Панорама

24

Атина – Светиот синод на Грчката православна црква официјално ја призна автокефалноста на Украинската православна црква. Одлуката е донесена по барање на Вселенската патријаршија, а во гласањето на синодот учествуваа 80 епископи. Оваа одлука следува откако на 6 јануари годинава вселенскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул потпиша указ за автокефалност на Украинската православна црква. („Фокус“)

Загреб – Во рамките на кампањата „Ден без мобилни телефони во сообраќајот“, во Загреб е поставен нов вид семафор, која фрла светлина веднаш пред пешачкиот премин, за црвеното светло да го видат и оние пешаци и велосипедисти што се приближиле до крстосницата, но се фокусирани на своите телефони, а според истражувањата, дури 50 отсто од пешаците и 33 отсто од велосипедистите користат мобилни телефони додека преминуваат улица, а 20 отсто од нив не забележуваат дека на семафорите се вклучило црвено светло. (Хина)

Приштина – Вредноста на увезените производи од Србија изнесувала 3,3 милиони евра, додека истиот период минатата година изнесуваше 328 милиони евра. Овој пад од 99 отсто се должи од наметнатите царини од 100 отсто што претходната косовска влада на Рамуш Харадинај ги воведе за Србија и Босна и Херцеговина. (Танјуг)

Подгорица – Во Црна Гора, во 2018 година 99 лица извршиле самоубиство, со што се вброи меѓу 10 земји во Европа со најмногу самоубиства. Според податоците на Светската здравствена организација, во просек 110 граѓани во Црна Гора годишно извршуваат самоубиство, што претставува зголемување за 35 проценти од почетокот на 21 век, поради зголемениот број лица што страдаат од депресија и зависници од алкохол и дрога. („Дан“)


Бисер балкански

Од Ниш до Дрниш…

– Сосетката Колинда повторно ја присвои Херцеговина до Купрес, па повторно објаснуваше политички и стилски фигури и рима. Цитираме: „Хрватска од Вис до Купрес“, така таа римуваше. Звучи аматерски поетски, па оваа рима ќе ја анализираме исклучиво како таква – поетско промашување. Исто така, би звучеле аматерски и овие рими: „Италија од Трст до Трстеник“, „Србија од Ниш до Дрниш“, „Босна од Врсар до Пазар“ – коментар на телевизискиот водител Сенад Хаџифејзовиќ во централниот дневник на Фејс ТВ, како одговор на изјавата на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, по победата на фудбалската репрезентација на Хрватска, за тоа дека на стадионот во Сплит биле сите „Од Вис до Купрес, цела Хрватска“.