Полуфиналето е тест за нападот на Вардар и за одбраната на Ростов

934

Сезонава вардарки се најефикасни во ЛШ со 29,8 гола по меч, а тимот од Дон прими најмалку голови од сите, 23,5 по натпревар. Во вториот полуфинален меч ќе играат европските шампиони од двете минати сезони, Ѓер и Букурешт

Дебитантот на годинашниот фајналфор-турнир во Лигата на шампионите за ракометарки во Будимпешта, рускиот првак Ростов Дон, ќе биде првата пречка на вардарки во нивниот петти обид да стигнат до првата европска титула. Во вториот полуфинален меч ќе се судрат шампионите од двете минати сезони, актуелниот европски првак Ѓер и првакот од сезоната 2015/2016, романскиот првак Букурешт. Полуфиналниот дуел Вардар – Ростов Дон ќе биде судир на екипите што сезонава ги имаа најдобриот напад и најдобрата одбрана. Вардарки со 418 гола (29,8 по меч) се сопственички на најдобриот напад (просекот на примени голови е 24,2), во кој главната улога ја имаше бековската линија на чело со Андреа Пенезиќ, стрелец на 82 гола.

Русинките, пак, сезонава ја одиграа најдобрата одбрана (со просек од 23,5 гола по натпревар), во која главната улога ја имаат специјалистките за одбрана, Регина Калиниченко и Елена Сливинскаја, кои имаа одлична поддршка од голманките Ана Седојкина и Мајса Песоја, сите репрезентативки на своите земји (Русија и Бразил). Ростов постигнуваше 27,4 гола по меч. Покрај тоа што полуфиналниот меч ќе биде судир на најдобриот напад и на најсигурната одбрана, тој ќе биде и сестрински дуел на двете руски репрезентативки, левото крило Полина Кузнецова во црвено-црниот состав и десниот бек Ана Вјахириева во дресот на Ростов Дон. Вјахириева со 63 гола сезонава е најдобар стрелец кај рускиот првак. Главниот костур на екипата на францускиот стратег Фредерик Бужан го сочинуваат интернационалките дополнети со неколку руски репрезентативки.

Главна организаторка на играта е Бразилката Ана Паула Родригез (сезонава 50 гола), потоа шпанскиот лев бек Александра Барбароса (48 погодоци), црногорскиот десен бек Катарина Булатовиќ (40 гола), како и француското лево крило Сираба Дембеле (50 реализации). Дембеле и Песоја во претходните сезони играа за Вардар. Пласманот на Русинките на годинашниот фајналфор во ЛШ е најголемо клупско достигнување во историјата на клубот, за кого ова е трета сезона во ЛШ. Претходно, нивни најголем успех беше минатогодишното освојување на ЕХФ-купот, кога во финалниот двомеч двапати беа поуспешни од Битингам. Ракометарките на Вардар и на Ростов Дон досега играле само еднаш меѓу себе, и тоа на турнирот во Скопје минатата година, кога поуспешен беше рускиот состав, кој со победа во финалниот меч (33-26) го освои првото место на турнирот. 


ПОЛУФИНАЛЕ НА ЛШ ЗА ЖЕНИ

Букурешт – Ѓер  12 мај
Ростов – Вардар 12 мај

финалето и мечот за третото место се на 13 мај