Пентагон ги откри деталите за ракетниот напад врз Сирија

1393

Во нападите врз сириските капацитети за хемиско оружје биле истрелани над сто крстосувачки проектили, при што војските на САД, Британија и на Франција користеле најразлични платформи – од стратегиски бомбардери преку разурнувачи до јуришни подморници

Пентагон ги соопшти деталите за неодамнешниот заеднички напад на САД, Британија и на Франција врз повеќе цели во Сирија. Како што се очекуваше, сојузничките сили користеа крстосувачки проектили за напад, за да се минимизира опасноста по пилотите и евентуалното ангажирање на руската противвоздушна одбрана. И додека руски извори тврдат дека сириската армија соборила голем дел од ракетите, претставници на Пентагон истакнуваат дека со проектили ја погодиле целта.
– Комбинираниот воен напад беше насочен против три различни цели, кои се дел од сириската програма за хемиско оружје. Против првата цел, Центарот за истражување и развој во Барзех, кој се наоѓа во пошироката област на Дамаск, истрелавме 76 проектили, од кои 57 беа крстосувачки ракети „томахавк“, а 19 беа проектили воздух-копно „јассм“- изјави шефот на американскиот Генералштаб Кенет Ф. Мекензи.
Според него, оваа цел е уништена.

– Првичните процени говорат дека оваа цел е уништена. Тоа ќе ја уназади повеќе години сириската програма за хемиско оружје. Исто така сакам да истакнам дека успешно уништивме три згради во Дамаск, еден од најмногу бранетите воздушни простори во светот – истакнува Мекензи.
Во нападот врз втората цел учествувале воени сили на трите сојузници.
– Против втората цел, складот за хемиско оружје кај Хим Шиншар, кој се наоѓа западно од Хомс, беа искористени 22 проектили, односно, девет американски ракети „томахавк“, осум проектили „сторм шедоу“, три поморски крстосувачки ракети и два проектили „скалп“ – додава Мекензи.

Шефот на американскиот Генералштаб наведува дека третата цел била нападната само од француските сили, кои користеле проектили „скалп“.
– Против третата цел, објектот со бункери за хемиско оружје кај Хим Шиншар, беа употребени седум проектили „скалп“. Исто така, првичните процени говорат дека овој објект со бункери е успешно погоден – порача американскиот генерал.
Американските воздушни и поморски сили, како што наведува „Нешнл итнерест“, учествуваа во нападот, во кој првпат беа употребени проектилите воздух-копно „јассм-ер“. Два американски стратегиски бомбардера „б-1б лансер“ истрелаа вкупно 19 од новите проектили „јассм-ер“. Сепак, најголемиот дел од американскиот напад беше извршен од море, при што главниот збор го имаа крстосувач од класата „тикондерога“, разурнувачи од класата „арлеј бурк“ и напаѓачка подморница од класата „вирџинија“.

– Прво, од Црвено Море крстосувачот „Монтереј“ истрела 30 крстосувачки проектили „томахавк“. Разурнувачот „Лабун“ искористи седум „томахавки“. Во северниот дел на Арапскиот Залив, разурнувачот „Хигинс“ истрела 23 „томахавки“. Во Средоземно Море, подморницата „Џон Ворнер“ истрела шест проектили „томахавк“ – истакнува Мекензи.
Истовремено и Франција користела комбинација на поморски и воздушни сили во нападите врз Сирија. Француската фрегата „Лангедук“, која се наоѓаше во Средоземно Море, истрелала три поморски верзии на проектилите „скалп“. Покрај тоа, во нападот учествувале и француски авиони „мираж“ и „рафаел“, кои во бомбардирањето истрелале девет проектили „скалп“. Британската воена авијација ги користела авионите „тајфун“ и „торнадо“, кои врз сириските цели истрелале осум проектили „сторм шедоу“.

Мекензи додава дека сириската противвоздушна одбрана било целосно неефикасна на сојузничкиот напад.
– Ниту еден наш авион или проектил во оваа операција не беше успешно соборен од сириската противвоздушна одбрана, а немаме индикации дека руските противвоздушни системи беа ангажирани. Убедени сме дека сите наши проектили ги погодија нивните цели. А на крајот од секоја напаѓачка мисија, сите наши авиони безбедно се вратија во своите бази – изјави Мекензи, според кој сириската војска истрелала вкупно 40 проектили земја-воздух.
Од друга страна, Москва тврди дека сириската застарена колекција на противвоздушни системи „с-125“, „с-200“, „бук“, „квадрат“ и „оса“ успешно соборила мнозинство од сојузничките проектили.
– Според достапните информации, вкупно беа истрелани 103 крстосувачки проектили. Сириската воздушна одбрана, која во основа се состои од оружје од советскиот период, успешно одговори на нападите од авиони и бродови. Вкупно 71 проектил беа пресретнати – изјави Сергеј Рудској, шефот на главниот оперативен одел на рускиот генералштаб.
Сепак, „Нешнл интерес“ наведува дека руските тврдења се смешни.
– Всушност и најнапредните руски противвоздушни одбранбени системи, како што се „с-300в4“ и „с-400“, не се способни успешно да обезбедат безбедносно покривање од крстосувачки проектили. Крстосувачките проектили ја користат ниската висина на летање за да се скријат во сенката на радарското покривање, па дури и нешто како „с-400“ не може да понуди нешто повеќе од одбрана на една точка против крстосувачки проектили – пишува американскиот весник.