Полуфинале на 25 клупски колеги

177

За денешното полуфинале најмногубројна е колонијата на Челси, петмина репрезентативци на Франција и на Белгија, а по четворица има од Тотенхем и од ПСЖ

Дванаесет фудбалски репрезентативци на Франција и уште 13 од Белгија се клупски другари во седум клуба во три земји. Двете репрезентации денеска ќе играат меѓу себе во првото полуфинале на Светското првенство во Русија.
Најмногубројни се членовите на Челси, петмина, од нив двајца во дресот на Франција (Оливие Жиру и Нголо Канте) и тројца на Белгија (Еден Азар, Тибо Куртоа и Мичи Батшуаи). По четворица клупски колеги има од Тотенхем, Уго Лорис од Франција и Јан Фертонген, Тоби Андервирелд и Муса Дембеле, како и од Пари сен Жермен, и тоа Французите Килиан Мбапе, Преснел Кимпембе и Алфонс Ареола, како и Белгиецот Томас Меуниер.
За клубовите од Манчестер играат француските репрезентативци Бенџамин Менди (Манчестер сити) и Пол Погба (Манчестер јунајтед), како и членовите на белгиската селекција Венсан Компани, Кевин де Брујне (Сити), Маруан Фелаини и Ромелу Лукаку (Јунајтед).

Клупски другари се и Џибрил Сидибе и Томас Лемар од Франција и Јури Тилеманс од Белгија, тројцата во Монако, како и Самуел Умтити и Осман Дембеле од Франција и Томас Фермален од Белгија.
Другите 11 француски репрезентативци се членови на Лион, Марсеј, Баерн, Штутгарт, Јувентус, Атлетико, Реал Мадрид и Севилја, а 10-те белгиски на Андерлехт, Далиан, Тианжин, Ливерпул, ВБА, Борусија (М), Волфсбург, Наполи, Селтик и Сосиедад.
Во утрешното полуфинале, Англија и Хрватска имаат само една допирна клупска точка, со Трент Александер-Арнолд, Џордан Хендерсон од Англија и Дејан Ловрен од Хрватска, сите членови на Ливерпул.