Погрешна тактика во раз(пре)говорите со Грција!

1819

По Резолуцијата на Информбирото (1948), кога трупите на земјите-членки на Варшавскиот пакт (ВП) беа распоредени на границите на Југославија и кога постоеше опасност за ненадеен напад на нејзините источни граници, Тито си заминал на одмор на Бриони. Блефот успеал! Не само што не дојде до воена интервенција во Југославија туку Тито успеа да го надмудри и да го победи Сталина. Вака постапуваат само големи и мудри државници. По формирањето на новата македонска влада, во државата настапи еуфорија за брзо решавање на проблемот за името со Грција и зачленувањето на Република Македонија во НАТО и започнување на преговорите за зачленување во ЕУ. Раз(пре)говорите уште не беа почнати, а на екраните можеше да се види како се гушкаат насмеаните премиери на двете земји (во Давос), а потоа и гушкањето на насмеаните министри за надворешни работи во Атина!

Ваквата атмосфера на Грците им дојде како кец на десетка, бидејќи им овозможува елегантно да елиминираат какви било притисоци или влијанија од страна! „Па, зарем не гледате дека спорните прашања можеме да ги решиме сами?!“ Поради дилетантизмот на македонската дипломатија, спорот со Грција за името на нашата држава, вештата грчка дипломатија успеа да го наметне како сериозен проблем на мирот и стабилноста во регионот! Западот (НАТО и ЕУ) на тоа гледа како на билатерален проблем во односите меѓу двете земји, очекувајќи дека Република Македонија како инфериорна страна ќе прави отстапки поради своите амбиции за зачленување во НАТО и во ЕУ!

Меѓутоа, јасно е дека проблемот за името на нашата земја не може да се реши со отстапки само на една од страните во спорот. Земјите на ЕУ и НАТО, за жал, покажуваат разбирање само за нивната сојузничка, Грција! Поради неразбирливите амбиции на Русија за зголемување на своето влијание во земјите од Западен Балкан, во последните неколку години дојде до битни поместувања во геополитиката на Западот кон овој регион. По осамостојувањето на Република Македонија, никогаш досега Западот не покажал толкав интерес за нашата држава, како што е случајот во последните неколку години! Македонската дипломатија, за жал, не успеа да ги валоризира позитивните промени во геополитиката на Западот спрема нашата држава!

Македонскиот министер за надворешни работи, наместо своите први посети да ги започне со посети на Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон и Париз, каде што би ги реафирмирал желбите на нашата држава за зачленување во НАТО и во ЕУ и би ги замолил за помош околу надминување на ирационалниот и апсурден спор со Грција, кој речиси три децении е пречка за зачленување на нашата земја во НАТО и во ЕУ, би ја нагласил подготвеноста на новата македонска влада да коригира некои погрешни политики на претходната влада кон Грција и јасно да ги маркира црвените линии од кои не може да отстапи, како и дека никој ниту може ниту смее да дозволи такви решенија што би значеле понижување на нашата држава, на македонскиот народ и на сите нејзини граѓани! По посетата на Софија, македонскиот министер за надворешни работи се определи за посета на Атина.

Во нормални услови, посетите на политичарите на соседните држави се сосема нормална работа, но, за жал, состојбите на Балканот не се нормални, така што треба да се биде мошне внимателен при определувањето на надворешнополитичките приоритети! И во Атина можеше повторно да се видат насмеаните лица на министрите, кои се гушкаа како да е постигнат толку очекуваниот договор, а недостигаше само наздравување со шампањско!? Раз(пре)говорите не беа ни започнати, а македонскиот премиер, како познат „бомбаш“ и во стилот на Брзиот Гонзалес ја испука „бомбата“ за промена на името на скопскиот аеродром и автопатот, кои од претходната влада беа именувани со името Александар Македонски!

Ваквата одлука придонесе за битно зајакнување на позициите на Грција во преговорите со нашата држава, што резултира со упорни максималистички барања! Промената на имињата на аеродромот и на автопатот требаше да се користи како елемент во раз(пре)говорите и требаше да се направи дури по усогласувањето и потпишувањето на договорот за кој раз(пре)говараат двете соседни држави! Мислам дека промената на името на автопатот со името „Пријателство“ не е соодветна и дека требаше да му се врати старото име означено со бројот 75 (или 5), кое е означено на сите европски автомапи! Со избрзаното менување на имињата на аеродромот и на автопатот, на Данајците им беше даден мошне вреден подарок, со кој тие си ги остварија своите желби и амбиции, а не најдоа за потребно ни да се заблагодарат на ваквиот подарок! Зарем толку бргу се заборави апсурдната одлука на македонската дипломатија за усвојувањето на шеснаесеткракото знаме за трговија со Грците – „Знамето за името“! Грците се познати како мошне вешти трговци, така што не само што ништо не добивме од нив туку не изјавија ни благодарност за смената на знамето! Без сомнение, Грците сакаат, по секоја цена, целосно да го присвојат „досието“ Македонија! Дали тоа ќе им успее зависи од (не)укоста на криво насадената македонска дипломатија! Нималку не е случајно што една од моите неодамна објавени книги носи наслов „Криво насадена дипломатија“!

Коста Стоименовски
авторот е поранешен дипломат