Потенцијалните домаќини на „скенер“

1119

Официјалните лица на ФИФА беа во Атланта, Торонто, Њујорк и во Њу Џерси, а идната недела треба да одат и во Мароко, како дел од инспекцијата на некои предложени објекти за организација на СП 2026, пред одлуката за домаќинство, закажана за во јуни, во Москва, пред почетокот на СП 2018

На само два месеца пред гласањето (на 13 јуни во Москва) на кое ќе се одлучи кој ќе биде домаќин на Светското првенство (СП) во 2026 година, Комитетот за евалуација на Светската фудбалска федерација (ФИФА) беше на неколкудневната инспекциска турнеја низ САД, Канада и низ Мексико, кои се заеднички кандидати за организација на тоа СП. Делегацијата изврши инспекција на низа предложени објекти, вклучувајќи ги стадионите, тренинг-центрите и потенцијалните кампови за репрезентациите, во Атланта, Торонто, Њујорк и во Њу Џерси. Мароко е единствениот противкандидат за организација на проширениот турнир, на кој првпат ќе настапат 48 селекции.

САД, Мексико и Канада како клучно во понудата ги сметаат големиот број веќе постојни, модерни стадиони. Официјални претставници на Северна Америка велат дека 60 натпревари на финалниот турнир би се играле во САД, а во Мексико и во Канада по 10. САД би биле домаќини и на сите натпревари од четврт-финалето до финалето. Делегацијата на ФИФА ќе ја оценува кандидатурата на Мароко следната недела пред да ги достави процените. Претседателот на Француската фудбалска федерација (ФФФ), Ноел Ле Грат, за францускиот весник „Л’Екип“ минатата недела изјави дека тие ќе гласаат за Мароко.

– Не гледам причина да не гласаме за земја што ни е блиска. Во Африка досега имаше само едно СП, тоа не е многу. Мароко е подготвено, иако нема пари како нивните ривали. Франција има само еден глас, но можеби ќе дадеме импулс во Европа за да го избереме Мароко – рече Ле Грат. 


По „Сентенарио“ Јужна Америка сака ново „сентенарио“

Три јужноамеркански земји, Аргентина, Уругвај и Парагвај се заинтересирани заеднички да бидат домаќини на фудбалското СП 2030. Аргентина би имала осум града-домаќини, а Парагвај и Уругвај по два, потврдија трите земји. Аргентина и Уругвај, кои по двапати триумфираа на СП, минатата година одлучија да достават заедничка понуда, а потоа се приклучи и Парагвај. Понудата е дизајнирана да се совпадне со 100-годишнината од првото СП што се одржа во Уругвај во 1930 година, со финале на стадионот во Монтевидео, „Сентенарио“, чие име на шпански значи стогодишнина, а е дадено во чест на тогаш 100-годишнината од ратификацијата на првиот устав на Уругвај. Покрај Уругвај и Аргентина еднаш беше домаќин на СП (во 1978 година), а од Јужна Америка уште и Бразил (двапати, 1950 и 2014) и Чиле (1962), досега вкупно пет.