„Поречки средби“ во Долна Белица

75

Четиринаесетти пат денеска во селото Долна Белица, Бродско, ќе се одржи манифестацијата „Поречки средби“, на која се очекуваат повеќе од 2.000 гости, а ќе биде збогатена и со културно-уметничка програма и други содржини. Почетокот на манифестацијата ќе биде во 10.30 часот, а присутните гости и жителите најпрво ќе ги поздрават градоначалникот на општината Македонски Брод, Живко Сиљаноски, и претседателот на манифестацијата, Стојко Атанасоски. Во културно-уметничката програма ќе учествуваат друштвата: „Седми септември“, „Пенка Котеска“ од Прилеп, „Гоце Делчев“ од Битола, друштвата од селата Логоварди, Тополчани, „Гајда“ од радовишко Ињево, пејачката група „Преродба“ од Прилеп и други.

Како и претходните години, се очекува масовен одѕив на жителите од Поречието и на граѓаните од другите градови што се по потекло од овој крај. Откако почна да се организира оваа манифестација, голем дел млади по потекло од овој крај првпат по многу години се вратија во родните места на своите родители, баби и дедовци.
– Тие се запознаваат со регионот од каде што потекнуваат, а дел од нив изградија или градат куќи или викендички и ги обновуваат старите куќи изградени пред многу години – вели Атанасоски.