Пет знака дека вашето куче е тажно и безволно

257

Тагата и безволноста кај кучињата можат да се откријат преку одредени знаци, и доколку се забележат навреме треба да се реагира за да му дадете навремена помош на вашето домашно милениче

Докажано е дека кучињата можат да ја ублажат депресијата кај луѓето, но што се случува кога кучето станува тажно и безволно? Експертите по ветеринарна медицина дошле до заклучок дека кучињата исто така можат да станат депресивни. Секое куче што е оставено само дома во текот на денот без своите сопственици, покажува знаци на тага, поточно тоа се однесува како сѐ да застанало додека не се вратат неговите најблиски.

Уште полош е примерот со кучињата што се врзани на синџир пред некоја куќа и кои никој не ги забележува и не води грижа за нив. И тие се многу тажни и со текот на времето исто така можат да станат депресивни.
– Одговорниот сопственик ќе знае како да ги препознае знаците на депресија кај своето домашно милениче и по правило сам ќе ја знае причината за тоа, па со оглед на можностите, ќе може многу лесно да го расположи кучето, повеќе ќе се дружи со него, односно ќе му посвети повеќе внимание. Од друга страна, има и граѓани што тешко можат да се наречат сопственици. Посоодветен назив за нив би бил злоупотребувачи на животни. Тие сигурно нема да преземат ништо, а во тоа е и најголемиот проблем – посочуваат ветеринарите.
Тагата и безволноста кај кучињата, кои можат да прераснат во депресија, можат да се откријат преку одредени знаци, и доколку се забележат навреме треба да се реагира за да му дадете навремена помош на вашето домашно милениче.

1. Недостиг од енергија

Како и кај луѓето, депресијата кај кучињата честопати е предизвикана од промени во нивото на серотонинот. Ова се манифестира со летаргија и однесување што личи на мрзливост. Ако кучето што сака шетање, трчање и фаќање топка одеднаш станува незаинтересирано за неговите омилени активности, тоа може да биде знак на депресивно однесување. Немојте да го толкувате ова само како обична мрзливост, особено ако нагло се случи промена во однесувањето.

2. Промена во прехранбените навики

Кучињата што се чувствуваат депресивно обично имаат тенденција да јадат помалку и покажуваат послаб интерес за храна. Овој симптом е полесно да се забележи – едноставно ќе видите дека кучето не ја изело целата храна. Советот е секогаш да се обрне внимание на навиките за јадење, а тоа ќе ви помогне полесно да ги забележите промените кај вашиот миленик.

3. Промена во навиката за спиење

Летаргијата што се претвора во целодневно спиење исто така може да биде аларм. Ако кучето сака повеќе да се повлекува во кревет отколку да си игра, тоа е често индикатор дека нешто не е во ред. Ова, секако, може да биде знак и дека вашиот миленик е физички истоштен, но физичката болка честопати е придружена со цивкање или промена во движењето и со неспиење. Ако ви се чини дека нема никакви повреди, тогаш проблемот може да биде во тоа што вашето куче се чувствува депресивно.
Ветеринарите советуваат дека исклучително е важно да не се замени тагата од осаменоста кај кучињата со симптоми на некоја болест. Значи, ако миленичето е посмирено од вообичаеното, ако е слабо, не е весело и не се однесува како и обично кога сопственикот се враќа дома, одбива храна или прошетки, сето тоа мора да биде знак дека посетата на ветеринар е неопходна.

4.Вознемирено и опсесивно однесување

Некои раси кучиња се повеќе склони кон анксиозност и претпазливо однесување од другите, но ако некое куче одеднаш почнува да покажува одредено поинакво однесување, ова е нешто на што треба да се реагира.
Постојаното џвакање на едната шепа или ноктите може да укаже на тоа дека кучето е вознемирено или депресивно. Ако вашето, инаку пријателски расположено, милениче одеднаш престане да ве пречекува на вратата и се крие во дневната соба, ова е јасен знак дека нешто му пречи.

5.Агресија

Агресивното однесување е поретко кај депресивните кучиња, но може да се случи. Депресијата и вознемиреноста честопати доаѓаат заедно и ако преовладува вознемиреноста, може да се манифестира така што кучето ќе почне да дејствува агресивно. Некои ветеринари веруваат дека кучињата што се чувствуваат како да не им се посветува доволно внимание, на тој начин всушност бараат внимание.
Ако кучето покажува некое од овие однесувања, размислете дали можеби некој неодамнешен настан придонел да се промени неговиот темперамент. Најчести причини за тага и безволност кај кучињата се губењето член од семејството (тука станува збор и за луѓето и за другите домашни миленици), трауматични повреди, а понекогаш дури и сочувство за депресија кај својот сопственик.
Ако забележите некој од овие знаци, не заборавајте да го посетите вашиот ветеринар за да му обезбедите на вашиот миленик најдобар третман.