Пијанистот Дино Имери брилираше во Софија

59

Нашиот пијанист Дино Имери брилираше во Софија, каде што по покана и во организација на Софиската филхармонија одржа солистички рецитал во рамките на циклусот „Музиката на Европа“. На концертот промовира дела на македонските композитори Зографски, Џамбазов, Николовски, Дамир Имери, Глишиќ, Завков, како и свои авторски композиции, кои ја доживеаја својата премиера во концертната сала „Бугарија“.

Софиската публика не го остави својот миленик да ја напушти сцената, па Имери на задоволство на присутните продолжи со свирење и по редовната програма. Нашиот пијанист е редовен гостин на Софиската филхармонија, а со овој настап во нивната 90-та јубилејна сезона го одржа својот петтиконцерт во Софија. На концертот беа присутни и Панда Зографска Беличанец, претседателка на фондацијата „Томислав Зографски“ и композиторот Дамир Имери, кои на концертот допатуваа специјално од Скопје, а меѓу видните гости се најде и големиот бугарски пијанист и композитор Маестро Виктор Чучков, кој со воодушевување го проследи концертот.

Имено, Чучков го покани Имери да биде член на стручното жири на престижниот меѓународен натпревар по музика, кој ќе се одржи во Добрич, Р Бугарија, во септември, со што продолжуваат ангажманите на нашиот пијанист во соседна Бугарија.