Прва „шестка“ за Алкалоид

119
Од дуелот 4 Ноември (лево) - Алкалоид

На три кола до крајот, води Алкалоид со максимални осум бода, пред Гамбит Асеко СЕЕ со седум и Прилеп со шест

По трите победи во низа со по 4,5 поени, повеќекратниот македонски шаховски првак, а европски од 2016 и вицепрвак од 2017 година, скопски Алкалоид, го оствари првиот максимален триумф (6-0 против 4. Ноември) во 4-то коло на 27-то Екипно првенство на Македонија во шах, што во седум кола (осум екипи) се игра во Струга. Со оваа победа првиот фаворит на шампионатот се зацврсти на табелата со осум бода, односно 19,5 поени по табли. Своја највисока победа во ова коло оствари и Гамбит Асеко СЕЕ, кој со 5,5-0,5 ги совладаа младите и надежни членови на МШК Центар. И Гостивар исто така ја оствари својата највисока победа, 5-1 над Карпош, додека единствен дуел што заврши без победник беше помеѓу Прилеп и БМ Браќа Миладиновци. Засега само битолски 4 Ноември е без освоен екипен бод.

На поединечните табли, за одбележување е салонското реми (по 11 потези) на деветгодишниот член на МШК Центар, Андреј Калин (1.191 рејтинг-поени), и легендата на македонскиот шах и член на Гамбит Асеко СЕЕ, интернационалниот мајстор (ИМ) Димитар Илиевски (2.310).
Засега само ИМ Дејан Стојановски (Алкалоид) и Кире Николоски (Прилеп) имаат 100-отстотен успех, четири победи од исто толку одиграни партии. До крајот на првенството остануваат уште три кола.