Патот на богданчани до ветерниците

260

Веќе повеќе години ветерниците во Богданци постојат, но за богданчани тие се како некој волшебник да им се истоварил таму во месноста Погана. Скоро никој не знае што се случило таму, освен што ветерниците ги гледаат од далеку, патот до ветерниците е многу убав, но одењето до ветерниците не е дозволено. Зарем таков треба да биде контактот на населението со тој изум на човекот за искористување на природните ресурси? За малите од Богданци и од околните села тоа изгледа како нешто волшебно, и ако не е така тие би требало да можат од блиску да ги видат ветерниците, да им се восхитуваат, а со тоа и тие понатаму да ја развиваат својата имагинација за искористување на природата за човечките потреби. Сигурно би било многу возбудливо да застанеш покрај една ветерница од 80 метри. Да ја почувствуваат таа големина на ветерницата покрај височината на човек.

Од патот Гевгелија – Богданци се одвојува нов пат за ветерниците, пат што е двапати поубав од оној на богданчани до Гевгелија. Патот до ветерниците се користи исклучиво за транспорт на делови за ветерниците. Зошто не би се искористувал за посета на ветерниците? Ако претходно се одреди место до каде што би можеле да доаѓаат посетители до ветерниците, многу од нив што ја читале како деца или сега ќе ја читаат, ќе си ја доловат приказната од книгата на Сервантес. Треба да им ги приближиме ветерниците, преку кои ветерот ги покажува својата доброта, позитивната страна и своите потреби. Еден ден настава во природа и лекција за искористувањето на ветерот како природен ресурс за создавање електрична енергија, би бил многу корисен пример особено за децата од училиштата.

Вака, ветерот во Богданци и околните села е познат како „непријател“ за човекот, кој не само што носи студ, туку им прави и големи штети на граѓаните. Особено за тие што одгледуваат домати. Им ги крева најлоните од поставените топли леи. Кога е многу силен, знае да им го однесе најлонот и по стотина метри далеку или да им го искине. Ветерот во овој крај му е непријател на населението. Арно ама сега, веќе ни носи и некоја корист преку искористувањето на неговата силина за добивање електрична енергија. Дали луѓето од овие краеви ќе го променат мислењето за ветерот? Дали можеби ќе го слават поради добрините што ги носи знаејќи оти електричната струјата од него ќе ни ги топли становите, ќе ни ги вклучува телевизорите, компјутерите и ќе ни овозможува да го направиме ручекот.

Денес покрај ветерниците на Погана, богданчани би можеле да уживаат, да пијат ладни пијалаци, исто како покрај Дојранско Езеро, само што покрај ветерниците нема ни муви, ни комарци, во жешките летни денови. Месноста Погана не е веќе „давалија“.
Само ЕЛЕМ и општинските власти треба да ги приближат овие ветерници до населението, до нашите помлади сограѓани. Условите веќе треба да се создадат на Погана за посета на ветерниците, патот е врвен, треба да го искористиме и да им се покаже на децата од основните и од средните училишта, па и повозрасни граѓани што се заинтересирани. Потребни се мали инвестиции за одредување на просторот до каде што е дозволен пристап и неколку вработувања. Богданчани, кои се многу погодени од тоа што веќе им го нема „Млаз“, тоа некогаш познато транспортно претпријатие, од чии осумстотини возила не останало ниту едно, сепак се надеваат дека сега, со ветерниците, нештата ќе почнат да врват.

Стефан Поцев, професор во пензија