Победа на етничките партии во „контаминирани“ избори

194

Најголемо изненадување е поразот на кандидатот на ХДЗ за БиХ, Драган Човиќ, кој рече дека победата на неговиот противкандидат се должи и на гласовите на Бошњаците

Милорад Додик во трката за српскиот член на Претседателството на БиХ освои најголем број гласови – 54,06 отсто, а по него е Младен Иваниќ, со 42,79 отсто од гласовите, покажуваат податоците што ги објави Централната изборна комисија.
Според најновите прелиминарни нецелосни резултати на ЦИК за членови на Претседателството на БиХ, по обработени 84,33 отсто од гласачките места, кандидатот на СНСД-ДНС-СП за српски член на Претседателството на БиХ, Додик, освоил 54,06 отсто од гласовите, односно 293.622. Кандидатот на Сојузот за победа Младен Иваниќ освоил 42,79 отсто од гласовите – односно 232.375.

По објавувањето на изборните резултати, БиХ влегува во уставна и политичка криза, затоа што по постојниот изборен закон не ќе може да се спроведат резултатите во делот што се однесува на пополнување на домовите на народите во Федерацијата Босна и Херцеговина, а со тоа и во Парламентарното собрание на БиХ. По сѐ изгледа тешко е дека домашните политички актери би се договориле за можни решенија, пишува во коментарот на Бењамин Бутковиќ, објавен на сајтот на „Ал џезира“.
Централната изборна комисија на БиХ објави дека изборите биле спроведени фер и коректно, а слична оцена се очекува и од меѓународните набљудувачи. Најголемо изненадување на изборите беше дебаклот на кандидатот за член на Претседателството на БиХ од редовите на бошњачкиот народ и лидер на Сојузот за подобра иднина, Фахрудин Радончиќ. Сите предизборни анализи говореа дека главното натпреварување ќе се одвива со кандидатот на партијата за демократска акција Шефик Џаферовиќ.

Второто изненадување е победата на Жељко Комшиќ над противкандидатот Драган Човиќ од партијата на ХДЗ за БиХ, кој го призна поразот на изборите. Но за тоа ги „обвини“ гласачите од бошњачката заедница што гласале за Комшиќ. Човиќ ја плати сметката од своето политичко кокетирање со хашките осуденици и нескриената соработка со лидерот на СНСД, Милорад Додик, кој има поинаква слика за уредувањето на БиХ, која е спротивна на замислата на Бошњаците.

За овие избори многу позначајно е каков ќе биде односот на политичките сили во парламентот, затоа што од бројот на освоените мандати ќе зависат можните коалиции, за избор на мандатарот, за претседател и потпретседател на Федерација БиХ.

Бењамин Бутковиќ во својата анализа го отвора прашањето за тоа што се случува со левите партии. Во споредба со претходните избори, тие направиле извесен напредок и тоа ја објаснува нивната одлука да настапат самостојно на изборите, иако нивните поединечни кандидати за членови на Претседателството на БиХ не постигнаа некој поголем исчекор.

Несомнено, и овие избори се сериозно „контаминирани“, а независните набљудувачи со право можат да ги оценат како нелегални. Изборниот циклус се одвивал со многу проблеми и нерегуларности. Било загрозено правото на таен избор, а злоупотребени се и личните податоци на граѓаните. На избирачкиот список се најадоа многу починати лица, а не беше надминат проблемот со работата на избирачките одбори. Јавна тајна е дека се продаваат местата во избирачките одбори, а некои партии отворено ги разменуваа местата во зависност како им одговара според бројот на нивните симпатизери во одредено место, се забележува во коментарот објавен на „Ал џезира“.