Прва победа на шахистите – совладана е Словенија

77

Македонската машка шаховска репрезентација (просечен рејтинг 1.972 поени, рангирана на 9-то место), ја забележа првата победа на Европското екипно првенство (ЕП) за слепи и слабовидни шахисти, што во девет кола се игра во Камчулата, Романија. Во рамките на 3-то коло совладана е Словенија (просечен рејтинг 1.905 поени, рангирана на 11-то место), со 3-1. Вчера во 4-то коло Македонија играше со Германија (2.067, рангирана на 6-то место).

На првата табла ФМ Владимир Тркаљанов (2.129) со бели фигури го победи Владо Туричник (1.996), а истото тоа го стори и Жарко Селковски (1.941) на втората табла против Матеј Знудерл (1.927), додека ремизираа Зоран Костадиновски (1.863) со Александар Урсиќ (1.892) и Зејно Бајрами (1.866) со Емил Мури (1.806).

Македонија моментално со по една победа, реми и пораз е на 9-то место со 3 бода (5 поени по табли), додека води Русија со максимални 5 бода (10), пред Полска (2) со 5 (8) и Србија со 5 (8), од вкупно 15 репрезентации.