да ја испрати пораката дека брутално ќе заврши секој што ќе се осмели да му се спротивстави, вели Суфан