Пешаци стравуваат да поминат и на зелено

518

Сообраќајниот хаос во градов секојдневно ги става во опасност пешаците, велосипедистите, а во одредени ситуации и возачите

Сообраќајниот хаос во градов секојдневно ги става во опасност пешаците, велосипедистите, а во одредени ситуации и возачите. Непочитувањето на сообраќајните правила е карактеристика речиси за сите учесници во сообраќајот. Преголемите брзини со кои се вози по градските улици станаа секојдневие, а сообраќајните несреќи се во пораст. Скоро во секоја четврта сообраќајка страдал пешак. Во сиот овој сообраќаен вител најзагрозени се пешаците и велосипедистите, кои неретко се жртви на големите брзини на недисциплинираните возачи, на возачи под дејство на алкохол или психотропни супстанции. Последната анализа на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот од минатата година вели дека од 768 сообраќајки, 88 им припаѓаат на сообраќајки предизвикани од алкохолизирани лица. Оваа значајна бројка покажува дека возењето под дејство на алкохол сѐ уште е голем проблем кај нас.

Од МВР-Скопје велат дека само во 2017 година имало 32 сообраќајни незгоди со смртни последици. Сообраќајната култура е на толку ниско ниво што можат да се забележат пешаци како гледаат два пати пред да поминат улица на зелено светло. Само изминатиов викенд се случиле 15 сообраќајки, во кои две лица биле потешко повредени, а во 7 имало полесно повредени лица. Дури 88 возачи се движеле со брзина поголема од дозволената, а од сообраќај биле исклучени 59 возачи што возеле под дејство на алкохол, 20 возачи пред да се стекнат со правото за управување со моторно возило и седум возачи-почетници. Од сообраќај биле исклучени 31 нерегистрирано возило и едно технички неисправно.
Недисциплинираното однесување во сообраќајот придонесува за зголемениот број жртви и несреќи. Иако се прават разни кампањи за издигање на свеста кај учесниците, грешките само се повторуваат. Неодамна Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата во соработка со Автомото-сојузот на Македонија и со поддршка од градот почна проект, чија цел беше граѓаните пијани да не влегуваат во своите автомобили, а кафеанџиите, пак, на таквите гости да им даваат ваучери за такси.
– Многу ме загрижуваат бројките на пијани возачи во Скопје. Пред некој викенд дури 500 возачи беа фатени како возат под дејство на алкохол. Со вакви бројки не е воопшто чудно што сме на дното на листите за безбедност на улиците во европски рамки – кажа градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, неодамна, на промоцијата на кампањата „Ги возиме одговорните“.

Граѓаните и тогаш се прашуваа дали ни требаат вакви кампањи или можеби построги казни за недисциплинираните во сообраќајот.
Дека сообраќајните прекршоци се причината за сообраќајните несреќи покажува и „Студијата за анализа на безбедноста на ранливите категории учесници во патниот сообраќај во Република Македонија“, направена од РСБСП, објавена минатата година. Според неа, најголем процент, дури 87,8 отсто од сообраќајќите настанале од управувано возило. Причините се различни, непочитување на сигнализацијата или другите сообраќајни правила. Особено изненадува и загрижува фактот дека многу висок процент на настрадани во сообраќајните незгоди се појавува кај пешаците, и тој изнесува 23 отсто или, поинаку кажано, скоро секоја четврта сообраќајна незгода е незгода во која настрадал пешак.

– Не се чувствувам сигурно, два пати проверувам пред да поминам улица. Сѐ може да се случи. Зарем пред две години на пешачки премин пред катната гаража „Зебра“ на улицата Васил Ѓоргов не загина новинарка, а пијаниот возач влезе во блиската фризерница, каде што за среќа никој не настрада – вели загрижен граѓанин.
Значаен процент од 7,2 отсто на сообраќајни незгоди настанува при преминување на пешачки премин, и токму тоа е она што најмногу ги загрижува скопјани. Анализата покажува дека неискусни возачи имаат удел со 2,3 отсто како предизвикувачи на несреќи, а искусните пак со загрижувачки 89,8 отсто.
Карактеристично е и тоа што 55,6 отсто од сите несреќи се случуваат во ноќниот период. Податоците од анализата укажуваат на анализиран период од 2013 до 2015 година од вкупен примерок од 768 обработени сообраќајни несреќи во 48 настрадале велосипедисти.

Фото: Дарко Андоновски