Педесет книги што секое дете треба да ги прочита

522

Книгата „Чарли и фабриката за чоколада“ е прва на списокот препораки, а потоа следуваат: „Алиса во земјата на чудата“, „Вини Пу“, „Островот со богатство“, „Авантурите на Хаклбери Фин“, „Хари Потер и каменот на мудроста“…

Книгата на Роалд Дал, „Чарли и фабриката на чоколада“, е прва на списокот на препораки на книги за деца, во избор на списанието „Сеинсбери“ (Sainsbury), а се однесува на младите читатели од Велика Британија и Ирска. Претходно консалтинг-бирото „Сенсесвајд“ (Censuswide) спроведе анкета во која учествуваа 2.000 родители од овие две држави. Татковците и мајките составија листа од 50 книги што би требало да бидат дел до училишната лектира и кои секое дете треба да ги прочита до својата 16-та година.

Можеби не би било лошо и родителите во нашата земја да направат нешто слично, за да им се доближи на децата читањето како инспирација, а не како императив или тешкотија. Притоа, програмата за училишна лектира веројатно би била поинаква од досегашната. Целта на овој проект е да се поттикнат младите да зачекорат во волшебниот свет на книгите, да го збогатат својот речник, да создаваат асоцијации, да ја развиваат фантазијата и да го прошират своето образование.
Во овие петнаесетина дена, колку што остануваат до почетокот на учебната година, доколку сте ги прочитале задолжителните лектири, одберете некој до насловите, повеќето од нив се преведени на македонски јазик и можете да ги најдете во библиотеките.

А на овој список има постари наслови, но и нови книги, како што е „Хари Потер и каменот на мудроста“, која се најде на 11-то место.
И конечно, драги деца, еве го списокот од 50 книги што, според родителите, кои, се разбира, некогаш биле мали, секое дете во Велика Британија и во Ирска треба да ги прочита до 16-та година.

1. „Чарли и фабриката за чоколада“ – Роалд Дал
2. „Алиса во земјата на чудата“ – Луис Керол
3. „Лавот, вештерката и креденецот“ – К.С. Луис
4. „Вини Пу“ – Александер Алан Милн
5. „Црниот убавец“ – Ана Сјуел
6. „Џемс и џиновската праска“ – Роалд Дал
7. „БФГ“ – Роалд Дал
8. „Мечето наречено Педингтон“ – Мајкл Бонд
9. „Островот со богатство“ – Роберт Луис Стивенсон
10. „Авантурите на Хаклбери Фин“ – Марк Твен
11. „Хари Потер и каменот на мудроста“ – Џ.К. Роулинг
12. „Матилда“ – Роалд Дал
13. „Децата од железничката пруга“ – Е. Несбит
14. „Пет пријатели на островот со богатство“ – Енид Блајтон
15. „Ветер во врбите“ – Кенет Грем
16. „Многу гладна гасеница“- Ерика Карл
17. „Книга за џунглата“ – Радјард Киплинг
18. „Мрежата на Шарлота“- Е.Б. Вајт
19. „Приказната за Петар Зецимир“ – Беатрис Потер
20. „Ридот Вотершип“ – Ричард Адамс
21. „Хобит“ – Џ.Р.Р. Толкин
22. „Хари Потер и реликвиите на смртта“ – Џ.К. Роулинг
23. „Господарот на мувите“ – Вилијам Голдинг
24. „Тајниот дневник на Адријан Мол“ – Сју Таунзенд
25. „Мачор во шапка“ – Д-р Сјус
26. „Тајната градина Френсис“- Хоџсон Бернет
27. „Дневникот на Ана Франк“
28. „Вештерки“ – Роалд Дал
29. „Волшебникот од Оз“ – Л. Френк Баум
30. „Момчето во пижами во риги“ – Џон Бојн
31. „Ана од зелените предели“ – Л.М. Монтгомери
32. „Тигарот што дојде на чај“ – Џудит Кер
33. „Зелени јајца и шунка“ – Д-р Сјус
34. „Денот на Трифидите“ – Џон Виндхем
35. „Бамби“ – Феликс Салтен
36. „Кога часовникот ќе отчука 13“ – Филипа Пирс
37. „Мала куќа во преријата“ – Лаура Ингалс Вајлдер
38. „Смешни коски“ – Џенет и Ален Алберг
39. „Таму каде што се дивите работи“ – Морис Сендак
40. „Војната на Керин“ – Нина Боден
41. „Чуден настан со куче среде ноќта“ – Марк Хедон
42. „Внукот на волшебникот“ – К.С. Луис
43. „Златен компас“ – Филип Пулман
44. „Доктор Дулитл“ – Хју Лофтинг
45. „Приказната за Трејси Бикер“ – Џеклин Вилсон
46. „Игри со глас“ – Сузан Колинс
47. „Љубопитниот Џорџ“ – Х.А. Реј
48. „Праска, јаболка и крушка“ – Џенет и Ален Адберг
49. „Големи очекувања“ – Чарлс Дикенс
50. „Оливер Твист“ – Чарлс Дикенс


Леле, каков „читател“!

На една глувчешка свадба
градскиот глушец – гост,
се фалел дека во градот
никогаш не држел пост.

– Наутро јадам – тој рекол –
по девет мачки во боја,
на ручек четири слона
и барем десет ноја.

Навечер – лесно да спијам,
изедувам по еден кит,
редовно јадам и пијам
и постојано сум сит!

Зинале гостите в чудо:
– Зарем е можно? Лажеш!
Сето тоа од каде го наоѓаш
можеш ли да кажеш?

– О, веднаш! – гостинот рекол,
засукал мустаќ сив –
Резерви имам со тони,
ќе имам дури сум жив!

Живеам во библиотеката
меѓу книжишта ред
и си грицкам од она што е –
најслатко на овој свет!

Киро Донев од книгата
„Било и се скрило“