Потребно е итно подобрување на капацитетите за бездомни кучиња

212

Време е да станеме дел од решението, бидејќи веќе сме дел од проблемот, вели Ивана Арсовска

Напуштањето на милениците, неодговорното сопствеништво, одржувањето во живот на улични кучиња преку исхрана и грижа без нивна целосна контрола, несоодветните методи за контрола на популацијата и непреземањето одговорност (парична, казнена) при сторени дела се дел од циклусот наречен бездомни кучиња. Проблем што подолго време постои и ништо не се презема за негово решавање.

– Со сигурност може да се потврди дека местото на кучињата не им е на улица. Благосостојбата на кучињата е загрозена кога популацијата не е контролирана, при што се јавува компетитивност за ограничени ресурси и храна, а како последица се јавуваат неухранетост, особено кај гравидни кучки и кучки-доилки, пад на имунитетот и зголемена можност за тешки заболувања (штенечак, парвовироза, лајшманиоза), со што се зголемува и ризикот за ширење инфективни заболувања и паразити на здрави единки, животни и луѓе. Исто така, сѐ повеќе се покачува бројот на пријавени случаи на каснување луѓе од кучиња. Како една од причините за масовната популација на бездомни кучиња моментално е непостоењето на стационар во Скопје, како и во повеќето општини низ државата – вели Ивана Арсовска, претседателка на ИВСА (Интернационална ветеринарна студентска асоцијација).

Државните институции, надлежни за контрола на популацијата на бездомни кучиња, се справуваат со овој комплексен проблем со заловување и убивање на кучињата во стационари, по пат на еутаназија или политиката „залови – кастрирај/стерилизирај – врати“.

– Доста често се употребуваат и неприфатливи методи, како масовно труење и нанесување тешки физички повреди од страна на граѓани, кои ретко минуваат казниво. Сиве овие методи досега се докажани како краткотрајни, бидејќи привремено го решаваат проблемот. Убивањето голем број здрави кучиња е етичко прашање, со што денес, на глобално ниво, сѐ повеќе расте бројот на стационари/прифатилишта за животни што имаат политика „не убивај“, односно ги чуваат заловените животни и се грижат за нив сѐ до вдомување/природна смрт – објаснува Ивана.

Таа смета дека кога станува збор за бездомните кучиња, има уште еден проблем што треба да се истакне, а тоа е посебна група бездомни кучиња, односно бездомни кучиња што живеат во планински предели и рурални средини.

– Овој вид бездомни кучиња обично живеат околу депонии чиј ризик за ширење зарази изнесува 100 отсто и често ловат во група, односно начекуваат пленови убиени од страна на диви животни, како на пример од рисот, кој претставува заштитен вид. Со исхрана на бездомните кучиња со плен на рисот, како на пример дива коза, се загрозува директно опстанокот на балканскиот рис и постои опасност за нарушување на биодиверзитетот – додава Арсовска.

Според неа, контролата на популацијата на бездомните кучиња бара мултидисциплинарен пристап, со почитување и извршување на Законот за заштита и благосостојба на животните, спроведување едукативни активности за одговорно сопствеништво (вакцинација, микрочипирање, кастрација/стерилизација), функционални стационари/прифатилишта во секоја општина и регистрирани одгледувачници, преземање одговорност за кучињата, како и задолжителна комуникација помеѓу владиниот и невладиниот сектор, односно консултации на невладините организации за заштита на животните со соодветни органи и институции, како Агенцијата за храна и ветеринарство и Факултет за ветеринарна медицина – Скопје.

– За целосно да се реши и елиминира проблематиката со популацијата на бездомните животни, треба да се насочиме кон подобрување на моменталните капацитети. Време е да станеме дел од решението, бидејќи веќе сме дел од проблемот – категорична е Арсовска.


ИВСА (Интернационална ветеринарна студентска асоцијација) е непрофитна, невладина организација во која членуваат студенти од Факултетот од ветеринарна медицина од Скопје. ИВСА – Скопје е членка на глобалната ИВСА, во која се вклучени студенти по ветерина од 60 земји во светот. Целите на ИВСА се промовирање соработка на студенти по ветеринарна медицина во Македонија и светот, во областа на едукативни работилници, ветеринарна практика, спроведување едукативни настани, предавања, зголемување на јавната свест за правилна грижа и здравје на животните и животната средина.