Пад на ексклузивноста или превисоки очекувања

956

Помпезно најавуваните отворања на „Охридско лето“ последниве години пукаат како меур од сапуница, особено откако во 2009 година на сцената на Антички застана големиот Карерас. Организаторите на фестивалот „Охридско лето“ треба да ги следат очекувањата на публиката, колку и да се нескромни, затоа што ја научија на спектакуларни фестивалски отворања барем со едно светско музичко име

Врвна уметност низ 40 фестивалски дена, во кои ќе преовладуваат класичната музика и театарот како главен белег на фестивалот, најавуваат и годинава организаторите на најголемата и најзначајна културна манифестација во земјава „Охридско лето“, а нивна цел, како што велат, е да ги урнат рекордите на посетеност. Оттаму ветуваат дека, и покрај намалениот буџет, фестивалот ќе донесе необично и возбудливо издание и ќе го задржи квалитетот по кој е препознатлив изминативе 57 години.

Додаваат и дека интересот за настап на фестивалот е огромен, секојдневно пристигнуваат многу апликации од светски познати уметници, дека програмата веќе добива конечна рамка и наскоро ќе биде промовирана во јавноста. За свеченото отворање на 12 јули најавуваат настан што „ќе предизвика воодушевување кај публиката“, сѐ уште не откривајќи детали. Сепак, трошката сомнеж за квалитетот на уметниците за отворањето на фестивалот е сосема основана, особено ако се имаат предвид претходните неколку изданија на оваа музичко-сценска манифестација.

Лани на отворањето настапи американскиот џез-состав „Фор плеј“, кој повеќе од два часа ја забавуваше публиката во своите интерпретации, но, освен што првпат фестивалот беше отворен со џез-музика, ова отворање по многу нешта не остана запаметено како некои претходни години. Во 2016 година, пак, манифестацијата беше отворена со настап на оперската дива, мецосопранистката Елина Гаранча од Летонија, одлична певица без сомнение, но далеку од она на што публиката некогаш имала можност да присуствува. Претходно, како сензационално, музичко и театарско, витално и енергично шоу, дизајнирано за стручната, но и за пошироката публика, за љубителите на музиката и изведувачките уметности, организаторите на „Охридско лето 2015“ го најавија спектаклот – грандиозната „Кармина Бурана“, во продукција на шпанската компанија „Ла Фура делс Баус“.

И навистина Шпанците знаат да приредат вистински спектакл, не залудно токму ним им беше доверена задачата да ги отворат Олимписките игри во Барселона. Но раководството на фестивалот тогаш заборави да потсети дека веќе еднаш сме ги виделе во Антички – во 2011 година го отворија „Охридско лето“ со оркестарското дело „Трилогија романа“. Тогаш дури и спектаклот изостана, не затоа што компанијата не знае да го направи тоа, туку затоа што беше донесена продукција без живи актери на сцената, а перформансот се одвиваше на видеобим. Оттука се поставува прашањето дали зборот „спектакл“ е доволна мамка за едуцираната и информирана публика. Веројатно е добар маркетиншки трик, ама верната публика на „Охридско лето“ очекува нешто повеќе.

А најмногу од сѐ очекува да види ново име на сцената. Особено откако на таа иста сцена ги видела или слушнала некои од најзвучните имиња во светот на музичката класика: Зубин Мехта, Енио Мориконе, Хозе Карерас, Џеси Норман, Михаил Плетњов, Гидеон Кремер, Вадим Репин, Најџел Кенеди, Мстислав Ростопович, Максим Венгеров, Џулијан Рахлин, Хенрик Шеринг, Елена Обраскова, Катја Ричарели, Кшиштоф Пендерецки… Како да стивнува возбудата во пресрет на отворањата на фестивалот последниве неколку години, по настапот на Мориконе во 2009 година. Во 2014 г. ги слушнавме оперска дива Барбара Фритоли и познатиот баритон Лео Нучи со Македонската филхармонија, во 2013-та шармантниот Хворостовски, во 2012-та фестивалот го отвори претставата „Ромео и Јулија“ во режија на Дејан Пројковски, за 2011-та веќе споменав, а во 2010-та нашиот Симон Трпчевски во придружба на Рускиот национален оркестар. Далеку од тоа дека некои од нив не беа настапи за паметење и дека некои од гостите беа одлични, но многу е очигледен падот на ексклузивноста. На програмата има и многу гостувања на солисти и театри што повеќепати или барем еднаш досега биле на „Охридско лето“ (Николај Лугански, Един Карамазов, Вадим Репин, „Ту челос“…).

Театарот „Комисаржевска“ од Санкт Петербург, пак, веќе е своевиден декор на фестивалот – сме го виделе најмалку шест-седум пати. Кога вака ќе ги сумирате содржините, неизбежно е прашањето до организаторите за тоа како го креираат програмскиот концепт на фестивалот и дали притоа водат сметка за свежината на понудата. И конечно, зошто речиси секоја година има по неколку ансамбли или солисти што веќе биле во Охрид? Во оние неколку години до 2009-та фестивалот „Охридско лето“ како да се исправи на нозе, обновувајќи го реномето што го уживаше во 1970/1980 години, кои сѐ уште важат за „златни“ во неговата полувековна историја. Враќањето од неколкудецениската хибернација на фестивалот првпат го почувствуваме кога на сцената на Античкиот театар застана славниот тенор Хозе Карерас. Оттогаш, сосема разбирливо, и очекувањата на публиката, дури и кај онаа помалку пребирливата, пораснаа.

Публиката, по Карерас, сака секоја година на „Охридско лето“ да чуе барем еден уметник од ваков калибар. Токму затоа помпезно најавуваните отворања пукаат како меур од сапуница. Организаторите на фестивалот треба да ги следат очекувањата на публиката, колку и да се нескромни, затоа што ја научија на спектакуларни фестивалски отворања барем со едно светско музичко име. Затоа што не е доволно, уште помалку најважно, само да се уриваат рекорди на посетеност.