Популус анте портас! (за стигмата наречена „популизам“ и стравот од неа)

234

Знаменитиот Теофрастус Бомбастус фон Хоенхајм, попознат како Парацелзус, еднаш рекол „се прашувам како високите школи (универзитетите) произведуваат толку високи задници“! Кога читам како нашите, но особено белосветските професор(к)и по општествени науки говорат за популизмот, сосема го разбирам Парацелзус! Дали овие луѓе учеле јазици и логика? Ако да, треба да знаат дека поимот „популизам“ е комплементарен со оној на демократијата: populus на латински значи истото што и demos на грчки! Очигледен е оттука силогизмот дека ако некој е против популизмот, тогаш е и против демократијата, т.е. против (волјата на) народот! Чиста формална логика! Тоа води до следните два проблема поврзани со ова прашање: што всушност е тоа демократија (и дали таа воопшто е можна) и што е тоа народ? Логички, треба да го решиме прво второто прашање, бидејќи е дел од првото. Оттука натаму проблемот зема емпириски (и со тоа проблематичен!) тек. Народот, во основа, не постои. Она што постои се индивидуите и врските меѓу нив образувани заради внатрешна нужност (материјалната конституција на поединецот зададена од природата): луѓето се спојуваат пред сè за да (пре)живеат и да го продолжат потомството, но и за да се остварат чувствено, творечки и интелектуално. Така настануваат заедниците.

Заедниците, за разлика од општеството, се провидни: маж и жена, семејство, пријатели, соработници… „Провидни“ значи дека врските меѓу нивните членови се видливи, разбирливи и подложни на промена и преиспитување според потребите на членовите на заедницата. Со појавата на општеството (држави) настануваат диференцијација и фрагментација (хиерархија): овие врски стануваат непровидни, неразбирливи и се диктирани од горе, според интересите на господарите, а не на другите членови на заедницата (елита vs. народ). Од внатрешна (=разбирливa, заради самоевидентни интереси), НУЖНОСТА станува надворешна (=неразбирлива, заради туѓи интереси). Сама по себе, нужноста не е негација на слободата, туку дел од структурата на стварноста. Она што е негација на слободата е НАДВОРЕШНАТА нужност. Правото и законите, во кои сите овие професори (и јавноста) се колнат, небаре се оној априори бог на Кант и христијанската теологија, се измислени токму за да ги кодифицираат интересите на господарите (од надвор наметната нужност). Така настануваат нормата и „нормалното“. Кој ги носи законите? Во чиј интерес се носат (и применуваат)? Кој е (п)овластен за нивното нормативно толкување? Јас? Вие? Или специјалистите професори, легислатори, лобисти?

Сега може е појасно кој е ПСИХОЛОШКИОТ мотив на оваа професура да го напаѓа популизмот: ТИЕ се плашат дека ќе го изгубат повластеното место на општествени жреци (eлитизам vs. популизам!) и затоа, како и првите свештеници, арогантно се топорат (всушност, кријат) зад катедрите, зад опскурни и неразбирливи (всушност, провидни) концепти, кои, ако се фрлат во барабанот на логиката и стварноста, се голи како царот од приказната. Секоја чест на самотни јавачи како Чомски… Тоа води до второто прашање: што всушност е демократијата и дали е можна? Кога се говори за демократија, лесно се заборава дека зборот е сочинет од два дела: народ (demos) и владеење (cratia). Повторно, академските елитисти го нагласуваат зборот „demos“, за да се додворат до populus, кој инаку толку го презираат, а добро го кријат зборот „владеење“. Како воопшто може да владее народот? Ниту еден сложен систем, како што е општеството, било да е природен или вештачки, не се владее самиот себеси (како целина), туку Е ВЛАДЕЕН (од еден за тоа специјализиран дел): сложените организми имаат централен нервен систем, машините процесори што ги раководат автоматизираните процеси… НИЕ во демократијата само избираме кој ВЛАДЕЕ СО НАС, воопшто не владееме! Тоа е емпириски невозможно. ВИСТИНСКИОТ НАУЧНИК тоа треба да им го објасни на луѓето (ако досега веќе не го сфатиле) наместо да им го обландира!

Затоа, соодветното име за ова општествено уредување би било ДЕМОКРАТУРА. Веќе ги слушам академските апологети: но демократијата е процедура, вистинската демократија е партиципативна… И тука повторно доаѓаме до „маѓепсаниот круг“ (патем, станува збор за црна магија!): кој управува со процедурите? Јас? Вие? Или „нашите“ избраници? Кој ги дизајнира и толкува процедурите? Професорите? Експертите? Кој нив НЕПОСРЕДНО ги плаќа? Господарите! Посредно, секако, ги плаќаме ние. Но господарите управуваат со нашиот труд и потоа го свртничарат како да е нивен (поточно: го узурпираат, што наедно ја чини основата на капиталистичката економија). Истото тоа го прават и со иде(ал)ите преку академскиот естаблишмент (жреци > легислатори / филозофи > професори / „експерти“). Ова, се чини, е нужното, структурно зло на секоја социоекономска хиерархија, кое досега само се видоизменувало, но одвај било блиску до отстранување. Сите општествени системи досега биле само легитимација на овој образец на функционирање, како и сите религии (можеби со исклучок на „безбожниот“ будизам и неговиот нескриен нихилизам, за разлика од лицемерниот нихилизам на теолошко-црковното ex cathedra христијанство).

Последно прашање: дали анархијата е решение? Дали е воопшто можна? Внимавајте: зборот анархија не значи „безредие“ како што го објаснуваат повеќето академски усти (!), туку „безвластие“. А тоа е сосема различно. Одговорот, според мене, е брутален: анархијата е невозможна, но – ако и само ако сакаме да останеме личности, луѓе – таа е нужна! Оттаму и познатиот слоган „биди реален, барај го невозможното!“ на побунетите студенти од 1968-та и воедно наслов на одличниот увод во анархизмот на Питер Маршал („Demanding the Impossible“). Елитата е спонтан, но и латентен израз на вредност пред сè во творештвото (уметноста), како и во креативните пројави воопшто, во поширока смисла на зборот. Но кога станува збор за општествени прашања, тие нè засегаат сите нас ПОЕДИНЕЧНО и затоа општествените и хуманистичките „науки“ треба да се искорнат од универзитетите и да им припаднат на оние што ги засегаат: популусот, луѓето како поединци, кои (судејќи по историското искуство, за жал?) ги остваруваат своите витални функции здружувајќи се. Токму тоа (треба да) се обидува да го стори популизмот, токму тоа се обидува да го запре (корпоративно) академскиот елитизам! Навистина, чуму универзитети?!

Филип Клетников