Охрид налето – редови пред шалтерите

178

Повеќе години имам стан во Охрид каде што со семејството минувам дел од летото. Охрид е навистина прекрасен, полн е со гости од разни страни. Но овој пат нема да пишувам за неговите убавини и климатски предности, туку сакам да обрнам внимание на нешто друго.

Имено, Охрид лете има двојно повеќе жители одошто на зима и тоа охриѓани што живеат во други градови, а налето доаѓаат во своето родно место, скопјани, битолчани, прилепчани, кумановци и други, кои имаат свои станови или куќи во околината. Сите тие овој период го користат да завршат некои работи, поправки на становите, да платат заостанати сметки, да одат во општината да решат некој комунален или урбанистички проблем и слично.

Но секоја година се повторува сликата за тешко остварување на потребите, особено на оние што доаѓаат однадвор. Градските служби се преполовени, за најмала ситница се чека со денови, ако не и со недели. Сосема е нормално дел од администрацијата да е на одмор, но лошо е што нема замени. Во Охрид налето, наместо да се зголемува бројот на шалтери за помош, тој се намалува. Ова е забележливо и кај банките каде што има долги редици и кај другите институции што работат со граѓаните. На новата самоуправа во Охрид ѝ препорачувам да размисли за овој проблем и да најде начин идната година да го надмине.

Стојан Крстевски, жител на Скопје