Поетот Филип Димкоски во Љубљана и во Марибор

1024

Младиот македонски поет Филип Димкоски неодамна престојуваше во Љубљана, а свои претставувања имаше во Марибор. Во Марибор Димкоски учествуваше на третата Меѓународна уметничка олимпијада како единствен претставник од Македонија. Своја поезија од новообјавената книга „Во градината има само љубов“ тој читаше на македонски, српски, хрватски и на словенечки јазик. Настапи на неколку книжевните претставувања, читаше поезија на отворено на плоштадот во центарот на градот, како и на поетскиот маратон. На Олимпијадата учествуваа и поети од Словенија, Хрватска, Србија, БиХ, Шведска и од Бугарија.

Во рамките на манифестацијата беше претставен и меѓународен поетски зборник во кој од Македонија, освен од Димкоски, објавена е поезија од македонските поети Борче Панов, Марина Мијаковска и Андријана Андреева.
По завршувањето на Олимпијадата, Димкоски отпатува за Љубљана каде што по покана од Филозофскиот факултет одржа предавање и претставување на своето творештво пред студентите и професорите на Катедрата за славистика, а беа присутни и претставници од медиумите како и од Заводoт за култура, интеграција и соработка со студентска младина, туризам и стопанска соработка ВИА МКС. Настанот го водеше Теодора Цветаноска.
Со голем интерес беше проследено предавањето на кое Филип Димкоски рецитираше своја поезија, по што следуваа и интересни прашања, а средбата заврши со договор за идна соработка.