Панорама / Гренел преговарач, а не картограф

125

Подгорица – Лидерот на црногорската коалиција „Црно на бело“ Дритан Абазовиќ апелираше до граѓаните на Плевље, по завчерашните немири во овој град, дека нема причина за конфликти и дека секој треба да се обиде да испрати силна порака за толеранција. Плевље, како и Црна Гора, е дом на сите црногорски граѓани и никој од чесните и честити луѓе во нашата земја не треба да се плаши од кого било, кажа тој.
– Единствениот страв во оваа земја треба да го имаат луѓето што го прекршиле законот – нагласи Абазовиќ.
Тој се смета за клучен пратеник, чиј глас ќе одлучи дали ќе остане на власт сегашната коалиција предводена од ДПС или тоа ќе го направи сојузот од три опозициски блока, кои се надеваат на смена на Мило Ѓукановиќ. Абазовиќ е лидер на партијата УРА, кој има проевропска определби, но е противник на долгогодишното владеење на Ѓукановиќ. („Новости“)

Атина – Долгиот и обемен судски процес против партијата Златна зора се очекува да заврши до крајот на неделава, а конечните одлуки и пресудата за обвинетите, веројатно, ќе бидат соопштени во октомври, доколку сѐ оди според планот.
Судскиот процес за Златна зора почна на 20 април 2015 година во специјално адаптирана просторија во атинскиот затвор „Коридалос“. Главното обвинение е дека политичката партија всушност функционирала како криминална организација и дека стои зад низа инциденти, расистички напади, но и зад убиството на музичарот Павлос Фисас пред седум години. (МИА)


Бисер балкански

Гренел преговарач, а не картограф

– Се надевам дека Ричард Гренел, специјалниот пратеник на Белата куќа за дијалогот меѓу Србија и Косово, е преговарач – а не картограф. Идејата за менување на границите во намера за ублажување на политичките тензии и занимавањето со прашањата за малцинствата е погрешен пат. Тоа ќе ја отвори Пандорината кутија не само на Балканот туку и во широкиот регион. Во Европа има многу држави во кои живеат малцински групи, кои според законот имаат рамноправен третман со мнозинската заедница. Нема потреба од повлекување нови граници. Мислам дека тоа не е одржливо и добро решение за постигнување на мирот – рече Лук Кофи, политички експерт од конзервативната американска фондација „Херитиџ“, во изјава за „Глас на Америка“, во врска со претстојната средба на српската и на косовската делегација во Вашингтон.