„Помалку е повеќе“ – концерт на пијанистката Дуња Иванова

253

В петок, во 20 часот, Музејот на Македонија ги отвора вратите за нешто поинакво. Пијанистката Дуња Иванова, во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“, најавува перформанс во кој ќе доминира минималистичкиот звук за пијано на автори што првпат ќе прозвучат на македонска почва. Давид Федел (Австралија), Микаел Сапин (Шпанија) и Бианка Бан (Хрватска) се композитори од средната генерација, кои нудат исклучително софистициран звук за пијано.

„Помалку е повеќе“ е насловот на концертот, кој ќе биде проследен со неколку видеопроекции, а за слушателите, како што вели Иванова, ќе обезбеди амбиент за „будно сонување“.

Дуња Иванова (1985) магистрира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010), магистрира (2009) и докторира (2015) на Катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет. Со солистичка и камерна концертна дејност се претставува во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Рагуза (Италија), Приштина (Косово).

Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото, Мајкл Најман, Тери Рајли, Стив Рајх. Авторка е на книгите ,,Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20 век“ (2016), „Естетското доживување на музиката“ (2010), на публикациите „Мултиапликативната примена на музиката во образовниот процес кај децата“ (2010) и „Децата и музиката во виртуелната реалност“ (2012).