Премиери на „Докуникулци“ на „Македокс“

130

Вечерва ќе биде прикажан филмот „Поинакви“ на Розе Симоновска

Во „Куршумли-ан“ вечерва, на 9-от „Македокс“, со почеток во 21 часот, премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Поинакви“ (Македонија, 2018, 24 мин.), на Розе Симоновска, која е една од трите авторки на трите филма на првата генерација „Докуникулци“, која произлезе од минатогодишната летна филмска школа на фестивалот што се одржува во Скопје. Во филмот Јордан ги води гледачите на патување во светот на аутистите што знаат да уживаат во животот, и покрај чудните погледи и тесните гледишта на сограѓаните.

Два од трите филма што се дел од Програмата за деца и млади, а и се годинешни фестивалски македонски премиери, беа на програмата синоќа. Краткиот документарен филм „Адолесцензура“ на Леа Димитрова беше прикажан во Музејот на современата уметност, а „Поглед во очите“ на Јоана Арсовска на платото пред „Куршумли-ан“.
Годинава членови на жирито за доделување на фестивалската награда „кромид“ за најдобар филм од главната програма на фестивалот се: Пирјо Хонкасало од Финска, Војцех Старон од Полска и Маријам Чачија од Грузија. Комисијата за наградата „млад кромид“ за најдобар филм во селекцијата нови автори ја сочинуваат: Мартичка Божилова од Бугарија, Мигуел Рибеиро од Португалија и Ник Војт од Грузија.

За наградата за најдобар краток филм „сечкан кромид“ ќе одлучува жирито во состав: Ингибјорг Халдорсдотир од Исланд, Ксавиер Марадес од Шпанија и Дијана Дабровска од Полска. За наградата, пак, „кокарче“ за најдобар студентски филм ќе одлучуваат: Еол Чашку од Албанија и Тамара Котевска и Владимир Димовски од Македонија, додека жирито за наградата „филм со најдобри етички идеи“ го сочинуваат: Пирко Саисио од Финска и Исмет Рамиќевиќ и Јасна Франговска од Македонија.
Деветтиот „Македокс“ завршува утревечер, кога ќе бидат доделени и наградите, статуетки дела на словенечкиот академски скулптор Примож Селишкар.