Почнуваат истражувачките активности за лежишта на нафта

227

Конвој од бродови за сеизмички истражувања, меѓу нив и најголемиот норвешки брод од 117 метри, в сабота пристигнува во црногорските територијални води заради истражување за нови наоѓалишта на нафта, објави Радио Црна Гора.

– Бродовите доаѓаат на 10 ноември и веднаш почнуваат да работат. Истражувањата се планирани од 10 ноември до 21 декември – изјави Жарко Лукиќ, началникот на Одделението за надзор и контрола на поморскиот сообраќај во Управата за поморска безбедност.

Истражувањата се планирани на површината од околу 1.200 квадратни километри од морското дно, за што му се издадени и концесии на италијанско-рускиот конзорциум „Ени-Новатек“.

– Локацијата за истражување се наоѓа 10-15 наутички милји од Валданос и 10-15 милји од Бар кон отворено море. Подрачјето покрива дел од територијалните води и епиконтиненталниот појас – вели Лукшиќ.

Со помош на звучните и воздушни топови и специјализирани геомикрофони, прецизно ќе бидат утврдени условите дали има исплатливи лежишта на нафта и на гас.

– Задача на Управата на поморска безбедност е да ги информира другите бродови за активностите што се одвиваат во наведените координати – вели Лукшиќ.

На овој дел во овој период има и засилена рибарска активност, а на сопствениците на пловилата им се делат летоци, со кои се препорачува пропишаната оддалеченост од бродовите за истражување за наоѓалишта на нафта.