Поштарот

2214

Не, нема да пишувам за скандалозниот и противуставен Закон за амнестија (кој лажно го претставуваат како помирување). Дури и правниците (адвокати, обвинители и професори) што обично молчат, сега се видно вознемирени од она што Заев го направи од (божемната) правна држава (во духот на Бајага, „види шта сам ти урадио од државе, мама!“). Правната елита има професионална и морална обврска да поведе постапка пред Уставниот суд. Шансите да се слушнат оние што ја ишараа неговата зграда се многу поголеми во споредба со кој било друг подносител. Ова е фрлање ракавица в лице, предизвик за оние кои скандираа „нема правда, нема мир“. Наместо да кукаат колку се разочарани и депресивни, еве им шанса да покажат во практика колку се грижат за уставноста и законитоста. Преспанскиот срам го премолчеа и превидоа, но ако молчат и пред ова – тогаш, подобро да замолчат засекогаш. Боите на Уставниот суд ги обврзуваат, во најмала рака, да престанат да се шокираат на социјалните мрежи и во медиумите, туку да преземат итни мерки. Осомничените и обвинетите, божем амнестирани, се ставени во невозможна ситуација да се откажат од пресумцијата на невиност, индиректно да признаат вина, поднесувајќи лично барање од судот да престане да ги гони или да го преземат товарот на докажување на невиноста, во согласност со крајно апсурден и дискриминаторски закон. Поголема неправда од ова – здравје!

Насловот на колумната асоцира на Дивиот запад, но се однесува на она што најмалку седумнаесетина години се случува со „Македонска пошта“. Мнозина се загрижени дека ќе се вика северномакедонска пошта, ама едвај некој и заустил за фактот дека ова е едно од најнеспособните и најкорумпирани јавни претпријатија. Ако на вистинскиот Див Запад, што е отсликано во вестерн-филмовите, грабежите на поштенските кочии биле вообичаена работа, со „Македонска пошта“ се случува обратното. Дивиот Запад е вграден во нејзините раководни структури, таа сама себе (т.е. нас) нѐ ограбува! Веќе никој и не брои колку злоупотреби се случија, вклучувајќи го и подметнатиот пожар за кој не одговараше никој, иако се докажа дека директорот (оној со капчето на УЧК) си чувал моторно масло во канцеларијата. На грабежите на поштенските возила со пензиите не им се знае бројот, ниту пак е познат вкупниот износ на ограбени средства надоместени со наши, буџетски средства. Во делбата на „колачот“, по правило, поштата отсекогаш остана најомилено парче за кадрите на ДУИ, како извор на финансирање на партијата. Тоа е јавна тајна, но досега не одговарал ама баш никој. Поштата е претпријатие што може да апсорбира голем број рамковни вработувања, ама додека некои седат дома и земаат плата, други (без соодветна партиска книшка) разнесуваат пошта без никаква социјална сигурност. Одговорноста на ДУИ за состојбата во државата е табу-тема, како во „бомбите“, така и во владата на Заев и во СЈО на Јанева.

Еве, приказна за една обична улица во Тафталиџе. Откако урбаната мафија го откри просторот како профитабилен, со огромните станбени блокови (некои сѐ уште во изградба), таа конкурира за една од најгусто населените. Но во 21 век, со месеци таа нема поштар (пријател ми вели дека неговата улица нема поштар три години!). Не добиваме ни сметки, ни пратки, ни честитки за Нова година – ништо! Отсечени од светот. Во мојата околина жителите се во поодмината возраст и немоќни за да одат до централната пошта да си ја земаат поштата, а и редиците таму се огромни. Мојот прв сосед е љубезен, па кога ја зема неговата пошта, ја носи и мојата. Човек од нормална држава би се фатил за глава. Како е можно ова? Зарем тајноста на личната кореспонденција не е заштитена на највисоко уставно ниво? (Во случајов, мојот сосед се легитимира со лична карта од оваа улица, па вработените се среќни да го искористат за да му ја „тупнат“ целата пошта, како да им е волонтер!) Најголемата иронија е што ова се случува во земја што до вчера беше инволвирана во (наводно) најголемиот скандал на прислушување на телефонската и електронската комуникација, а во која тоа и денес се случува без некому око да му трепне. Затоа, поштенските пратки се мачкина кашлица во споредба со сѐ друго. Во петокот, на мое големо изненадување, едно момче ми достави препорачана пратка (од Штип до Скопје патувала цели 11 дена). Помислив дека конечно го гледам новиот поштар, но излезе дека доставката ја врши еднократно. Го прашав до кога вака, а неговиот одговор е најдобрата дијагноза за ова што се случува: сѐ додека немаме држава вака ќе биде!

Премрзнат и разочаран, ми кажа дека работи без здравствено и пензиско осигурување, за мала плата, и дека мнозина размислуваат да бегаат не само од „Македонска пошта“ туку и од државата! (Очигледно, покрај соодветната етничка припадност, потребна е и партиска за да бидеш социјално осигурен.

Систематизацијата на работни места во поштата е посебен феномен: места постојат, луѓе земаат плата, но не одат на работа; тие што сакаат да работат, се експлоатирани и понижени.) Во меѓувреме разбрав дека е ова општа слика на Македонија. Поштари нема, па луѓето стануваат должници бидејќи не можат редовно да си ги платат сметките, им доцнат пратки, службени документи и сл. Таму каде што ги има, вообичаено е пратките да се фрлаат во дворови (по дожд или снег, сеедно) или во влезовите на зградите, на дофат на секого, наместо да се сместат во поштенските сандачиња.

Пријател, поранешен бегалец под налетот на хрватските сили во војната (кој сега ужива во пензионерските денови во Норвешка), ми кажува за расправите со блиските во БиХ: „Кога ми велат не ја даваме државата, јас им велам – па, нема држава… има земја, ама нема држава. А и земјата е распарчена!“ Истото тоа важи и за Македонија. Пуховски е уште пожесток, па во еден скорашен текст вели дека тезата дека „каква било држава“, односно држава што не ја извршува (или едвај ја извршува) својата улога, е чисто празноверие. Тоа е израз на детска поврзаност со државата како објект на трансгенерациска наследена желба, но не и предмет на сериозна политичка култура. Иако сакаме да веруваме дека сме уникатни, доволна е и површна споредба со БиХ (па и со Косово, кое неодамна се „закити“ со војска и божем докажа дека е „вистинска држава“) за да се види дека сме сијамски близнаци. Секој со наративи за остварена вековна желба за држава, но секојдневието тотално неспособни дури и за вршење елементарни функции. До „каква таква држава“ може да се дојде со борба, со крвопролевање или по сплет на историски околности, но прашањето е што правиш со државата (ако веќе ја имаш). Не треба да си многу учен и умен да сфатиш поштата, можеби еднакво како и постоењето на војската и полицијата, е базична институција на државата, од древните времиња до денес! Поштата е таа што создава политичка/јавна заедница, која функционира во сите околности (и да врне и да вее и бура да коси… – не се случајни стихови од детска песничка). Нашава држава се распаѓа по сите шевови, без оглед како (ќе) се вика. Како да се натпреваруваат за Гинис во дисциплината „како најбрзо да уништиш држава“. А некои и натаму веруваат дека овие дилетанти и ајдуци можат да решат некој проблем ама им недостигаат членството во НАТО и ЕУ!

Некој може да забележи дека примерот со нефункционирањето на поштата и не е најскандалозен или најилустративен за нефункционалноста на државата, ама не се согласувам. Додека размислував за ова елементарно ниво на неспособност и дилетантизам што го трпиме со години, на ум ми падна филмот „Поштарот“ (Костнер како режисер и во главна улога не се прослави во кинематографска смисла). Снимен според истоимената книга од 1985 година, премиерата се одржа токму на Божиќ во 1997 година. Дејството се случува во постапокалиптична иднина (во 2013-та, иднина што сме ја заминале одамна!), среде распадната земја по над 16 години граѓанска војна, болести и беда, кои водат до тотален колапс на цивилизацијата и технологијата, со параполициски сили што вршат терор врз населението. Главниот јунак случајно наоѓа униформа на старата американска поштенска служба и торба со неразнесени писма, па за да ги избегне параполициските гонители, секаде каде што патува почнува лажно да се претставува како претставник на новата власт воспоставена на целата територија. Не сакајќи, тој не само што буди надеж туку инспирира и други доброволно да се нафатат за поштенската служба и да разнесуваат писма и информации. Така се враќа вербата дека државата се оправила, што, всушност, по 30 години, и се случува. Значи, нешто блиско до контекстот и распад на системот имаме, само ни недостига Поштар да ја врати надежта дека некои базични работи можеме да ги направиме како што треба и да се поврземе како луѓе и како заедница.