Венко Марковски

Бугарија во 1975 година доставила понуда до југословенската влада веднаш да ѝ го испорача Венко Марковски на Југославија, односно на Македонија, зашто се сомневала дека соработува со ЦИА. Комбинацијата од бугарска страна веднаш е отфрлена од југословенската служба. Всушност, великобугарската политика веќе се имала заситено од поетот, од неговата „служба“ и „услуги“, односно веќе бил неупотреблив, оптоварувачки за односите со Југославија, па затоа Бугарија била готова да тргува со него како со „валута за поткусурување“

Ексклузивни сознанија за македонската
книжевна историја и поетот Венко Марковски

Пред четириесет и пет години, десет години по бегството од Македонија во Бугарија, Тодор Живков по тајни дипломатски канали доставил понуда до југословенската влада веднаш да ѝ го испорача Венко Марковски на Југославија, односно на Македонија, затоа што е евидентирана негова соработка со ЦИА. Истовремено, бугарската тајна служба почнува да го следи во чекор, наводно затоа што имала информација дека му е загрозен животот од УДБ-а, а фактички затоа што власта се сомневала дека соработува со ЦИА.
Всушност, великобугарската политика веќе се имала заситено од поетот, од неговата „служба“ и „услуги“, односно веќе бил неупотреблив, оптоварувачки за односите со Југославија, па затоа бугарската држава била готова да тргува со него како со „валута за поткусурување“.

Комбинацијата од бугарска страна со понудата да го „испорача“ Венко Марковски како агент на ЦИА веднаш е отфрлена од југословенската служба, со образложение дека таква размена не доаѓа предвид. Ова, меѓу другото, го забележал Коле Чашуле во својот бележник од декември 1991 година. Пишувајќи за случајот „Марковски“ како за самоубиство на едно „галениче навикнато на привилегии што ќе траат вечно“, Чашуле тврди дека смртта на поетот тринаесет години подоцна, во јануари 1988 година во Софија, всушност го ослободила од самиот него, зашто ако тој, Венко Марковски, „имаше свој поробител, своја зандана, свој усмрт, тоа беше тој самиот; неговата суета, илузија дека е поет над поетите, ум на умовите, борец над борците, век над вековите“.

Стока за еднократна употреба!

Писателот Коле Чашуле, авторот на „Црнила“, смета дека се ретки примерите, како примерот со Венко Марковски, кога човек сам си е свој најголем непријател. Дарбата на Венко, пишува Чашуле, беше несомнена, но исто така е несомнена и неговата амбиција да го завојува за себе сиот простор, да остане сам и единствен. Во тој контекст, неговиот карактер, амбиции, раѓаат првин кај другите, а потоа и кај него илузија на извонредност, безмалку на генијалност. За него се резервирани само пофалби, сеедно што напати немаат никаква потврда во неговите „уметнички“ текстови:
„Во македонските прогресивни средини пред војната доаѓа до еуфорија во врска со неговата појава. Некритичноста на таа еуфорија има свое оправдание во политичките потреби на моментот. Истовремено, додека Кочо Рацин има постојани проблеми и конфликтни ситуации, Венко Марковски мошне бргу станува жртва на ’коруптивна манипулација’. Всушност, тој ѝ верува на манипулацијата. Ја живее како единствена вистина. Уште повеќе кога го поддржуваат така силни протектори како што се комунистичкото движење и Тодор Павлов, кој тие години е на врвот на својата популарност и влијание.

Со време таа илузија станува природа на поетот. Со тој ореол тој ги живее годините на почетокот на Втората светска војна, па како антифашист е испратен во концентрационен логор, каде што е миленик на затворениците“, запишал Коле Чашуле пред речиси триесет години, подвлекувајќи дека поради „леснотијата со која Венко Марковски ги создава своите стихови, отсуството на елементарна критичност кон себеси, тој всушност претендира на диктатура на целокупниот простор. Притоа, во отсуство на каков и да е критички осврт, и со огромна поддршка на партијата и политиката, тој влегува во филмот дека животот ќе биде лесен, дека привилегиите ќе траат вечно, дека моќната конкуренција, ако сака да види свет, ќе мора да патка по него, да се восхитува неумерено, да го имитира, да му служи за навек“.
Според тоа, смета Чашуле, трагедијата на поетот се подготвуваше долго време:
„Првиот обид за манипулација со Венко Марковски го направија весникот ’Зора’ и Јордан Бадев. Манипулацијата ја продолжи Тодор Павлов, а ја презеде новата власт во Македонија, македонската држава. Доаѓањето на Венко Марковски во Скопје беше безмалку означено како најзначаен настан на првата страница на ’Нова Македонија’. Домот на Венко Марковски стана центар, собиралиште, во кое се одеше и заради Венко Марковски, но и заради тоа преку присуството во тој дом да се добие статусно значење, место во хиерархијата на новата власт, затоа што таму не беа допуштани сите. Селекцијата беше строга и, напати, сурово дискриминаторска.

Секој нов стих, секоја нова поема, секоја нова книга беше проследена со седенки, со разговори во кои неумереноста во пофалбите беше единственото толерирано поведение. Во тој контекст, Венко Мрковски беше опијанет од својата слава, седенките ги доживуваше како признанија, пофалбите како конечни вистини, со тоа се создаваше култ, а новосоздадената држава, власта, имаа потреба од него. Тоа што го создаваше Венко Мрковски беше, според нив, недвосмислена потврда за автентичноста на јазикот, за оспособеноста на јазикот да создава литературни вредности, ја афирмираше нацијата, државата, а со тоа ѝ создаваше легитимитет на тогашната врвна власт. Државата не жалеше средства за него, сеедно што беа тоа дни на голема сиромаштија. Националниот поет мораше да има сѐ, беше изземен од она што беше секојдневие на народот. Навистина, во Македонија, тој уште немаше со кого да се мери, со кого да се споредува, поради што неподелено се исповедаше дека тој е македонскиот Пушкин. Се разбира, надвор од Македонија, тој мораше да се сведува на она што навистина беше, на својот вистински книжевен формат.

А него и самата помисла на споредба го иритираше. Луѓето знаеја кој е Мирослав Крлежа, кој е Иво Андриќ, и не се чувствуваа обврзани нив да ги поништат заради него. Напротив, сметаа дека тој е еден од многуте поети по војната, кој допрва треба да се ослободува од влијанието на народната поезија, па неговото дело е само обична варијација според познати шаблони. Од друга страна, поведението на Венко Марковски надвор од Македонија, за разлика од уживањето во лаврите дома, даваше обемни докази за неговата приземна нетрпеливост, себељубивост. Распнат меѓу интимната, искрена вера во тоа дека е парник на Пушкин, меѓу славата што му ја признаваше, и уважуваше, македонската држава и власт, а истовремено соочен со ’суровата неправда’ што му ја нанесуваше вонмакедонскиот, југословенски контекст, Венко Марковски мораше да се соочи и со појавата на книжевен и јазичен амбиент. Траумата од југословенскиот опит се закани дека ќе има и своја македонска димензија. Имено, се појави конкуренција, се појавија Ацо Шопов, Блаже Конески, се најавија поети како Гого Ивановски, Гане Тодоровски, Србо Ивановски, Славко Јаневски, а самобендисаноста на Венко Марковски не дозволуваше конкуренција, па растеше неговото незадоволство. Притоа не остана поштедена од неговата лутина и приговор, па и бес, ни власта, ни државата… Венко Марковски искрено веруваше дека тие не го прават ни најнужното да го одбранат од заговорот против него“, пишува Коле Чашуле

„Изолација“ во хотел?!

Но определбата на Венко Марковски за Резолуцијата на ИБ внесува смут, дезориентација и во врхушката на власта. Таа одеднаш се сети себеси загрозена. Сепак, за да му помогне, смета Чашуле, го изолира во хотел во Крушево, со сите привилегии на статусна изолација.Се ангажираа сите сили во „убедувањето“ на поетот, власта веруваше во можноста за „превоспитување“ на поетот. И, се разбира, власта и поетот бргу се договорија: поетот го објави во „Нова Македонија“ своето прочуено покајничко писмо. Неговиот гест беше шумно објавен како „враќање на поетот“, при што се обелодени дека не се работи за обично враќање туку за враќање со „епохално дело – херојската драма Гоце“.

За жал, критичките одгласи, и оние јавните, кои мораа да бидат езоповски срочувани, подвлекува Чашуле, но и оние другите, тајните, беа дека е во прашање просечно, та дури и потпросечно дело, драма сложена од слики за животот на Гоце Делчев, со изречно патетична интонација:
„Собирот во Друштвото на писателите во врска со ’Гоце“4 покажа дека настапува време на јавна критичка реч за Венко Марковски. Се разбира, незадоволството од овој собир беше двострано: незадоволен беше поетот, незадоволна беше и власта, но обете страни веќе немаа можност да се наметнат. Згора на тоа, и кај самата власт веќе настапуваше своевиден замор од поддршката на Венко Марковски. Годините што следуваа беа години на засилено незадоволство на ’државниот поет’ не само од тоа што не се изврши реставрација на неговиот пиедестал со сите привилегии, туку и од фактот што процесот на еманципација на македонската литература веќе создаваше вредности кои, надвишувајќи го делото на „поетот“, отвораа широки можности за афирмација на македонската литература независно од него“.

Во една таква душевна и духовна состојба, Венко Марковски, под псевдонимот Леопарди, објавува брошурка во прилог на ИБ, СССР и Бугарија, но набргу е откриен од еден пријател до Велес и следува судска разврска, по која „државниот поет“ мора да оди во затвор.
„Во самиот почеток на процесот, тој се откажува од своето име Венко Марковски, изјавувајќи дека се вика Венјамин Тошев, дека е по народност Бугарин, и сака како на таков да му се суди. Годините непосредно по излегувањето на Венко Марковски од затвор до неговата емиграција во 1965 година се години на незадржлив разгор на нови вредности во македонската литература. Се појави нов бран исклучителни автори и дела, кои делата на Венко Марковски ни оддалеку не можеа да го следат. Понатамошното останување на ’поетот’ во Македонија ветуваше драматично соочување со таа негативна, за него, стварност. Суетата но и деформациите како последица на продолжената манипулација со него ги затворија сите други патишта освен оној што водеше во емиграција.

Првите години во емиграција, привилегиите се неброени, наградите исто така. Врвното место во хиерархијата на привилегиите е под заштита на државата, но бугарската литература има сјајни писатели и поети, кои натрапникот го сметаат за туѓо тело, кое заграбува голем дел од значајните привилегии за кои се борат и на кое рефлектираат многумина други, домородни автори.
Македонската емигрантска судбина доживува нова реприза. Притоа, се разбира, неговата поезија, на трајни релации, не остава трага во бугарската литература. Лишен од својот јазик, од неговата убавина, Венко Марковски се сведува на парола и плакат. Манипулацијата со него одново зема замав, сега главно како одмазда за неговиот ’македонски период’.
А до кои грди консеквенции стигна манипулацијата со Венко Марковски може да се види од понудата на Тодор Живков до југословенската дипломатија, Бугарија ’да ѝ го испорача Венко Марковски на Југославија, респективно на Македонија, затоа што е евидентирана негова соработка со ЦИА’.

Манипулацијата од бугарска страна со понудата за ’испорака’ на поетот како агент на ЦИА, беше отфрлена со образложение дека размената на ’предавникот’ не доаѓа предвид. Притоа, фактот што поетот остана осамен, изолиран случај, беше едно од најболните, најтрагични негови искуства. Ниту еден македонски интелектуалец, научник или писател не тргна по неговиот пат, не ја одбра емиграцијата во Бугарија како пат за решавање на некаков свој, личен проблем. Затоа Венко Марковски ги проживеа последните години од животот, најверојатно, со горчлива свест дека, сепак, го завршува животот во згрешена улица.

Затоа смртта му се јави како ослободител, го ослободи од него самиот, од неговата болна суета, самоизмама, илузија, го поштеди од она што допрва можеше да дојде како безочна пресметка со него во контекст на некаква нова, ’демократска’ дневнополитичка манипулација. Со смртта, Венко Марковски се врати на себеси, на својата поезија, на својот вистински и единствен јазик, на својата литература, на својата нација. Особено затоа што недвосмислено се покажа дека надвор од својот јазик не е поет каков што беше дома. И дома не беше поет каков што се замислуваше себеси, но беше свој“, запишал Коле Чашуле пред триесетина години во своите записи за состојбите во македонското општество, македонската литература и култура воопшто.

Блаже Миневски