Преамбула

Премиерот отсекогаш имал проблеми со елементарното знаење (а особено со античката митологија, која љуби да ја користи метафорички), а за научните факти или ораторството и да не зборуваме. Но дури и ќорава кокошка некогаш ќе погоди зрно, па така и тој „трефна“ дека станува/ло збор за ширење, а не за отворање на Пандорината кутија (до душа, ова го погоди од вторпат, демантирајќи се себеси). Последиците се веќе тука; мнозина не се свесни, по примерот на вицот за човек што паѓа од облакодер и на половина пат вели дека е добро. Проширената и надградена Пандора е за жалење, а кутрата (пре)останата Надеж провев ја убива. Можеби и умира од срам пред бескрупулозноста, притисокот, корупцијата и манипулациите во целата постапка на измената на Уставот. Амандманскиот пакет е на ачик; не можат да се вадат „не смееме да ви кажеме, бидејќи ќе ви биде непријатно“, но веќе ве убедуваат дека сте или неуки или државни непријатели. Сведочиме нова епизода на убиство на конституционализмот, и тоа во балканска верзија на „Убиство во Ориент експрес“ (по препораките на Хан). Не е потребен Поаро за да ги открие сторителите, иако на крајот (како во делото на Агата Кристи) сите ќе бидат „помилувани“ затоа што дејствувале од „благородни“ мотиви – за да го убијат (наводниот) иредентизам што создава уплав кај нашите НАТО-соседи.

Не е време ни за патетика, ни за иронизирање – ѓаволот ја однесе шегата. Од студенти на Димитров, Шкариќ (денес, и на Силјановска) се очекува да размислуваат низ призма на постулатите на уставното право. Штета што министерката за правда ниту е „од тука“, ниту е запознаена со амандманите, ниту покажува волја да излезе од министерските чевли за да прогледа низ академските очила. Правните факултети молчат, можеби се чувствуваат како на парастос или можеби стојат молкум од пиетет кон раѓањето на новото чедо/чудо наречено Република Северна Македонија – за кое од утре ќе треба да им предаваат на студентите по уставно право дека отсекогаш постоело. За почеток на оваа (божем) јавна дебата за кукавичините јајца подметнати како амандмани, чии автори се надворешни експерти на кои, како што дознаваме, им асистирале најмалку двајца професори од Правениот факултет во Скопје, чии имиња се кријат како змијата нозете (зошто?), ќе го прескокнеме првиот (т.е. XXXIII) амандман и ќе одиме на наредниот, за преамбулата. (Римските броеви покажуваат дека Уставот е како фустанот на Пепелашка, со крпеници, настрана што никој не го ни почитува.) Студентите ги учиме дека преамбулата најчесто не е дел на нормативниот дел на Уставот, но има своја важна улога за неговото „читање“, но и примена. Пример за тоа е одлуката на Уставниот суд со која се забрани конституирањето на политичкото здружение „Радко“, затоа што неговите цели се оценети како спротивни на преамбулата (т.е. секој акт на негација на правото на самоопределување на македонскиот народ е фактички насочено кон насилно уривање на уставниот поредок и поттикнување национална омраза (но, ова сега звучи како добар виц, нели?). Во преамбулите, на свечен начин, уставотворците се повикуваат на Бог (Швајцарија), Светото тројство (Грција), на историските традиции и славното минато (тука шампиони се Хрватите со редење историски настани од седмиот век, за да докажат „тисуќуљетна повјест“ и континуитет на хрватскиот народ (не се лоши ни Литванците), благодарност кон жртвите (Ирска), историски ликови (Словачка се повикува на Кирил и Методиј, а чудно е што Грција не слушнала за тоа) итн. Преамбулите, создавани во различни епохи со различни идеи, се полни со национални митови и историски полувистини.

Дури и Уставот на САД, кој почнува со славното „We, the People“, своевремено не се однесувал ниту на црнечките робови, ниту на домородните Индијанци. За исламските држави вистински уставотворец е само Алах. Полна со поезија и патос, па и демагогија, реториката е ретко непристрасна, но е секогаш во функција на поврзување на минатото и иднината. Преку неа се врши дистанцирање од лошото минато од кое се врши раскин (Јужна Африка) или ги глорифицира традициите со кои носителот на правото да воспостави уставен поредок (pouvoir constituent) сака да се идентификува. Конструкцијата на минатото во преамбулите е нужно селективно и со јасна цел: најсилна можна легитимација, утврдување на правото на постоење на државата. Во нашиов случај, преамбулата е од пластелин, кој како ќе притисне така ќе остави свој отпечаток, ама не и носителот на власта! Уставите имаат мемориска функција, поредокот се закотвува во историјата за да ја легитимира современоста како одговор или последица на тоа минато. Кај нас доброволно се вади мемориската картичка и им се дава на хакери. Една од важните дилеми на секој устав е односот меѓу минатото и (отворањето на портите за) иднината; затоа уставите се највисоки правни акти, ама и најважни политички повелби. Сегашната политичка волја вградена во Уставот не смее да се петрифицира како да е од бога дадена, бидејќи идните генерации заслужуваат слобода да ја моделираат својата уставна архитектура во согласност со нивните потреби – ама не и на ирационалните каприци на комшиите.

Воведните зборови на секоја преамбула го обликуваат легитимитетот, одржлив низ времето, за да се избегнат „незнаењето, заборавoт или непочитувањето на правата“ (како што вели Француската декларација од 1789 година). Одредбите на преамбулата имаат интегративна функција, на извесен начин давајќи одговор кој е суверенот, кој е „we, the people“. Потпишувајќи го Преспанскиот договор, оваа влада се обврзува да го направи тоа и во име на сите идни генерации, т.е. да внесе „вечна клаузула“ во однос на името, ама од минатото до вечноста. Онака како што со амандманите од 2001 година, биетничкиот резон му ги врза трајно рацете на уставотворецот (за вјеки вјеков), сега си ги врзуваме рацете и под притисок на соседот кому му пречи македонското постоење.

Преамбулите алудираат на државен континуитет и затоа е невообичаено да се менуваат со амандмани и под притисок однадвор! Ова би била втора измена на преамбулата (првата промена настана по конфликтот од 2001-та). Амандманот е намерно „скоцкан“ и заплеткан (божем обично техничко прашање!) за граѓаните да не можат ја видат целосната верзија и орвеловската судбина на АСНОМ. Така, преамбулата од 1991 се повика на „историските одлуки на АСНОМ“, но во 2001 година зборот „историски“ се избриша како непристоен. Сега, практично, се брише и зборот „одлуки“. Се реферира на прогласот, кој (историчарите ќе потврдат) е еден вид каталог, спецификација на одлуките на АСНОМ (но, кои не смеат ни да се споменат, иако се со уставноправно значење). Ако се потрудите за себе да го напишете новиот текст на преамбулата интегрално, излегува дека сме „свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија“. Ова е повеќе од иронија, бидејќи е срамен историски фалсификат. Нашиве потрчковци небаре измислиле временска машина, па back to the future, тркнале во 1944-та да ги сменат одлуките на АСНОМ, или во најмала рака да ги турнат под чергиче како нешто непријатно и срамно. На сегашната интернет-страница на Собранието, под ставката за АСНОМ, се наведени зборовите на Панко Брашнаров: „Побрзајте да ја посетите, бидејќи наскоро ќе ја избришат!“ Со проширување на Пандорината кутија се вградува Рамковниот договор, небаре голем историски успех, а не последица од вооружено насилство против уставниот поредок, чии актери се сосема амнестирани дури и за злосторствата против човечноста. Насилството се исплатува е пораката за идните генерации; жртвите ги заборавивме и исплукавме, за исчезнатите веќе и не зборуваме. „То је нама наша борба дала“, гласеше еден партизански рефрен… Но совршено убиство нема: потписите на учесниците на АСНОМ, претставници од антифашистичките фронтови од Егејска и од Пиринска Македонија стојат и на прогласот! Освен ако не ги сменат со фотошоп – или ќе остават со пропаста на Државниот архив и тие „волшебно“ да исчезнат. Алтернативата би било сценарио на „Фаренхајт 451“… Но, чекајте! Сѐ е ова циркус, рачун без крчмара, бидејќи сметката и финалната верзија на амандманите не зависат од Бетка, доктор на европски науки, туку од волјата на Атина. Тоа дека измените ќе важат само откако ќе станеме членка на НАТО и на ЕУ е во стилот на мали Ѓокица! Нека не ве замајуваат, бидејќи и уставни амандмани се менуваат само низ нова уставна постапка, а не со „пу-пу, не важи“. Ако ова помине, ниту АСНОМ го заслужуваме, ниту смееме да се наречеме потомци на оние што се бореле за Македонија.