Предвидливост и долгорочност наместо чести импровизации

75
Фото: Игор Бансколиев

Неизвесноста и непредвидливоста создаваат несигурност кај правните лица во поглед на економската одржливост на нивните проекти и нивните одлуки дали да инвестираат или не. Претставниците на бизнис-заедницата посочуваат дека последиците од ненајавените промени, од промени што се носат без договарање со бизнис-заедницата, не паѓаат само на грбот на работодавците туку тие може да паднат и на грбот на вработените

Предвидливост и континуитет, заедно со владеењето на правото, се неопходни услови за раст на економијата и воопшто за нормално одвивање на економските текови. Економистите, бизнисмените и коморите постојано укажуваат дека на бизнисот му се неопходни предвидливост и однапред најавување и планирање промени што се одразуваат на финансиското работење на компаниите, бидејќи тие може значително да влијаат врз одлуките на компаниите за нови инвестиции или, пак, за нови вработувања. Експериментирањето со одредени фискални, даночни и економски мерки, брзото носење одредени законски решенија без консултација со бизнис-секторот, како и честите и нејасни законски измени, неповолно се одразуваат врз стопанството и економијата. Стопанството бара предвидливост и долгорочност на економските политики и стратегии за повисок економски раст.

– Стопанската комора на Македонија останува на ставот дека за системски промени со финансиски импликации врз бизнисот, задолжително и континуирано мора да се спроведуваат јавни консултации и дијалог со комората како застапник на реалниот сектор во државата, во насока на обезбедување поволно деловно опкружување и создавање применлива законска регулатива – велат од СКМ.

Од комората истакнуваат дека секој што е сопственик или води бизнис, без разлика дали е тоа мала семејна фирма или голем бизнис со илјадници вработени, сака да работи во амбиент што е стабилен и предвидлив.

– Само во такви услови може успешно да се планираат активностите, да се прават финансиски планови и буџетот на фирмата за наредниот период. При правењето на финансиските планови, еден од клучните елементи е големината на разните давачки што ќе треба да се исплатат во наредната година, како што се даноците, платите, придонесите за социјално осигурување – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.

Претставниците на комората додаваат дека последиците од ненајавените промени, од промени што се носат без договарање со бизнис-заедницата, а кои повлекуваат финансиски трошоци, не паѓаат само на грбот на работодавците туку тие може да паднат и на грбот на вработените, ако во нивните договори платите се договорени во бруто-износ, па зголемувањето на давачките кон државата значи и пониска нето-плата.

– На крајот од 2018 година приватниот бизнис во земјава се соочи со ситуација во која во исклучително краток временски период, во даночниот систем беа воведени измени и ставени во примена на почетокот на 2019 година. Компаниите се соочија со непланирани финансиски трошоци. Уште поважно, како сознание со потенцијално подолгорочни импликации, компаниите се соочија со фактот дека работат во економски амбиент чии промени не можат да ги предвидат. Ваквата неизвесност, непредвидливост, создава несигурност кај правните лица во поглед на економската исплатливост на нивните проекти и нивните одлуки да инвестираат или не – истакнуваат од СКМ.

Деновиве владини претставници обелоденија дека примената на прогресивното даночење се одложува три години, што предизвика голем број полемики во јавноста. Но она што е значајно за македонската економија и за нејзино успешно спроведување, според укажувањата на инволвираните, е дека е неопходна предвидливост.
– При деловното работење, сосема е нормално да се испробаат одредени мерки и да се повлечат доколку не се доволно успешни. Враќањето на системот на рамен данок, според советот, претставува храбар чекор од страна на Владата. Тоа не значи нужно напуштање на општествениот стремеж, туку чекор напред кон развој на здрава економија, што претставува ‘рбет на секое општество. Во глобален контекст, каде што земјите се натпреваруваат за подобра инвестициска средина, клучно е да не се создаваат економски пречки. Веруваме дека приливот што недостига од прогресивниот данок, лесно може да се надомести од зголемените приходи од данокот на добивка по основа на директните странски инвестиции – смета Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори при Комората и претседател на управниот одбор на „ЕВН Македонија“.

Бизнисмените укажуваат дека брзите промени на законите никогаш не се препорачани за компаниите, а особено не ако се воведуваат на краток рок, пред почнување со примена, како што беше случајот со воведувањето на прогресивниот данок.
– Брзите промени придонесуваат за неизвесност кај компаниите. Ваквите промени може да резултираат со воздржување од нови проекти, како и со извесна даночна евазија на подолг рок, бидејќи приватниот сектор во континуитет се соочува и со конкуренцијата од сивата економија, што претставува постојан притисок, кој сериозно влијае на борбата на компаниите за опстојување на пазарот. Наедно, со регистрирање и оданочување на сивата економија, ќе се постигне поголем ефект за придонес во буџетот – истакнува Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија.


Честата измена на законските прописи негативно влијае врз бизнисите

Претставниците на Стопанската комора на Северно-Западна Македонија истакнуваат дека уште од самата најава и почнување на даночните реформи, односно нивната примена била неприфатлива за бизнис-заедницата и тие не требало да се донесат.
– Овие реформи не требаше да се применат, бидејќи не беа донесени врз база на длабинска анализа и консултација со коморите. Секоја нова регулатива треба да цели кон подобрување на одредена работа и конзистентност во примената. Една од главните причини за барањата да се повлече прогресивниот данок од страна на коморите беше токму од причина што не бевме консултирани, односно немавме можност да ги дадеме нашите видувања по однос на темава. Честата промена на регулативата без консултација на најважните чинители беше проблем во минатото, кој во одредени ситуации ни се појавува и сега, практика што мора веднаш да запре. Честите измени на законските прописи имаат негативно влијание врз работата на бизнисите, бидејќи ги става во правна несигурност – истакнуваат од СКСЗМ.