Потрага по подобар живот причина за демографската катастрофа

1282

Профилот на граѓанин што сака да се исели е граѓанин што смета дека во Македонија не може да се напредува со напорна работа, не е задоволен со местото на живеење, има завршено средно или повисоко образовани и е на помлада возраст

Во коментарот од минатата седмица „Демографска катастрофа во екскомунистичките земји“ пишував за една од мантрите дека е неопходно наше членство во НАТО и во ЕУ за да се задржат луѓето и да се спречи демографската катастрофа во земјата. Со тоа што во Македонија е многу тешко да се утврдат фактите, бидејќи нема спроведено попис од 2002 година. Просдсмовските активисти, повикувајќи се на разни извештаи, говореа за најмалку 300.000 емигрирани од земјата, што би значело дека околу 15 проценти од граѓаните емигрирале. Од друга страна, Државната изборна комисија, со вкрстување многу бази на податоци, утврди дека околу 170.000 гласачи не се во земјата и тие беа ставени во посебна гласачка листа. Оттука, може да се заклучи дека најверојатно во моментот во Македонија живеат малку над 1,8 милион луѓе и губиток на население од околу 10 проценти. Таков демографски пад би имал значајни демографски, економски и политички последици и потреба да се разгледаат причините и можните решенија.

Додека повеќето се соочуваат со популациски пораст, екскомунистичките држави во Европа се соочуваат со демографска катастрофа. Источна Европа се соочува со „масивна загуба на популација, невидена во мирновременски услови“. Најмалку 11 земји имале загуба на население повеќе од 10 проценти од 1989 година, вклучувајќи ги Бугарија, Романија, Украина. Летонија има изгубено 27 проценти, Литванија 23 проценти, Бугарија и Босна и Херцеговина 21 процент. ОН проценуваат дека Источна Европа имала 292 милиони луѓе во 2017 година, или околу 18 милиони помалку отколку во 1989 година, или околу 6 проценти намалување. Меѓу земјите на листата има земји што се членки и што не се членки на НАТО и на ЕУ. Бугарија е членка на НАТО од 2004 година и на ЕУ од 2007 година и е прва на светот по загуба на население! Тоа води до почетната хипотеза дека за да ги зачуваме луѓето треба да влеземе во НАТО и во ЕУ. Камо среќа да е толку едноставно! Но не е толку едноставно и затоа треба многу сериозна анализа на причините и сеопфатни мерки за справување со демографската катастрофа.

Генерално се наведуваат три причини за демографската катастрофа на Источна Европа: емиграцијата, паѓањето на стапката на раѓање, при сѐ уште високи стапки на смртност.
Емиграцијата е една од главните причини за падот на населението. Многумина од екскомунистичките земји емигрирале кон Западна Европа во потрага по повисока заработувачка и подобар систем на благосостојба. За Полјаците и балтичките земји главна дестинација е Велика Британија, за Естонците е Финска, а за Романците тоа се Шпанија и Италија. Притоа емиграцијата не е неминовно поврзана со слободата на движење во ЕУ, бидејќи е започната уште пред членството на овие земји во ЕУ.

Романија, на пример, има изгубено околу 10 проценти од популацијата во годините пред ЕУ-членството. Само во 1990 година околу 100.000 Романци ја напуштаат земјата. Според извештај на ОЕЦД во раната фаза најголем дел од емиграцијата ја сочинуваат етничките малцинства, а подоцна тоа стануваат барателите на работа.
Втората причина е тоа што тие што останеле во Источна Европа имаат сѐ помалку деца. Во 1989 година вкупната стапка на фертилитет изнесува 2,1 (деца на жена), а е падната на 1,2. Економската и политичката несигурност, заедно со пропаѓањето на системот на благосостојба и грижа, се главните причини за ваквиот значаен пад на раѓањата.

Фото: Дарко Андоновски

И други земји, и тоа развиени земји како Германија, имаат сличен пад на раѓањата, но немаат таква загуба на популација како Источна Европа, како резултат во разликата на имиграцијата. Падот на раѓањата во Германија се надоместува со имиграција или доселување. Во Источна Европа малку држави имаат позитивна нето-миграција, земји како Чешка и Словенија, кои се меѓу земјите што немаат загуба на население како другите земји во Источна Европа.

Како и во Источна Европа, така и во Македонија, причините за намалувањето на популацијата треба да се бараат во намалувањето на раѓањата и емиграцијата. Од некогашната висока стапка на фертилитет од 3,84 во 1960-тите, во првите години на независна Македонија таа изнесува 2,21, а во 2016 година паѓа на само 1,5. Во 2016 година, бројот на раѓања (околу 23.000) за само 2.500 луѓе го надминува бројот на умирања (околу 20.500). Значи Македонија е веќе во предизвик на одржување на природниот прираст. На тоа се надоврзува емиграцијата, која не води во намалување на населението, за што пишував и минатиот и на почетокот на овој коментар.

Во истражување на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ТВ Телма од април 2017 година, околу 40 проценти од граѓаните би сакале да се иселат од земјата. Меѓу помладите тој процент изнесува и 60, а кај високообразованите 50 проценти. Меѓу водечките причини за иселување се повисок стандард (25 проценти), барање работа (23,2), нестабилна политичка состојба (14,9), можности за образование (8,1), услови за кариера (10,9) и различен животен стил (4,9). Профилот на граѓанин што сака да се исели е граѓанин што смета дека во Македонија не може да се напредува со напорна работа, не е задоволен со местото на живеење, има завршено средно или повисоко образовани и е на помлада возраст.

(Продолжува)
(Авторот е аналитичар)