Отстапки, расправија или нешто трето

382

Светот и Европа со загриженост гледаат на исходот од разговорите помеѓу Путин и Трамп, средба на која се очекува да се најдат најжешките глобални политички теми, како ситуацијата во Сирија, Украина, Блискиот Исток, борбата против тероризмот, развојот на нуклеарното оружје, а се споменува дека може да стане збор и за Република Македонија

Очите на светската јавност вчера беа вперени во финската престолнина Хелсинки, каде што американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин разговараа за глобалните проблеми. Станува збор за прв самит помеѓу Путин и Трамп и прва нивна официјална средба по претседателските избори во САД во 2016 година, кои се обвиткани во контроверзии поради наводното мешање на Москва во корист на актуелниот шеф на Белата куќа. И додека двајцата лидери зад затворени врати разговараа за Сирија, Украина и нуклеарното оружје, некои американски експерти и бивши дипломати укажуваат на важноста на средбата, како и на можниот исход од разговорите во Хелсинки. Истовремено, според европските медиуми, Европа со загриженост гледа на исходот од разговорите помеѓу Путин и Трамп, стравувајќи дека Вашингтон може да направи отстапки кон Москва на сметка на европските интереси.

Светските медиуми оценуваат дека првата билатерална средба помеѓу двајцата лидери дејствуваше тензично, при што ракувањето траело само три секунди, како и тоа дека немаше ниту насмевки на лицата на Путин и Трамп. Сепак, пред работниот ручек меѓу претседателите, Трамп позитивно ја оцени средбата.
– Приватната средба беше многу добар почеток – порача Трамп.
За самитот немаше формална агенда, но, според сите очекувања, фокусот е кон Сирија, Украина, Блискиот Исток, тероризмот и нуклеарното оружје. Бившиот висок американски дипломат Денис Рос, кој беше дел од администрацијата на Џорџ Буш Постариот во текот на колапсот на Советскиот Сојуз, смета дека Трамп нема да го притисне Путин за наводното мешање во американските избори.
– Мораме да размислуваме во рамките на најдобар можен исход, бидејќи најдобар исход не е достапен, што значи дека Трамп нема да го притисне за мешањето во нашите избори и во изборите во другите земји. На менито не е ниту голема зделка за Крим и Украина, за Русија да го ограничи Иран во Сирија. Путин има сопствена верзија на Брежњевата доктрина: тоа што е негово или што може да се искористи како предност кон другите е неповратно и нема да го тргува за нешто што веќе го има – истакнува Рос.

Истовремено, Строт Талбот, заменик-шеф на американската дипломатија во мандатот на Бил Клинтон, смета дека најблиските советници на Трамп може да го задржат да не прави „пријателски работи“ со Путин. Исто така, според Талбот, тие може да го спречат дури и да сигнализира дека анексијата на Крим е во ред.
– Тоа е нешто што Трамп не смее да го направи. А тоа што можеби ќе го стори е да го испипа импулсот и да провери дали Путин ќе се согласи за продолжување на договорот Нов старт пред неговото истекување во 2021 година – додава Талбот.
Вилијам Барнс, кој беше американски амбасадор во Русија и заменик-државен секретар, оценува дека најдобар исход од самитот е хипократски – да не се предизвика штета провоцирајќи го Путин и неговата агресивност.
– Постои опасност Трамп да потпадне под една од двете илузии. Тоа е дека личниот рапорт може да го смени односот. Втората е дека големите зделки се на дофат. Истовремено, Путин, искусен професионалец, ќе игра со неговото его и неговите илузии – додава Барнс.

А, според бившите американски дипломати, кој е најлошиот можен исход од самитот? Стивен Хедли, кој беше советник за национална безбедност на Џорџ Буш Помладиот, укажува на две можни сценарија.
– Или комплетна расправија помеѓу двајцата лидери, што само дополнително ќе ги затруе односите помеѓу двете земји, или големи отстапки на САД за клучни прашања, како што се Крим, Сирија и европската безбедност. Не го очекувам ниту едното, ниту другото – заклучува Хедли.


„Базфид“: И Македонија е можна тема на разговор меѓу Путин и Трамп

Една од темите на разговор на средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин со неговиот американски колега Доналд Трамп во Хелсинки би можела да биде и Македонија, објави американски „Базфид“, а пренесе МИА, пред почетокот на самитот меѓу лидерите на двете земји.
– Од една страна, Путин би можел да изнесе идеја дека приемот на Северна Македонија во НАТО би можел да им наштети на американско-руските односи. Од друга страна, пак, земјата и не е толку важно прашање за Кремљ – посочува „Базфид“, цитирајќи ја Марија Снеговаја од Центарот за европски политики од Вашингтон.