Повторно заживува балканската мигрантска маршрута

596
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Опасностите од повторно заживување на балканската мигрантска маршрута сѐ уште не се комплетно елиминирани, е констатацијата на која наведуваат неодамнешните изјави на високи државни функционери, но и извештаи од теренот објавени во регионалните медиуми

Две години по затворањето на мигрантската маршрута, која минуваше низ Македонија и Балканот во текот на 2015 и 2016 година, се чини дека опасностите од оваа приказна не се комплетно елиминирани. На ваква констатација наведуваат неодамнешните изјави на високи државни функционери, но и извештаи од теренот објавени во регионалните медиуми. Имено, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, неодамна изјави дека западнобалканската маршрута, иако со помал интензитет, сѐ уште е активна. Тој на дипломатски брифинг на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци порача дека по официјалното затворање на маршрутата, се појавиле голем број шверцери на мигранти и сѐ почесто мигрантите се нивни жртви, а неретко се жртви и на трговија со луѓе.

Според него, проблематиката е високо на агендата на МВР, како и на ЕУ и на сите регионални и меѓународни организации. Спасовски посочи дека ЕУ го идентификува Западен Балкан како влезна порта за мигрантите. Тој истакна дека во текот на 2015 и на првата половина од 2016 година помеѓу 800.000 и еден милион лица транзитирале низ Македонија, при што околу 200 од нив побарале азил во земјата. Од друга страна, пак, Антонела Демолеа од Министерството за надворешни работи на Албанија, која е актуелен претседавач на МАРРИ, регионалната иницијатива за проблематиката со миграциите, истакна дека за време на нејзиното претседателство е комплетирана нацрт-стратегијата за 2018-2020 година, поставени се новите услови за избор на директор, а во подготовка е министерски состанок на земјите-учеснички, кој ќе се одржи во јуни. Во меѓувреме, атинскиот весник „Вима“ во своето вчерашно издание пишува дека има големи шанси бегалската криза повторно да се разгори на Балканот, а за тоа придонесувала и актуелната лоша состојба во односите помеѓу Турција и Грција.

– Зголемените тензии во грчко-турските односи, во комбинација со ескалацијата на војната во Сирија, водат до зголемување на бројот на бегалците кон грчките острови во Егејско Море – предупредува грчкиот весник. Според медиумот, ситуацијата почнала да се влошува на крајот од минатиот месец по самитот ЕУ-Турција во Варна на 26 март. „Вима“ истакнува дека на самитот не биле донесени трајни решенија за затворање на ова прашање туку биле изнесени стравови дека ако бегалската криза не биде спречена, во летниот период ќе има многу сериозни проблеми. Весникот пренесува изјави на претставници на локалните власти на островите, кои тврдат дека последните денови се зголемува бројот на чамци со бегалци и мигранти, кои од турското крајбрежје се упатуваат кон грчките острови и најмногу кон северниот дел на Егејско Море, што остава впечаток дека островите се соочуваат со нов бран бегалци. Според истите извори, секојдневно од турскиот брег пристигнуваат по околу 30 до 35 чамци, што не се случило одамна.

– Показател за зголемениот број бегалци е и фактот дека само во кампот Морија на остров Лезбос во последните денови бројот на бегалците се зголемил трипати. Минатата година во ова време во камповите имаше 2.400 бегалци и мигранти, а сега таа бројката изнесува 6.280, што го надминува капацитетот на прифатните центри – пишува „Вима“. И друг балкански медиум неделава пишуваше за опасностите од заживувањето на бегалската маршрута. Српската национална телевизија РТС информира дека изминатиов месец во регионот имало зголемен број обиди за нелегален транзит на мигранти. Телевизијата соопшти дека за празниците биле приведени српски државјани што управувале камион со српски регистарски таблички на унгарска територија во обид да прошверцуваат 79 мигранти од Блискиот Исток, кои сакале да транзитираат од Романија кон Унгарија.