Прерано разбудена создавачка енергија

26

АНТИЦИПАЦИЈА: кога во светот на уметноста ќе се случи некој да заврши трагично, по несреќна случајност или по избор (што секогаш привлекува повеќе внимание), неговата работа нерeтко станува третирана како предвесник на смртта наместо како дел од животот и потврда на присуство и талент. Многумина се обидуваат да одгатнат кога неговата уметност почнала да го антиципира трагичниот крај и тука се заканува опасноста еден чин константно да го заматува нашето толкување и доживување на самото творештво. Таков е случајот со Франческа Вудман.

ОПУС: само за 22 години создала над 800 фотографии што на многу начини влијаат на современата фотографија и разоткриваат нови наративни потенцијали на овој медиум

БИОГРАФИЈА: Франческа Вудман е родена во Колорадо во 1959 година, во семејство на уметници. Бидејќи и двајцата родители создавале, многу рано го усвоила нивниот речиси сакрален однос спрема уметноста. Куќата секогаш била преполна со рачно насликани грнчарии, големи ѕидни слики, статуи и други уметнички дела. За Вудманови творештвото било императив.

ПОЧЕТОЦИ: во тринаесеттата година настануваат првите автопортрети. Татко ѝ и мајка ѝ ги следат делата што потоа ги создава и забележуваат неверојатна опсесија на својата ќерка да фотографира – нема испробување во сликарството или креативни скитања. Всушност, Франческа уште пред да наполни 15 години знаела дека е фотографка, и тоа не било каприц на љубопитно дете туку решеност и порив на уметница. Раните дела покажуваат доста формиран необичен стил и извонредно манипулирање со сѐ што нуди фотографијата.

АКТОВИ: кога имала 17 години родителите отишле на одмор во Италија, а Франческа одлучила да остане дома и да фотографира. Кога се вратиле од летување, Вудманови биле шокирани од сцените на фотографиите што ги направила – не само што е целосно гола на секоја фотографија туку е и во пози и со предмети што креираат бизарни но креативни инсинуации. Се чини дека многу рано станала целосно слободна и растоварена од какви било очекувања што би можеле да ѝ бидат наметнати.

РИМ: Франческа потоа оди во интернат за да си остави простор за творење и таму останува една година. Фотографиите од Рим се сѐ освен очекувани, тоа не се историски знаменитости, живописни скали, прозорци, орнаменти или споменици, тоа се автопортрети во напуштени куќи и женски модели сместени во порозни опкружувања. Од фотографиите избива отворена сексуалност каква што ѝ била својствена, следена од бурните односи во личниот живот. Слободни, но контролирани кадри. Франческа знае што сака да има на фотографијата и ништо не препушта на случајот, секој детаљ е координиран и доследен на нејзините визии. А има само 18 години.

ЉУБОВНИ ВРСКИ: несериозно ги сфаќа сексуалните односи, речиси поигрувајќи си со важноста на другите, секогаш е опкружена со некакви љубовници, но сепак запознава еден посебен – Бенџамин Мур. Бидејќи и тој се занимавал со уметност и ги делел нејзините интереси, Франческа го сметала нивниот однос за важен, по малку и како суптилна верзија на односот на своите родители. Гладна за внимание во дневникот пишува: „Не сакам да бидам толерирана, сакам да бидам посакувана“. Познато е дека Бенџамин не ја исполнил нејзината речиси невротична желба да биде обожавана и дека на некој мазохистички начин уживала во тоа. Кога односот со него завршил, таа во дневникот запишала дека не ѝ недостига тој, туку идејата за него.

ПРЕД ВРЕМЕТО: се запишува на школата за дизајн, каде што колегите го забележуваат нејзиниот единствен стил и чувствуваат мала инфериорност во однос на оваа убава и чудна девојка. Безрезервно му се препушта на истражувањето на фотографијата и му се спротивставува на секое менторство. Таа сакала признание во уметничките кругови. Сфатила дека мора да биде признаена ако сака да изложува. Одлучува да се пресели во Њујорк, работи уште поинтензивно, 24 часа дневно. Но уметничката јавност не е заинтересирана за нејзините дела, бидејќи едноставно не била визуелно дорасната на изразот на Франческа.

ПРОБИВ: се обидува да се пробие впуштајќи се во модната фотографија, со која се занимава на впечатлив начин и стил. Смета дека тоа добро ѝ оди и разочарана е што галеристите и списанијата не го делат нејзиното мислење. Вистината е дека светот на фотографијата сѐ уште не бил подготвен за овој вид слобода на изразот. Дури години подоцна и во современата фотографија нејзиниот стил ќе добие целосно признание и ќе биде инспирација за многумина денес, дури и во современата модна фотографија.

СЕНЗИБИЛИТЕТ: ни родителите ни пријателите не ја опишуваат како депресивна личност. Енергична и одлучна, но со кревка природа. Секогаш во работа, ги реализирала идеите и била маѓепсана од своите резултати. Сепак, во дневникот пишува: „Се чувствувам како да лебдам во плазма. Потребен ми е учител или љубовник. Некој што е подготвен да ризикува со мене. Толку сум суетна, а толку мазохистична. Како овие две работи воопшто можат да постојат истовремено?“

СМРТ: фотографиите што ги прави немаат мирис на смртта, кога Франческа влегува под површината на ѕидот, таа го чувствува целосно – опкружувањето сака да го претстави со сопственото тело, под површината на ѕидот така што самата станува ѕид. Во дваесеттата година работите стануваат полоши. Таа сѐ поретко фотографира, запишува во дневникот дека не знае дали може да поднесе уште една година неискреност, ставајќи до знаење дека за неа создавањето е вид искреност и единствен начин на постоењето. Остава порака до својата пријателка: „Се чувствувам како многу стар талог од кафе. Попрво би умрела и би оставила недопрени неколку успеси, добри фотографии и пријателство со тебе.“

КРАЈ: обидот за самоубиство е неуспешен и оди на терапија. Целото семејство е постојано со неа и не ја оставаат сама за да не се обиде повторно. Фотографиите што настануваат тогаш ја раскажуваат приказната за незавидната состојба во која се наоѓа. Пие лекови и се чини дека е подобро, а заштитничкото присуство што го прават пријателите и семејството попушта пред уверливоста за нејзиното оздравување. Но, сепак, скокнува од поткровје. Нејзиното тело е толку унакажено што едвај е препознатливо при идентификацијата. Нејзиното самоубиство се толкува како одраз на прерано и претерано разбудена создавачка енергија.