Пратениците изгласаа како да се однесуваат

450
Фото: Дарко Андоновски

Некои од експертите сметаат дека ние како култура или како менталитет, не сме многу
расположени да се придржуваме кон одредени „необврзувачки“ регулативи за добро
поведение и полесно се приклонуваме на дисциплинска неуредност

Пратениците во Собранието на Република Македонија, вчера (11 јуни 2018) последен пат без „стеги“ од регулацијата на поведението, го изгласаа Етичкиот кодекс за нивната работа, договорен и потврден на процесот „Жан Моне“, минатиот месец во Охрид, по иницијатива и инсистирање од група европарламентарци. Според еден од првите членови на кодексот, „пратеникот не смее да ги прекинува говорниците, да дофрлува од место или на кој било друг начин да го нарушува текот на седницата и да користи навреди, фрази, изрази или гестикулации со кои можат да се навредат или омаловажат другите пратеници или носители на јавни функции“, но пратениците сепак продолжија во стариот и вообичаен жесток стил на дискусии. Начинот на кој беше донесен кодексот, го предизвика спикерот Талат Џафери да ја заклучи расправата со констатацијата „повеќе во Собранието да нема дискусии како денешната дебата за етичките правила на пратениците“.

Донесувањето на Етичкиот кодекс за работата на пратениците во републичкото Собрание, по 27 години повеќепартиска парламентарна практика, може да зазвучи како своевиден анахронизам, но оцените на јавноста се дека практиката покажала дека такво нешто е сосема потребно.
– Практиката да се уредува на понеформален начин поведението на одредена група носители на јавни функции, не е новина ни во Македонија. Можеби беше новина пред дваесетина години, кога во 1999 година беше донесена првата стратегија за реформи во јавната администрација, но денес повеќе државни и јавни професии подлежат на усвоени кодекси на однесување. Она што е ноторно забележливо е дека не секоја стручна фела и се придржува до усвоените кодекси. Зашто тие кодекси на однесување не се секаде донесени со т.н. добри намери, туку повеќе затоа што морале да се донесат – вели професорот по јавна администрација од Правниот факултет при УКИМ, Драган Гоцевски.

Кодексот за етичко однесување на пратениците беше предложен до Собранието од група пратеници, што би требало да значи покажување самоиницијативност за регулирање на сопственото однесување. Сепак, во јавноста се појавија повеќе случаи поврзани со, во најмала рака, некоректното однесување на претставниците во парламентот: од неприсуство на седници и неучество во работата на Собранието, па до манипулација со патните трошоци во износ од илјадници евра… Прекинувањето и упаѓањето во туѓите дискусии, беа вообичаен парламентарен фолклор, но се чини дека неколкукратната манифестација на насилство и агресивно однесување на пратениците, беше главниот мотив за иницијативата на европратениците да ги поттикнат македонските пратеници да си изгласаат етички кодекс.

– Искуството, и моето лично, но и на целата јавност вели дека беше потребно донесување ваков Етички кодекс за работата на претставниците во парламентот. Верувам дека овој кодекс ќе влијае на попозитивно и попрофесионално однесување на пратениците, бидејќи придржувањето на кодексот ќе биде службена обврска – вели првиот спикер на македонското собрание, Стојан Андов, и додава дека тој се надева дека нема да биде потребно овој кодекс да треба да се издигнува на ниво на закон.
Од друга страна, професорот по јавна администрација, Драган Гоцевски, смета дека ние (во Македонија) како култура или како менталитет, не сме многу расположени да се придржуваме кон одредени „необврзувачки“ регулативи за добро поведение и полесно се приклонуваме на дисциплинска неуредност. Како пример го наведува искуството со Етичкиот кодекс за државни службеници од 2000-та година, кога токму поради непридржувањето до деловниот бонтон, предизвикале голем број одредби да бидат пренесени во вид на законско решение.

– Искуствата од практиката покажуваат дека ако не се во форма на закон, етичките кодекси во јавноадминистративниот и деловен живот во Македонија не покажуваат конзистентност во нивната примена. Сепак, забележливо е дека колку е постручна, попрофесионална одредена фела, толку е поголемо почитувањето на етиката. Или што би се рекло народски, во таквите стручни професии постои чувство на срам од непрофесионалност, неуспех и покажување почитување спрема јавноста – вели професорот Гоцевски.
Според Етичкиот кодекс што беше изгласан во Собранието, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања е задолжена за негово спроведување. Комисијата е надлежна за утврдување на сторени лесни и тешки повреди на кодексот и изрекување на мерки. Комисијата ќе повика на консултации двајца експерти за етички работи, по предлог од пратеничките групи, еден од партиите на власт, а другиот по предлог од партиите од опозицијата. За непочитување на кодексот, Комисијата изрекува опомени за лесна и за тешка повреда… Што се однесува на прашањето дали со донесувањето на Етичкиот кодекс ќе се изменат на подобро однесувањето и професионализмот на пратениците во македонското собрание, професорот Гоцевски вели дека се надева, но не верува.

– Сепак е за поздравување што овој пратенички состав го прави тој исчекор кон прифаќање етичка регулатива за своето работење. Останува да се надеваме дека и ќе се придржуваат и дека ќе воведат добра практика на примена на Етичкиот кодекс во Собранието – вели професорот Драган Гоцевски.