Отровот „ланате“ е токсичен и за животните и за луѓето

203

Сопствениците на миленици во Македонија најчесто се соочуваат со труења од пестициди и инсектициди со широк спектар

Труењата се доста чести. Тие можат да бидат случајни и подметнати. Случајните труења настануваат во домот каде што милениците имаат контакт или случајно ингестираат дезинфициенси, детергенти, антифриз, киселини и други штетни хемикалии. Доста чести се и труењата со пестициди и инсектициди по прскање на земјоделски обработливи површини, особено во руралните подрачја.

– Поретко има случаи на ловечки кучиња кај кои настанало труење по консумирање отровни печурки. Најчест отров што се подметнува е „ланате“ (метомил). Самиот претставува инсектицид со широк спектар на дејство од групата карбамати. Исклучително е токсичен за животните и за луѓето, а престапниците најчесто го ставаат во мамки (салами, виршли, паштети) – вели докторот по ветеринарна медицина Дарко Кузмановски од Брвеница.

Според него, првично треба да се стапи во контакт со ветеринар или да се однесе животното во ветеринарна установа.
– Доколку ситуацијата дозволува треба да се открие изворот на труењето. Никогаш не треба да се предизвика животното да поврати, освен во случај кога тоа е првичниот совет од стручно лице. Доколку причината за труењето се силни киселини и други корозивни средства со актот на повраќање состојбата значително ќе се влоши – вели Кузмановски.

Сопствениците на миленици во Македонија најчесто се соочуваат со труења од пестициди и инсектициди со широк спектар.
– Она што може да се направи е сите места во домот каде што се чуваат опасни хемикалии да бидат недостапни за милениците. При прошетките на кучињата треба да се обрати посебно внимание да не земаат во уста ништо што ќе најдат по улиците или тревните површини, бидејќи може лесно да станат жртви на мамките со отров – предупредува ветеринарот.

Симптомите зависат од типот на отровот. Најчесто присутни симптоми се повраќање, пенење и лигавење од устата, силно треперење на мускулатурата, проширени зеници, некоординираност, екстремно покачување или паѓање на телесната температура, пролив итн.