По успесите во Франција, посакувам да запеам на домашната оперска сцена

308

Елена Голомеова, оперска певица

Најтешките оперски арии за мене се предизвик, адреналинот ми е максимален, а чувството на сценате е магично. Кога ќе ја допрете публиката, таа може и да заплаче од убавина, вели Елена Голомеова

Оперската певица Елена Голомеова, која веќе 18 години живее и работи во Франција, каде што активно настапува на оперските сцени во најголемите француски оперски куќи, а добитничка е и на неколку значајни награди, поголемиот дел од летово го минува во татковината, каде што, освен што се одмора по напорните ангажмани, настапи и на два големи концерти во јуни. Првиот беше во МОБ, по повод одбележувањето 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Франција и Македонија, во организација на Француската амбасада и на Францускиот институт во Скопје, а вториот во родниот Штип, каде што го отвори годинашното „Штипско културно лето“.

Пред скопјани своите сопрански арии ги отпеа заедно со бас-баритонот Жак-Грег Белобо, во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет, под диригентската палка на Иван Еминовиќ. На програмата беа познати арии на француски композитори, но Елена мошне импресивно ја изведе и песната „Македонско девојче“.
Во Штип, пак, ја воодушеви публиката пеејќи популарни арии, но го изведе и македонскиот евергрин „Чија си“. Ја придружуваше малиот симфониски оркестар на МОБ. На концертот присуствуваше и амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, голем обожавател на класичната музика.

Вие сте откритие за македонската публика. Какви се вашите впечатоци по успешните настапи во Скопје и во родниот Штип?
– Секој нов настап за мене носи нешто ново, нова енергија. Прекрасно беше чувството повторно да настапам во родниот Штип и во Скопје. Бев многу радосна, многу години поминаа откако си заминав. Добив многу аплаузи, а во Штип имаше и стоечки овации. Остварив флуид со публиката. Како мој подарок во Скопје ја испеав „Македонско девојче“, а во Штип евергринот „Чија си“. Му беше мило на композиторот Славе Димитров кога му ги побарав партитурите. Со него нѐ поврзува долга соработка, бидејќи тој ми беше продуцент и кога како осумгодишно девојче го снимав мојот голем детски хит „Тина татина“, на композиторот Тодор Трајчевски, со кого почна мојата музичка приказна на фестивалот „Весело штурче“ во Штип. Го гледав неодамна на Јутјуб тој настап, се потсетив на почетоците. Тогаш ја почувствував првпат магијата на сцената. Пеев пред полна сала и сега, по толку многу време, настапив во неа со солистички концерт. За време на пробите се потсетив на мирисот на столчињата, на салата, на почетоците.

Кој ви даваше поткрепа и поддршка цело време?
– Секако, тоа е мајка ми Снежана. По завршувањето на осмолетката, имав дилема дали да продолжам во средно музичко, бидејќи на Запад, освен балетските уметници и инструменталистите, оперските пејачи подоцна почнуваат да ги совладуваат тајните на пеењето, таа ме посоветува да го одберам она кон што ме влече срцето. „Не е битно што ќе мислат луѓето, туку ти што сакаш“, ми рече мајка ми и тоа пресуди да се запишам во класата соло-пеење.

Како се случи да заминете на школување во Франција?
– Животот е како семафор, постојано мораш за нешто да одлучуваш, така беше и за Франција. Иако сите мои колеги отидоа за Италија, јас се одлучив за Франција. Мајка ми, како вработена во штипската библиотека, соработуваше со Француската амбасада и кога имаше литературни случувања, поврзани со оваа земја, јас и некои мои соученици настапувавме и пеевме. Тогашното аташе за култура Жан Пол, во една пригода, добронамерно ми рече да се школувам во Франција, бидејќи сум талентирана. Бев втора средно и почнав да настапувам на фестивалот на француската шансона во Скопје и посериозно да го учам францускиот јазик. На 17 години заминав во Ница, каде што ме примија на Музичката академија, класа соло-пеење.

Кои професори ви помогнаа да напредувате во Франција?
– Најмногу ми помогна Жаклин Бонарду, таа е најпознат француски педагог за францускиот оперски репертоар. Јас магистрирав кај неа во Париз. Работев и со други познати оперски уметници, но неа ја издвојувам поради пристапот како педагог. Напишала многу книги, голем стручњак е и личност за почит.

Кое беше вашето деби во Франција што ви го трасира патот?
– На втора година студии добив помала солистичка улога во операта „Тоска“ од Џакомо Пучини. Потоа настапив во „Малото оџачарче“ од Бенџамин Британ, па во „Џулиета“… Сето тоа го реализирав додека бев на факултетот и во операта во Ница. Вистинско, големо деби имав кога добив главна улога во „Свадбата на Жулиет“ од францускиот композитор Виктор Масе.

Кои се ваши најомилени улоги?
– Тоа се главните улоги Офелија во „Хамлет“ и Лучија во „Лучија од Ламермур“, женски ликови што се во тешки психички состојби, кои треба да се доловат со гласот. Овие високи арии се навистина тешки, но тие за мене се најподатливи улоги и адреналинот ми е максимален, а чувството на сцената е магично. Кога ќе ја допрете публиката, таа може и да заплаче од убавина. Ако успеете да ги пренесете своите искрени емоции на оперската сцена, тоа е највозвишено чувство, бидејќи во операта не е важен само гласот. Имам желба да ја отпеам насловната ролја во „Травијата“.

Посакувате ли да отпеете некоја главна оперска улога на сцената на МОБ?
– Да, секако, би сакала да бидам дел од некоја мегапродукција што ќе се реализира на сцената на МОБ. Сонувам по успесите во Франција, да ја почувствувам и магијата на домашната оперска сцена.

Какво е чувството да си Македонка, амбасадорка на француската култура?
– Благодарна сум на континуираната помош и поддршка што ги добивам од вработените во Француската амбасада во Македонија и од Францускиот институт во Скопје. И по толку години од моето заминување, тие секогаш ми помагаат. Затоа со задоволство ја популаризирам нивната култура. Но, од друга страна, им помагам на млади таленти од Македонија што доаѓаат првпат во Франција, ги поттикнувам да се школуваат во оваа земја.

Која е формулата за вашиот успех?
– Талентот и работата се неопходни, но најважна е упорноста.


Со Жерар Депардје на филмското платно

Интересно е дека, освен концертите и настапите, вие во Франција снимате и музички филмови, а во еден од нив глумеше и филмската ѕвезда Жерар Депардје.
– За секој проект на Запад има аудиции, така е во сите уметности, па и во оперската. Продуцентите ме ангажираа во овие музички филмови зашто убаво пеам, но и поради мојата фотогеничност. За време на снимањето на „Животот на Рахмањинов“ се запознав и со Жерар Депардје. Тој е голем уметник, но и боем. Јас во тој проект ја интерпретирав познатата арија „Вокализа“ од Сергеј Рахмањинов, поточно се појавувам во неговиот сон. Инаку, имам снимено и цеде од филмовите „Животот на Рахмањинов“ и „Така прават сите“ и од операта „Без огниште“.


Значајни настапи и награди

Позначајни улоги на Елена Голомеова во Операта во Ница се: Реми во „Без огниште“ од Жан Клод Петит, Жанет во,,Свадбата на Жанет“ од Виктор Масе, Матилда во ,,Наполеон“, Кристина во,,Фантом во операта“, Кралицата на Ноќта во „Волшебната флејта“ од Моцарт. Со улогата на Шерубин во „Свадбата на Фигаро“, Голомеова дебитира во Националната опера во Лорен.
Заедно со Жерар Депардје настапува во филмот „Животот на Рахмањинов“. Таа ја игра и улогата на Деспина од „Така прават сите“ со Р. Раимонди во „Плачот на ангелите“, во продукција на француската телевизија Франс 2. Со филхармонискиот оркестар на Кан таа настапува во „Реквием“ од Моцарт.
Добитничка е на неколку значајни награди, меѓу кои и прва награда за лирско пеење од Националниот конзерваториум во Ница.