Политичката географија во функција на геостратегијата

888
Се заборава дека Република Македонија има Устав и закони

Гордана Сиљановска Давкова

Преспанскиот договор, кој е составен дел и на референдумското прашање, го имаат прочитано исклучително мал процент граѓани. Од друга страна, апелите и од страна на власта и на опозицијата до граѓаните се да се прочита договорот од точка до точка. Во насока на запознавање на јавноста што всушност содржи договорот, ја пренесуваме сеопфатната стручна анализа на професорката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја објавуваме интегрално, во форма на фељтон во повеќе продолженија

Грчката логика, но и онаа на политичарите од власта, е дека спорот најдобро се решава со име на нашата држава со географска одредница, заради разграничување на северниот дел од географска Македонија од грчка Македонија! Ама, еве како изгледа географијата: на југ, регионите (воспоставени во 1987 година со декрет, наместо дотогашната Северна Грција): Централна, Источна и Западна Македонија (без придавката „грчка“), што честопати Грците ги нарекуваат само „Македонија“, а ние и Бугарите: Егејска Македонија, како географско-историски факт; на север: државата што треба да се вика „Република Северна Македонија“ во која исто така има региони: Западна Македонија, Северозападна Македонија, Источна Македонија; во Бугарија, Пиринска Македонија…; на крајот, дел од географска Македонија има и во Албанија, по политичката поделба од 1913-та…

Сакам да не сум во право, ама се плашам дека „конечното“ решение за името е далеку од конечноста и дека може да биде почеток на бесконечни „спорови“, зошто билатералното „географско“ разграничување може да предизвика акција/реакција од соседите, кои не се ни Летонци, ни Французи, ни Белгијци, ами Балканци! Да повторам: методолошки е нелогично да споредувате и разграничувате држава од регион, зошто во прашање се различни ентитети. Само во уметноста има персонификации и метафори, од типот „очи како небо“, но не и во меѓународните односи. Па, во САД, Австралија, Канада или Нов Зеланд има којзнае колку области со име Англија, Македонија, Шкотска, Велс…. многу градови и реки со европски имиња, па нема проблем. Замислете ги државите од Јужна Америка да бараат од САД да го сменат името, зашто има многу други американски држави, покрај нејзините членки. Истово важи и за ЕУ… па, не се европски држави само оние во ЕУ туку и многу други надвор од ЕУ, ама нема проблем…

ПОЛИТИЧКА НАМЕСТО ПРАВНА ПРОЦЕДУРА, RULE OF MAN НАМЕСТО RULE OF LAW

Преспанскиот договор не води сметка дека Република Македонија има правен систем, на чиј врв е Уставот, во кој промените на правните акти се вршат по определена процедура. Тој наметнува експресна временска рамка на тектонски промени, како што е името. Процедурата е гаранција за демократијата, а нејзиното кршење доведува до неуставност и незаконитост! Без нив нема Rule of Law. Собранието донесе одлука за распишување референдум без уставна и законска основа. Имено, ако според членот 75, став 2 на Уставот: „указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието“, тогаш, без потписот на претседателот, указот за прогласување на Законот за ратификација на договорот не може да биде објавен, а необјавен акт не може да стапи во сила. Но балканските егоцентрични политичари, отсуството на демократски реформи во функција на силни и стабилни институции, чија работа е правно втемелена, го покриваат со „историски“ потези и акти, иако лично живеат по максимата carpe diem!

На рака им оди недемократскиот меѓународен поредок, заснован на сила, а не на право и правда, насочен кон реалполитика. Но реализмот мора да биде предизвикан од идеализам – верба во право, вредности, институции, ако сакаме да имаме подобра иднина и психолошки комфор. И малите држави и нивните граѓани имаат потреба од признавање и почитување на дигнитетот, од thymos. Затоа постојат ОН и ius cogens, затоа е основан Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во кој „забеганите идеалисти“ препознаваат зародок на иден Меѓународен уставен суд!

Да заклучам, би разбрала заштита на државното име со вечна клаузула, по мудрото предупредување на Блаже Конески за неговата тежина, ама забрана на промена на октроираното име „Република Северна Македонија“ и измените на Преамбулата, членот 3 (по вторпат) и членот 49 (повторно) од „европска“ власт, „во името“ на сите претходни и идни генерации и уставотворци, не разбирам.

ЗАЕМНА СОГЛАСНОСТ ЗА КОМЕРЦИЈАЛНИТЕ ИМИЊА, ТРГОВСКИТЕ МАРКИ И ЗАШТИТЕНИТЕ БРЕНДОВИ?

Во членот 1, став 3, под ж) во врска со новото име и неговиот одраз врз комерцијалните имиња, трговските марки и заштитените брендови, се бара дијалог за заемно прифатливи решенија, преку „меѓународна“ билатерална експертска група, во рамките на ЕУ, со соодветен придонес на ООН и ИСО, што би се формирала во 2019 година и во период од три години би се постигнала заемна согласност! Идејата би била одлична, ако не е заснована на отворени барања за преименување на сите имиња, трговски марки и брендови, во согласност со името Северна Македонија, под протекторски диктат на Република Грција. Се разбира, ИСО има акти и правила за имиња и термини, трговски марки, а Грција и Македонија се негови членки. Обете земји имаат стопански комори и други деловни асоцијации, па во согласност со меѓународните правила и обичаи ќе ги решаваат проблемите.

ВО ТРКАТА СО ВРЕМЕТО НАСТРАДА ПРАВОТО, АМА НИЕ ГИ ПРЕТРКАВМЕ СРБИЈА И ЦРНА ГОРА ВО РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ЕУ. ТИЕ ЌЕ ГО ОРГАНИЗИРААТ ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ПРЕГОВОРИТЕ, АМА НИЕ – ПРЕД ДА ГИ ПОЧНЕМЕ! КОЈ ЌЕ ЧЕКА ДО 2030 и некоја?

Во членот 1, став 4, императивно се утврдени чекорите што мора да ги направи Втората страна, по потпишувањето на договорот. Се заборава дека Република Македонија има Устав и закони, подзаконски акти, правни процедури, уставно и законски утврдени рокови за определени постапки. Се споменува референдум, како диспозиција на власта, што може, но не мора да се спроведе. Затоа власта, за „за секој случај“, смисли sui generis анкета-референдум со сугестибилно прашање (иако за НАТО и ЕУ и досега имало многу анкети со константно висока поддршка), па, наместо да нѐ праша за Преспанскиот договор, односно за промената на името (можеби можеше да додаде: во функција на приклучување кон НАТО и ЕУ, иако и тоа е бегство од вистинското прашање) нѐ стави во Прокрустова постела, односно во бермудски триаголник од три прашања во едно (ЕУ, НАТО, Преспански договор), во кој, дури и да сакате, не можете да одговорите со „да“ или „не“. Иако во секој закон за референдум се инсистира на јасно и прецизно прашање, на кое може лесно да се одговори со „да“ или „не“, власта се определи за сложено, конфузно, капциозно, сугестибилно, нејасно и непрецизно прашање, со одговор од многу комбинации на „не“ и „да“, со најмногу „не“ за Преспанскиот договор, најмногу „да“ за ЕУ и помалку „да“ за НАТО! Ако сме жедни за европски стандарди, зошто не ги почитуваме референдумските, предвидени во кодексот на добри референдумски практики, во кој се инсистира на формална, содржинска и хиерархиска логика на референдумското прашање? За што НИЕ всушност треба да гласаме пред да се пристапи кон уставни измени? За ЕУ? Па, ние не сме ги ни почнале преговорите за ЕУ, а камоли да гласаме.

За ЕУ се гласа по завршени преговори, за ЕУ се потребни уставни измени. Ама затоа измислија консултативен референдум, иако за ЕУ може да има само задолжителен: ем по УСТАВОТ, ем по Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Се прашувате ли зошто Србија и Црна Гора, кои се далеку пред нас на патот кон ЕУ, не одржале референдум? Колегите од регионот велат дека во едно сме биле далеку пред нив: во референдумот за ЕУ и НАТО! Ако гласаме за ЕУ, зошто тогаш во сите странски медиуми пишува дека гласаме за промена на името? Зарем уште не научивме дека не се оди во ЕУ со европска реторика? Од отворената врата на ЕУ и од европското сонце сме оддалечени најмалку петнаесетина години. За да нѐ огрее, треба да ги расчистиме темните облаци над нас и маглата околу нас, од кои ни со телескоп не можеме да го видиме. Мора да се справиме со авторитарната, неука и примитивна политичка елита; досадната, хорска, баронизирана, медиумска сила, која го уби(ва) новинарството; иритирачки, од геополитички причини, сеприсутни, слаткоговорни, препрагматични, меѓународни претставници; одомаќениот криминал; банализираната корупција; неавтентичниот, до непрепознавање посинет, олигархиски и глобално диригиран (не)владин сектор; новозависното и новополитизирано судство, партизираниот, импотентен и бесплоден бирократски апарат… Ако на ова ги додадеме најзагадениот воздух и најзагадените води, нездравото здравство, необразованото образование, некултурно водената култура… се плашам дека живуркаме во „МАГЛА“ Карпентер, во која лежи причината за амнезијата и амнестијата на ветувањето дека: додека го дишат овој воздух, во името на предците и потомците нема да го сменат уставното име, а ние, кои дишеме на трски, како „Старите Словени“ во балканското мочуриште, се бориме да останеме со здрав разум и критична мисла!

Неоспорно е дека Балканот, не само географски туку и историски и културно, е интегрален дел на Европа и Homo Balcanicus на европскиот пат ќе созрее како Homo Europicus. Идејата за ЕУ е инспиративна и логична филозофија, силен мотив за демократски реформи. Ама ЕУ не може да биде polity без nomos, logos, ethos, па и pathos. Не се оди кон ЕУ со кршење на Rule of Law, туку со политика во границите на правото. Во ЕУ не се стигнува со благослов на папата Франциск: „Браќа и Сестри од ’Балканската мафија’, покајте се! Ајде да ја обновиме црквата!“ Не, туку со нормална, функционална, одржлива демократија. Не е доволна европската реторика, нужна е европска политика.

УЛТИМАТУМОТ КАКО (НЕ)ДЕМОКРАТСКИ ИНСТРУМЕНТ

Свесни сме за нашиот политички хендикеп заради правото на вето на Грција, или која било друга членка на НАТО и ЕУ, односно можноста за блокада на патот или при приемот во ЕУ и во НАТО. Но значи ли тоа дека сме подготвени да прифатиме какви било услови и ултиматуми, па дури и такви за кои имало консензус дека никој и никогаш не би ги прифатил до средината на јуни? Кога ни сервираат вести за дадена согласност за некои сложени имиња, премолчуваат дека „ниту едно“ не било прифатено за севкупна употреба. Тоа и г. Ципрас го кажува. Двапати го сменивме Уставот за да го „решиме“ проблемот за името, го сменивме знамето, прифативме кршење на Повелбата на организацијата на Обединетите нации (иако нема македонска нација во договорот), кога решија да ни се обраќаат со референца, потпишавме привремена спогодба… Што ако треба уште 35 пати да ги кршиме Уставот и законите, заради уште сега гласната двојна интерпретација на Преспанскиот договор? Како да „одлучуваме“ на претстојниот референдум, ако само 3 проценти од граѓаните имаат увид во него?

(продолжува)