Перу нема пораз во финале, а Бразил не загубил дома во меч за титула

168
Перу го слави пласманот во финалето

Перу е финалист на Копа Америка по пауза од 44 години и в недела ќе игра за титулата со Бразил, домаќинот на првенството. Перу досега има две финалиња и две титули, а Бразил осум, од тоа четири кога бил домаќин

Фудбалската репрезентација на Перу ќе игра против Бразил во неделното финале на Копа Америка (22 часот според средноевропско време) против домаќинот на првенството на Јужна Америка, на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро.

За Перу, кој во полуфиналето го совлада досегашниот првак Чиле (славеше на Копа Америка во 2015 и во 2016 година) со 3-0 и ја прекина нивната доминација, ова е прво финале по пауза од 44 години. Бразил досега има осум титули и досега секогаш кога бил домаќин (четири пати) ја освојувал титулата (1919, 1922, 1949 и 1989 година). Перу, пак, досега има две финалиња и две титули првак на Јужна Америка.

Перу, кој загуби седум од последните осум официјални меча со Чиле, беше полуфиналист на три од последните четири изданија на Копа Америка, а лани по пауза од 36 години успеа да се пласира на финалниот турнир на Светското првенство во Русија.

Перу беше пред елиминација по високиот пораз од Бразил во групната фаза (0-5), но потоа во нокаут-фазата ги елиминира фаворитите, Уругвај во четврт-финалето и Чиле во полуфиналето.


ДОСЕГАШНИ ПРВАЦИ
РЕПРЕЗ. ФИНАЛИЊА ТИТУЛИ
Уругвај 21 15
Аргентина 28 14
Бразил 17 8
Парагвај 8 2
Чиле 2 6
Перу 2 2
Колумбија 1 2
Боливија 1 2
бројките се без годинашната
Копа Америка

КОПА АМЕРИКА 2019
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Бразил – Парагвај 0-0, 4-3 п.
Аргентина – Венецуела 2-0
Чиле – Колумбија 0-0, 5-4 п.
Перу – Уругвај 0-0, 5-1 п.
ПОЛУФИНАЛЕ
Бразил – Аргентина 2-0
Перу – Чиле 3-0
ФИНАЛЕ
Бразил – Перу недела, 22 ч.