Преговорите за името – триумфализам на незнаењето и присилата

790

Изминативе стотина дена бевме бомбардирани со сериозно спротивставени погледи и оцени за вториот езерски договор за разликите околу нашето име. Голем број оценки што беа давани од нашите преговарачи, членови на Владата и професори, политичари, новинари, поддржувачи на СДСМ беа крајно позитивни, со голема доза триумфализам и еуфорија, а помал број, давани од опозицијата, беа крајно критички настроени, со нагласка за отфрлање на договорот. Така останува недоумицата кај голем дел од граѓаните кој е блиску до вистината или кој е во право – оние што се за или оние што се против договорот. Во сите тие расправи, за жал јас не сретнав напис или исказ за пристапот преку кој се дојде до таквиот договор, па делбите на и онака бескрајно раситнетото македонско национално ткиво продолжуваат, а по почетокот на реализација на договорот делбите се зацврстуваат. Во исход од таа наша несреќа на делби, која води во пропаст, во скоро време, не верувам, бидејќи нашите политички субјекти што нѐ турнаа не знаат како да нѐ извлечат од живиот песок.

Отсуството на консензус пред почетокот на преговорите е само една од основните причини за тие поделби, а вината за тоа мора да ја преземе власта. На тоа се надоврзува и незнаењето како да се преговара и каков концепт ни наметна другата страна. Жално и трагично е што сите учесници во таа јавна „расправа“, особено преговарачите и нивните советници, не се потрудија во изминатите близу триесетина години откако настана проблемот да научат нешто за оваа проблематика, па, наместо единство, сеат омраза. Во моментот, задоцнет е повикот за помирување. Не знам како ќе се дојде до него, „без камшик“, бидејќи за таков сериозен пристап се потребни правила и принципи за постигнување согласност, а такви во Деловникот на Собранието нема вградено.

Затоа сакам да го изнесам мојот став за споменатиот договор, а за преостанатото потоа. Со своите скромни знаења за преговарањето и политиката, кои сепак сега гледам дека се далеку над сите незнаења што ги читав, слушав и гледав по средствата за јавно информирање, ќе се обидам да го откријам концептот по кој течеа преговорите за нашето име, бидејќи ако тој беше доследно применет, можеше да се очекува поинаков договор. Таквиот пристап, во вакви ситуации, претставува основен критериум, кој ќе го даде одговорот на тоа кој во оваа расправа е во право, а кој сее невистини меѓу нас.

Да прејдеме на супстанцијата. Врз основа на изјавите на нашиот министер за надворешни работи, кој беше директен учесник во преговорите за договорот, а се однесуваат на добрососедството, компромисот и средувањето на рубиковата коцка, како и врз основа на исходот од преговорите и исказот на проф. Фрчковски, даден на балканскиот ТВ-канал на Ал џезаира, претставувајќи го моделот по кој се преговарало за спорот за името, како модел погоден за решавање вакви проблеми на овие простори, јасно произлегува дека е преговарано врз комбиниран пристап, чија основа околу идентитетските проблеми бил концептот за преговарање за непреговорливото на Даниел Шапиро, директор на Харвардскиот проект за преговарање. Овој концепт научно и прагматски е сосема вреден и можен во случај на завојувани страни, како што беше конфликтот во Босна, Израел и Палестина, на Крит и сл. Но и таму тој не ги даде резултатите. Според мене, за средувањето вакви конфликти каков што е спорот за нашето име и идентитет, иако беше можна употребата на овој концепт во преговарањето, се покажа како неопходен, не само заради незнаење на нашите преговарачи туку и заради пресилниот преговарач од другата страна и „непознатата“ помош од страна. Она што за мене е најбитно и ја потврдува горната оцена за неприфатливоста на овој концепт е тоа што во овие преговори за нашето име, исходот/договорот е вин-лос (победник-поразен), а не вин-вин (еднаков), каков што требаше да биде.

Концептот на почитуваниот Шапиро, суштински има цел да се добие исход што ќе ги задоволи потребите на двете страни според нивните интереси или вин-вин, како во примерот на двете сестри: едната ја сакала кората од портокалот да направи колач, а другата остатокот за да ја задоволи потребата/страста за јадење. Затоа компромисот или поделбата на две половинки на портокалот не ги задоволува потребите на сестрите. Другата претпоставка на овој концепт се складните односи во бракот, без мешање однадвор, потпирајќи се на рационалните одлуки. Овој концепт потоа беше дополнет со интегративниот пристап, кој бара страните во конфликтот да ги презентираат сите свои интереси или барања од спротивната страна, за потоа низ процесот да се средуваат еден по еден (присетете се на повеќето од 20 страници текст што го донесе Коѕијас со авион и на нашиот одговор на тој текст од неколку странички, кој од нас се криеше како змијата што ги крие нозете). Кај овој пристап или концепт, страните преговараат онака како што тие ќе оценат, користејќи ги сите познати алатки од сите пристапи во преговарањето, поаѓајќи од позициското, преку принципиелното преговарање и сл. А подготвеноста за преговорите пред почетокот е основа за успех, кога ќе се определите за овој пристап. Ете, во една таква мешаница на појдовната патна станица, нашата страна прво го испушти експресниот воз и се качи на запрежна кола. Нели знаењето е сила, знаењето е моќ.

Од исходот од овој езерски договор е познато дека нашата страна не го доби тоа што пред почетокот го ветуваше, а требаше да го добие. Наспроти нас, другата страна доби сѐ што бараше од почетокот на настанувањето на проблемот до денес или, историски погледнато, доби сѐ што беше подвлечено во мегали-идејата. Само да потсетам дека голем дел од вас, почитувани, не прифаќаше промена на името, а преговарачите иако ни го ветуваа тоа, прифатија таква промена.

Меѓу нас имаше и такви што постојано укажуваа дека со промената на името на државата ќе се самопоништиме како Македонци заради тоа што ќе се откажеме од нашиот национален идентитет, а преговарачите ветуваа и денес неосновано тврдат дека идентитетот е одбранет. Не ги одбранија ниту човековите права на националните малцинства во соседството, според меѓународните конвенции, а со одредбите од овој договор нема делови од нашиот народ во соседството и сл. Билансно, во делот од интегративното преговарање, аритметичката вистина е дека правата од договорот се на активата на првата страна од договорот онака како што таа бараше со споменатиот документ, кој Коѕијас го донесе, а обврските на пасивата на наша страна, што зборува за тоа дека нашата страна немала достоен и издржан документ со барања од другата страна, но и за тоа дека влегле без подготовки и консензус во процесот, наспроти другата страна, што му е познато секому.

Но она што е битно за нашата поента тука е дека нашата страна не знаела како да преговара и по кој концепт преговара. Според мене, нашите преговарачи и нивните советници работеле во средувањето на конфликтот според непознавањето на суштината на двата модела. За другите нивни мотиви нема да шпекулирам. Времето набргу ќе ги истурка на виделина.

Најпрво, да тргнеме од прашањето за референдумот што беше контроверзно и збунувачко, со намера да се покрие неспособноста на нашите преговарачи. Таквото прашање не им даде шанса на поголемиот дел граѓани да се определат за една јасна цел. Секој граѓанин имаше цел прикриена со друга цел, па вистинската цел не можеше да се види. Така се ускрати можноста за јасно и конкретно изјаснување на секого за што е, а за што не е: ако е против договорот, можеби не е против НАТО и ЕУ и обратно. Со запоставувањето на тој аспект, практично недемократски на секој граѓанин му се наложи да се откаже од својата волја за она што го посакува повеќе или помалку и мораше да се определи за двете, и за тоа што го сака и за тоа што не го посакува.

Тоа е манипулација со примерот за мајката со двете деца, од концентрационен логор, на која ѝ е понудено да жртвува едно од децата за да го спаси другото и себеси. Нам божем ни е дадена поинаква можност, преку референдумот да ги спасиме двете деца, кои еднакво ги сакаме (НАТО и ЕУ, едното, и името и сѐ поврзано со него, второто наше дете). Нѐ убедуваа дека изјаснувањето „за“ на референдумот ни нуди можност еднакво да ја изразиме наша љубов кон двете наши деца. И тоа во реалниот и нормален свет денес би требало да биде така, ама во нашиот случај не е, бидејќи наместо едното од децата, кое е наше и го посакуваме како и првото, ни е подметната кукла – дете од катран. Така, доживотната грижа веќе се вгнезди длабоко во нашата совест, како и да се изјасниме – за или против. Таа манипулација ја почувствува македонскиот народ и не излезе масовно на референдумот

Многумина од нас, меѓу кои спаѓам и јас, не се наоѓаат како Македонци припадници на македонскиот народ во договорот, иако преговарачите и нивните послушници цело време нѐ убедуваат во спротивното. Тие тврдат дека ни е признаен идентитетот според членот 1, став 3 од договорот. За жал и нивен срам, таа нивна определба не значи признавање на идентитетот. Апсурдно е нивно аргументирање за тоа. Постои сериозна и суштинска разлика што тие не ја знаат или намерно ја криеја од нас (мотивите ќе ги дознаеме набргу), со намера преку манипулација, прифатена во преговорите како став на Коѕијас, соопштен во интервјуто дадено пред некој ден на Крит ТВ, да нѐ придобијат да го прифатиме договорот. Определбата од споменатиот став на членот 1 од договорот упатува само на идентификацијата на секој поединец од нас, која е променлива категорија, бидејќи се базира на исклучивоста на креираните државни граници, кои се променливи, односно на државјанството, а не на идентитетот, кој, за разлика од идентификацијата, е отпорен на промени, бидејќи така ја потврдува кохезијата, која бара признавање. Нагласувам дека во вакви случаи се бара задолжително признавање, а не како што некој цело време нѐ убедува дека немало потреба од признавање на идентитетот. Ова се најновите сознанија за разликата меѓу идентитетот и државјанството, изнесени во материјалот подготвен за овие теми, за расправата на меѓународната конференција позната како Евроакадемија, одржана летово во Финска. Слични ставови за разликата меѓу идентитетот и идентификацијата, како овие од Евроакадемија, може да се најдат и во концептите на професорите Келман и Колман од САД и други. Така, овие аргументи на споменатите застапници, дека идентитетот бил ист со државјанството, меѓу кои и академици и професори што голтаат горчливи апчиња, за мене се покажаа аматерски и некредибилни и затоа повеќето граѓани не ги убедија да излезат на референдумот и да гласаат „за“.

(продолжува утре)

М-р Ѓорѓи Трипков, пензионер, поранешен долгогодишен државен службеник