Поетски распеани мигови

69

Софија досега освоила повеќе домашни и меѓународни литературни награди, а „Дремката на облакот“ е нејзина втора книга. Илустрацијата на насловната страница е на нејзината сестра Нена Бислимоски

Деновиве излезе од печат втората книга на младата и талентирана поетеса Софија Бислимоски, насловена „Дремката на облакот“. Издавач е „Либи“, дел од „Арс ламина-публикации“, а збирката е објавена во рамките на едицијата „Млади креативци“.
Проектот е изработен во текот на учебната 2018/2019, на часовите за креативно пишување во „Арс вивенди“ – студио за креативно пишување, под менторство на Дијана Петкова. Збирката содржи осумдесет хаику-песни, а сликата за корицата ја изработи Нена Бислимоски, сестрата на Софија.

Креативните сестри Бислимоски

Рецензентка на збирката хаику е Весна Мојсова-Чепишевска, професорка на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Филолошкиот факултет, каде што предава Современа македонска книжевност и Литература за деца.

– Осумдесетте хаику-песни се развиени низ исклучително беспрекорна организација (5+7+5). Понекогаш кога премногу се инсистира на таа организација, може тоа да предизвика оптоварувачки ефект врз самата емоција/инспирација. Но младата Софија, водена исклучително вешто и инспиративно од својата менторка Дијана Петкова, успева да создаде поетски распеани мигови. Така, повеќето од нив се вистински бисерчиња-поетски слики. Хаикуто, како далечно ехо од јапонската литература и култура, кое најчесто ја опишува природата и развива извонредни мали но силни емотивни перспективи на ситните, обичните, речиси безначајни нешта, ѝ допуштило на младата Бислимоски лесно да ги синтетизира своите емоции – пишува Мојсова-Чепишевска во својата рецензија.

Минатата, 2018 година беше плодна за Софија. Таа освои гран при за поезија, на литературниот конкурс „Моќта на читањето – Климентова животна сила“. На 6-от меѓународен фестивал за поезија и краток расказ „Михајло Ковач“ во Нови Сад доби прва награда, а на 9-от меѓународен фестивал за поезија и краток расказ „Војислав Деспотов“ во Нови Сад, Србија, беше второнаградена. Коавторка е на книгата „Тивките сили на духот“, а по објавувањето на збирката поезија „Мисли молкома“ минатата година, ова е нејзина втора книга.

На наше големо задоволство, песните на Софија први ги објавивме на страниците на „Нова Македонија“ во прилогот за деца „Колибри“. 


Скокотка песната

Мудрост во сказни…
Камо среќа сите да
ги читав, дедо.

* * *
Истурено е
мастило, заспал облак
на мојот оџак.

* * *
Голтка по голтка,
шаренило во грло…
Скокотка песна.

* * *
Кафето почна
да произведува звук.
Дрвоберачи.

* * *
Во срцето се
излеа светлина, чај
со некој друг вкус.

* * *
Цреши – сладок мед,
ме пече сонценцето…
жешки образи.

* * *
Дворец од праски,
дрвјата – мелодија
од птичји живот.

Од книгата
„Дремката на облакот“
на Софија Беслимоски