Патниците имаат право на обесштетување од туристичките агенции

1346

Здружението за угостителство и туризам бара лиценцата за туристичка дејност да се реобновува на периодот од две, односно три години и на тој начин да се врши поредовна контрола на процесот на исполнување на условите за работа

Пред почетокот на летната сезона, имајќи предвид дека неколку години наназад имавме измамени граѓани од туристичките агенции, неизбежно се наметнува прашањето како да се заштитат тие пред заминувањето на летен одмор. Упатените советуваат детално да се прочитаат општите услови за работење на компанијата и договорот што се склучува меѓу агенцијата и клиентот.

– Доколку договорот што треба да се склучи се повикува на општите услови на работење или општите договорни услови на агенцијата, истите тие задолжително треба да се побараат во форма, која ќе овозможи внимателно да се прочитаат, но и да се имаат како доказ доколку се појават проблеми со туристичкиот аранжман. Овие договорни одредби за кои посебно не се преговарало, а станале составен дел на договорот треба да се толкуваат секогаш во полза на потрошувачот како послаба страна, која не учествувала во нивно изготвување. Кога потрошувачот склучува договор порано од реализацијата на патувањето, треба да се информира за правилата до кога, и под кои услови може да се откаже од патувањето, и дали може да го пренесе договорот за патување на друг корисник – објаснуваат од Организацијата за заштита на потрошувачите.

Од ОПМ додаваат дека кога потрошувачот ќе склучи договор порано од реализацијата на патувањето треба да се информира и кога агенцијата може да го откаже туристичкиот аранжман и под кои услови. Исто така туристичката агенција во согласност со Законот за облигационите односи е обврзана да склучи договор со потрошувачот во кој ќе бидат јасно определени условите и начинот на давање на услугите. Покрај договорот, туристичката агенција на патникот е обврзана да му ги даде и следните документи: програма за патување, ваучер за патување и фискална сметка.
Туристичката агенција треба да поседува лиценца односно дозвола за работа, кои се делат на А и Б. На видно место во секоја туристичка агенција треба да бидат истакнати називот, работното време и кредитните односно дебитните картичките со кои може да се плати во туристичката агенција.

Сепак, упатените посочуваат дека проблемот со лиценците е што условите што треба да ги исполни една туристичка агенција се премногу едноставни и лесни, и истите тие не нудат голема сигурност дека агенцијата ќе може да работи соодветно во понатамошниот период откако ќе биде регистрирана.
– Поради овие причини наидуваме на многубројни поплаки од потрошувачи што се жалат по враќањето од агенции што се скоро формирани, но исто така и за брзо време се затвораат по што потрошувачот нема како и од каде да добие обесштетување кога претрпил штета. Поради овие причини сметаме дека треба да се најде решение што ќе биде прифатливо за сите засегнати страни, а ќе придонесе за подобра заштита на потрошувачите – велат од ОПМ.
Претставниците од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија истакнуваат дека континуирано ја следат имплементацијата на законската регулатива во дејноста на туризмот и угостителството и иницираат активности за да се направат измени и дополнувања во членови и делови од законите што се нефункционални.

– Законот за туристичка дејност предвидува дека туристичките агенции, кои добиваат лиценца за работа, А или Б во зависност од тоа кои од пропишаните законски услови ги исполнуваат, не подлежат на релиценцирање. Тоа значи дека во натамошното нивно функционирање контролата на работењето се прави единствено преку надлежните инспекциски служби. Во таа насока, а со намера заштита на патниците и задржување на рејтингот на туристичките агенции, кои работат во согласност со законските прописи на пазарот, Здружението за угостителство и туризам при комората веќе има иницирано неколку законски измени, кои сметаме дека ќе дадат уште поголема сигурност и верба во работата на агенциите – објаснува Даниела Михајловска-Василевска, од Стопанска комора на Македонија.

Михајловска-Василевска истакна дека здружението бара лиценцата за туристичка дејност да се реобновува на периодот од две, односно три години и на тој начин ќе се врши поредовна контрола на процесот на исполнување на условите за работа.
– Еден од проблемите исто така е што сега постои можност туристичката агенција, која добила лиценца Б да ги врши сите активности како лиценца А доколку е овластена од страна на туристичката агенција со А-лиценца, што исто така остава простор за непрофесионално работење. За да се воведе поголем ред, лојална конкуренција на пазарот и елиминирање на проблемите од непрофесионалност, здружението при комората бара дорегулирање и на други членови со кои ќе се дефинираат туроператори, односно организатори на патувањето и туристички агенции или продажни агенти, кои само ќе ги продаваат аранжманите изработени од туроператорите, односно организаторите на патувањето – објаснува Михајловска-Василевска.

Од СКМ додаваат дека во листата на предлог-измени и дополнувања на Законот за туристичка дејност, Здружението има доставено и други предлози, но според нив она што е многу важно е дека треба измени да претрпат општите услови за патување, за да се следат меѓународните прописи и стандарди, кои во согласност со трендовите претрпуваат измени и веќе во голема мера се некомпатибилни со условите за патување поставени во Законот за туристичка дејност.

Од Организацијата на потрошувачи, пак, истакнуваат дека во ситуации кога условите од договорот за организирање на патувањето се извршени нецелосно или неквалитетно, патникот може да бара сразмерно намалување на цената под услов да ставил писмен приговор до организаторот на патувањето во рок од 8 дена од денот на завршувањето на патувањето. Доколку организаторот на патувањето не му одговори во рок од 15 дена, или потрошувачот не е задоволен, може да се обрати во Државниот пазарен инспекторат заради заштита на своите права. Од ОПМ велат дека покрај проблемот со лесното стекнување лиценца, проблеми има и во случаите кога потрошувачот бара обесштетување по судски пат. Постапките за потрошувачки спорови се на исто ниво како и другите спорови.
– Сметаме дека воведување колективна заштита на потрошувачите како и алтернативно решавање спорови, ќе ги забрза и подобри овие постапки, кои траат долго и многу ги чинат граѓаните, поради што голем процент од нив уште на самиот почеток се откажуваат не сакајќи да влезат во уште поголеми трошоци – истакнуваат од ОПМ.