По „Ноу камп“, Пике сака да ја слуша химната на ЛШ и во Енкамп

149
Во новата сезона ФК Андора ќе игра во четвртата дивизија

Шпанскиот фудбалер Жерар Пике неодамна го купи тогаш петтолигашот од селото Енкамп ФК Андора, за кој има амбиција да го внесе во врвот на шпанскиот и на европскиот фудбал, во што му помагаат и некогашните соиграчи Габри и Жоркера

Опкружен со планини на надморска височина од 1.300 метри се наоѓа стадионот со 530-седишта, „Прада де Молес“. Тука, во малото село во Андора, Енкамп, е местото каде што дефанзивецот на шпанска Барселона, Жерар Пике сонува да ја слушне химната на Лигата на шампионите. Секако, тој ја слушал химната на елитното европско клупско натпреварување и порано, освојувајќи го трофејот четири пати како играч, но сега сака да го доживее тоа како сопственик на клуб, пишува Би-би-си.

Во декември, веднаш по трансформирањето на тенискиот Дејвис-куп, групата Космос во сопственост на Пике ја купи ФК Андора, а тогаш во петтата шпанска лига. Пике има големи амбиции за шпанската верзија на Салфорд сити, англискиот нисколигаш, кој е во сопственост на шест поранешни фудбалери на Манчестер јунајтед. Со веќе една лига погоре на ФК Андора, Пике, менаџерот Габри и првиот играч Федерико Бесоне, зборуваат за Би-би-си за извонредните пет месеци.

ФК Андора, основана во 1942 година, игра во шпанскиот фудбалски систем од 1948 година. Кога „Космос“ го презеде клубот, тие се бореа со долгови, беа едно место од зоната за испаѓање и 17 поени зад лидерите на лигата Примера Каталана.
– Никој не мислеше дека ФК Андора може да биде многу интересна перспектива, но ја анализиравме и мислевме дека има голем потенцијал – вели директорот на „Космос“, Феран Виласека.

Пике (32) слушнал за клубот преку „пријатели на пријатели“ од Андора и мислел „би можело да биде интересна можност“.

– Главната разлика со другите клубови во Шпанија е тоа што тука целата земја го поддржува тимот. Не сакаме да бидеме само инвеститори, сакаме да бидеме вклучени во тимот, за да го подобриме и да го сместиме тимот во повисоки дивизии – вели Пике.
Првиот потег беше да ги назначи поранешните играчи на Барселона, Габри и Алберт Жоркера, како менаџер, односно помошник-менаџер. Габри помина 13 години на „Ноу камп“, освојувајќи ја ЛШ во 2006 година. Тој беше одговорен за младинските тимови на Барса и швајцарскиот Сион пред да се пресели во Андора.

– Пријателите и семејството беа изненадени и ме испрашуваа затоа што тоа беше ризичен потфат. Тие прашаа дали сум сигурен, бидејќи вклучуваше промена на земјата и морав да го напуштам моето семејство. Со оставањето на професионалниот свет и симнување толку нивоа во лигите, немате многу да добиете и имате многу да загубите. Но Пике ме убеди – неговиот став особено – вели Габри.
Тој признава дека преземањето полупрофесионален тим во шпанскиот петти степен било „многу различно од она на што бев навикнат“.

– Мојот прв впечаток беше дека тоа е аматерски тим што работеше доста тешко, со тежок распоред. Играчите имаат работа, тие работат во текот на денот и тренираат ноќе – вели тој.
На тимот, во кој беа и неколку интернационалци од Андора, му беше направено каталонско преуредување, а сега има повеќе фудбалери од школата на Барселона.
По сѐ, ефектот на Пике не се почувствува само на теренот.

– Во почетокот навивачите не веруваа што ќе се случи. Се сеќавам на првата средба што ја видов, имаше 10-15 луѓе. Сега има по 300-400 навивачи – вели Виласека.
Бесоне проценува дека имало 1.500 навивачи, кога тимот обезбедил промоција минатиот месец, исполнувајќи ја трибината на стадионот, а имало гледачи на патот зад неа, кои велеле: „Момците од Андора никогаш не виделе толку многу навивачи“.

– Со резултатите и со нашата подобрена позиција во лигата, можевме да привлекуваме сѐ повеќе и повеќе луѓе. Има многу голема разлика од порано и сега – вели Габри.
Пике вели дека знае за Салфорд сити, купен од неговите поранешни соиграчи во Манчестер јунајтед, Гери и Фил Невил, Пол Сколс, Рајан Гигс и Ники Бат, а Дејвид Бекам е косопственик. Тие се подготвуваат за својата прва сезона во Англиската фудбалска лига по четири промоции за пет години.

– Поранешни професионални играчи вклучени во тимовите од пониски дивизии е нешто позитивно. Тоа дава дополнителна поддршка и ги прави овие лиги поинтересни, за гледачите и за медиумите – вели Пике.

Следната сезона ФК Андора ќе игра во Четвртата дивизија и ќе настапува во кралскиот куп, првпат по 24 години, со можен меч со Барселона на Пике. Габри вели дека првата цел е да стигне до Втората дивизија и клубот да стане професионален.
– Мислам дека може да се направи тоа. Андора е земја што сака да направи нешто убаво со фудбалот – вели тој.
Габри планира да биде во клубот долго време, опишувајќи го како „дете што сакате да гледате како расте“.

Пике е „амбициозен“ и не „сака да зборува за границите во овој проект“.
На прашањето дали некогаш ќе игра за клубот, тој рече: „Јас сум играч на Барселона и во моментот не размислувам за ништо друго“.
Но, какви се очекувањата Андора да заигра во европскиот фудбал?
– Пике вели дека неговиот сон е да ја слуша песната на Лигата на шампионите во Андора. Сакаме да одиме чекор по чекор, со многу понизност и почит кон другите тимови. Имаме големи амбиции. Соништата се тешки, но не и невозможни. Сакаме да станеме еден од клучните претставници на Андора во рамките на шпанскиот и европскиот фудбал, за земјата да биде горда на овој тим – вели Виласека.

Селото Енкамп е на 1.300 метри надморска висина