Поетски портрет на академик Радован Павловски претставен во Охрид

92

Во Куќата на Уранија – МАНУ, во рамките на годинашната „Научна и уметничка визита“ завчеравечер беше претставен поетскиот портрет на академик Радован Павловски. При претставувањето, академик Луан Старова меѓу другото нагласи дека творештвото на Павловски колку што е македонска, толку е и европска и светска културна своина.

– Творештвото на истакнатиот македонски поет, академик Радован Павловски, е синоним и достоинство на македонското поетско пеење и стои рамо до рамо со најистакнатите поетски имиња во Европа и во светот. Тој покажа како низ поезијата најубаво се брани својот мајчин, односно кодифицираниот литературен македонски јазик, јазик разбирлив, ослободен од идеолошки наслаги. Со својот јазик носи голема мисија со себе, нешто слично како италијанските автори со јазикот на Тоскана, основата на денешниот кодифициран италијански јазик – рече академик Старова.
Обраќајќи ѝ се на публиката, составена од академици, поети, културни работници, Радован Павловски укажа дека „имагинацијата е оружје на слободата“.

– Почнав да студирам право, ама хемијата и магијата на зборот доаѓаат и преку правото, во мојов случај – римското право. Потоа дипломирав литература, не беше десетка, ама беше деветка, зашто на професорите им кажав дека „Дон Кихот“, може да биде напишан само во Шпанија, како што „Хамлет“ може да биде напишан во Англија, како што, во словенскиот свет, во Русија, може да биде напишан „Облоков“ на Кончаров, за сета облосовштина на нашиот свет. Секоја песна си има свој роден крај, јас во животот не сум бил ниту уредник, ниту член на жири, ама знам дека во мене и со мене живее житието на мојот народ – истакна Павловски.

Во рамките на годинашната „Научна и уметничка визита“ на 24 август ќе се одржи поетско читање во рамките на „Струшките вечери на поезијата“, а за 27 август на последниот ден од оваа манифестација во организација на Македонската академија на науките и уметностите е закажана промоција на зборник под наслов „За и од Киро Глигоров“ по повод 25-годишнината од приемот на Република Македонија во Обединетите нации.