Преполовено саудиското производство на нафта по нападите

273

Станува збор за речиси половина од вкупното производство на нафтениот гигант „Арамко“, што може да доведе и до сериозни потреси на светскиот пазар на нафта. И покрај тоа што одговорноста за нападите ја презедоа бунтовниците Хути од Јемен, шефот на американската дипломатија Мајк Помпео го обвини Иран дека стои зад инцидентите, пренесуваат светските медиуми

Саудиска Арабија привремено го запре производството на нафта на две локации, по серијата напади со дронови што предизвикаа и големи пожари. Станува збор за речиси половина од вкупното производство на нафтениот гигант „Арамко“, што може да доведе и до сериозни потреси на светскиот пазар на нафта. И покрај тоа што одговорноста за нападите ја презедоа бунтовниците Хути од Јемен, шефот на американската дипломатија Мајк Помпео го обвини Иран дека стои зад инцидентите, пренесуваат светските медиуми.
– Нападот влијаеше на привремена суспензија на производството на локациите Абкаик и Кураис.

Нападот предизвика прекин на производството на околу 5,7 милиони барели нафта, што е околу 50 отсто од вкупното производство на компанијата „Арамко“ – изјави Абдулазиз бен Салман, саудискиот министер за енергетика.
Во нападите со дронови, како што пренесува Ројтерс, погодени се најголемиот објект за преработка на нафта во светот и уште едно големо нафтено поле, а беа предизвикани и големи пожари на една од најранливите локации за глобалното снабдување со енергија. Бен Салман додаде дека пожарите се ставени под контрола и оти нема повредени лица во инцидентите. Според саудиски извори, во нападите биле употребени најмалку десет дрона со експлозив.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео го обвини Иран за нападите врз саудиските нафтени погони. Тој ја исклучи вмешаноста на јеменските бунтовници и порача дека Техеран се занимава со лажна дипломатија.

– Техеран стои зад речиси сто напади на Саудиска Арабија, додека Рухани и Зариф се преправаат дека се вклучени во дипломатија. Покрај сите повици за деескалација, Иран сега почна напад без преседан на светското снабдување со енергија. Ги повикуваме сите земји јавно и едногласно да ги осудат иранските напади. САД ќе соработуваат со своите сојузници за да се осигуриме дека енергетските пазари ќе бидат добро снабдени – додаде Помпео.

Од друга страна, официјален Техеран ги отфрли американските обвинувања.
– Такви слепи обвинувања и забелешки се неразбирливи и безначајни. САД усвоија политика на максимален притисок врз Иран, што доведе до максимални лаги. Саудиска Арабија постојано го напаѓа Јемен, а Јеменците покажаа силен отпор кон таквата агресија – изјави Абас Мусави, портпаролот на иранското МНР.

„Волстрит журнал“ наведува дека експертите истражуваат дали нападите биле извршени од Иран или од иранските шиитски сојузници во Ирак. Според експертите, доколку дроновите навистина биле испратени од Јемен, тогаш тие морало да прелетаат повеќе стотици километри.

Саудиската компанија „Арамко“ е најголем производител на нафта во светот. Нафтеното поле Кураис произведува над еден отсто од светската нафта, додека, пак, Абкаик е најголемата рафинерија на компанијата, со капацитет за преработка на околу седум проценти од глобалната нафта. Дури и краток или делумен прекин во работата може да има големо влијание на компанијата и на глобалното снабдување со нафта. Саудиска Арабија произведува околу десет отсто од светската нафта, а преполовувањето на производството може да има голем ефект врз цената на нафтата на светските берзи.

Експертите наведуваат дека успешноста на нападите со дронови ја покажува ранливоста на инфраструктурата на „Арамко“. Покрај тоа, најновиот инцидент ја зголемува загриженоста дека ескалирачките тензии во регионот може да претставуваат поголем ризик за нафтата, односно закана за една петтина од светските резерви што се транспортираат преку Ормутскиот Теснец.


Трамп со поддршка за Саудиска Арабија

Саудискиот принц Мохамед бин Салман телефонски разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп, по нападите со дронови врз нафтените инсталации во Саудиска Арабија. Трамп изразил подготвеност на САД да ја поддржат безбедноста и стабилноста на саудиското кралство по најновите напади.
– Најновите напади на саудиските државни нафтени објекти негативно влијаат на американската и глобалната економија – порачал шефот на Белата куќа.
Од друга страна, саудискиот принц изјавил дека Саудиска Арабија има волја и е подготвена да се справи со терористичката агресија.


Техеран: На нишан се американските бази и носачи на авиони

Командантот на иранската Револуционерна гарда, Амирали Хаџизадех, предупреди дека американските бази и носачи на авиони се на дострел на иранските ракети.
– Сите би требало да знаат дека сите американски бази и нивните носачи на авиони се на оддалеченост до 2.000 километри од Иран и може да бидат погодени од нашите ракети. Базата „Ул Удејд“, која се наоѓа во Катар, базата „Ел Зафра“, во Обединетите Арапски Емирати, и еден американски брод во Оманскиот Залив се на нишан, а во случај на одговор на САД, ние ќе удриме на нив – порача иранскиот генерал.