Политичка бура во Вашингтон

412

Не поминаа ниту 24 часа од изборите, по кои демократите ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом, Трамп во свој стил приреди ново „изненадување“ за американската јавност. Гласачките ливчиња уште не беа доброени, а американскиот претседател го отпушти јавниот обвинител Џеф Сешнс, заблагодарувајќи му се на соработката

Деновиве низ кулоарите во Вашингтон врие како во пчелина кошница. Во центарот на вниманието повторно е кој друг ако не претседателот Доналд Трамп. Не поминаа ниту 24 часа од изборите, по кои демократите ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом, Трамп во свој стил приреди ново „изненадување“ за американската јавност. Гласачките ливчиња уште не беа доброени, а американскиот претседател го отпушти јавниот обвинител Џеф Сешнс, заблагодарувајќи му се на соработката. Некои можеби го очекуваа отпуштањето на Сешнс, но сепак, избраниот тајминг изненади многумина. Дали ваквиот потег на Трамп означува почеток на крајот на истрагата за наводното мешање на Русија во претседателските избори? Или, пак, Трамп свесно, или несвесно, почнува нова политичка битка во Вашингтон?

Јавниот обвинител долго време беше цел на жестоки критики од новоизбраниот шеф на Белата куќа. Најголемиот грев на Сешнс, според Трамп, беше одбивањето да ја надгледува истрагата за наводните контакти помеѓу изборниот тим на Трамп и официјални руски претставници. Па, така, Сешнс самиот се иззема од истрагата, префрлајќи ја топката во рацете на неговиот заменик – Род Розенстајн. Розенстајн, пак, е човекот што набргу потоа го именуваше Роберт Милер за специјален советник, надлежен за истрагата. Специјалниот советник доби широк мандат да ги истражува можните руски врски на републиканскиот табор.

Па, така, Милер почна да поставува многу прашања. Некои прашања беа доста „непријатни“ за републиканскиот тим, иритирајќи го дополнително претседателот Трамп, за кого истрагата е „најголемиот лов на вештерки во историјата“. Истрагата на Милер досега резултира со серија обвиненија против повеќе, сега веќе бивши, високи соработници на американскиот претседател. Некои дури сугерираа дека обрачот, полека но сигурно, се стега и околу самиот Трамп…

Но со отпуштањето на Сешнс, Трамп се осигурува дека попријателски, и партиски определен функционер сега ќе биде надлежен за истрагата. Изборот на Метју Витакер за в.д. наследник на Сешнс доволно говори за намерите на Белата куќа. Во „нормални“ услови, Розенстајн ќе ги преземеше сите овластувања и задолженија на јавниот обвинител. Сега на таа функција, барем привремено, ќе биде Витакер, кој досега повеќепати јавно искажа голем скептицизам за истрагата на Милер. Тој лани во август дури и предупреди дека каква било истрага на Милер за финансиите на претседателот ќе биде пречекорување на црвената линија.

Некои прашања беа доста „непријатни“ за републиканскиот тим, иритирајќи го дополнително претседателот Трамп, за кого истрагата е „најголемиот лов на вештерки во историјата“. Истрагата на Милер досега резултира со серија обвиненија против повеќе, сега веќе бивши, високи соработници на американскиот претседател. Некои дури сугерираа дека обрачот, полека но сигурно, се стега и околу самиот Трамп

Сепак, она што сега е сигурно е дека ако специјалниот советник се обиде да поднесе нови обвиненија или да ја прошири истрагата, Витакер е на позиција да ги одбие тие барања. Тој дури и може да го спречи објавувањето во јавноста на евентуалниот извештај за резултатите од истрагата на Милер. Витакер лани исто така сигнализираше дека најдобар начин за поткопување на истрагата, е значително да се намали нејзиниот буџет, што ќе доведе речиси до замрзнување на нејзините операции.
Тоа би биле еден вид полумерки, чија цел е намалување на штетата од истрагата. Како последна опција за Трамп е да му нареди на Витакер да го отпушти целиот тим на Милер. Американскиот претседател на прес-конференцијата во средата порача дека има право да го стори тоа.

Раководството на Демократската партија предупреди дека отпуштањето на Сешнс ја доведува во опасност истрагата на Милер. Според Ненси Пелоси, станува збор за очигледен обид за прекинување или попречување на истрагата. Интересен е моментот дека и некои републикански сенатори изразија загриженост за иднината на истрагата, порачувајќи дека таа не смее на никаков начин да биде попречена или запрена.

Дали ќе се одлучи Трамп за таков чекор? Знаејќи ја непредвидливоста на американскиот претседател, сигурно е дека ништо не е сигурно. Сепак, ако Трамп ја избере таквата опција, тогаш ризикува многу, бидејќи тоа сигурно ќе предизвика огромна политичка бура во Вашингтон и најверојатно ќе доведе и до почеток на процесот за негово отповикување. Демократите веќе го имаат потребното мнозинство во Претставничкиот дом за да го почнат процесот за импичмент. Тоа што е сосема извесно е дека американската политичка сцена ја очекува бурен период, чиј исход ќе зависи од подготвеноста на Трамп да оди докрај, ризикувајќи си ги претседателската кариера и изгледите за реизбор.